- Локалните избори во Обединетото Кралство отворија многу повеќе прашања отколку што понудија одговори. Тие не беа само обична казна за владејачките лабуристи на премиерот Кир Стармер туку и силен политички сигнал дека низ Европа се случува длабока и структурна промена на политичкото расположение
- За издвојување е дека во Британија ова незадоволство доби и симболична димензија. По изборната победа, локални власти под контрола на Реформ УК почнаа да ги отстрануваат украинските знамиња од јавните институции! Тоа беше јасна политичка порака дека британските граѓани бараат фокусот повторно да се врати на сопствената држава и сопствените проблемиa
Во време кога европските либерални елити сè поотворено се групираат околу т.н. Коалиција на подготвените, политички и воено ориентиран блок што инсистира на долгорочна конфронтација со Русија и продолжување на воената и финансиска поддршка за Украина, значителен дел од европските граѓани почнува да испраќа поинаква порака, и тоа дека им е доста од идеолошките експерименти, геополитичките авантури и занемарувањето на внатрешните проблеми. Изборниот потрес во Британија можеби е само првиот голем сигнал за новиот европски политички циклус.
Крахот на традиционалниот британски двопартизам
На локалните избори во Обединетото Кралство најголем губитник беше Лабуристичката партија. Но поразот не ги заобиколи ниту конзервативците. Најголем победник стана Реформ УК (Reform UK), партијата на Најџел (Пол) Фараж, човекот што политички го обликуваше брегзит и со години предупредуваше дека британскиот политички систем се оддалечува од интересите на сопствените граѓани. Резултатите покажаа дека класичниот модел на британско двопартиско владеење е сериозно разнишан. Сè поизвесно е дека идниот британски парламент ќе биде многу пофрагментиран, со значително посилни суверенистички, национални и антиестаблишмент партии. Особено е значајно што растот на Реформ УК не е само протестен феномен туку одраз на подлабоко незадоволство од политичкиот центар, кој, според многумина гласачи, ги избришал суштинските разлики меѓу левицата и десницата. Во очите на голем дел од јавноста, традиционалните партии станале дел од ист политички механизам, и тоа елитистички, глобалистички и сè пооддалечен од реалниот живот.
Европа на незадоволните граѓани
Британските избори не се изолиран случај. Низ цела Европа расте поддршката за партии што медиумскиот и политичкиот естаблишмент често ги означува како „суверенистички“ „популистички“ или „евроскептични“. Во Франција, политичкиот блок околу Марин Ле Пен веќе сериозно се подготвува за претседателските избори. Натаму, во Германија, Алтернатива за Германија (АфД) продолжува да ја зголемува поддршката и врши силен притисок врз владејачката коалиција. Во Италија, Џорџа Мелони одамна ја легитимираше суверенистичката политика како дел од европскиот мејнстрим. Во Централна Европа, сè погласни се политичките сили што бараат враќање на националниот суверенитет и ограничување на влијанието на Брисел. Она што пред една деценија се сметаше за периферен политички тренд, денес прераснува во сериозна трансформација на европскиот политички пејзаж.
Коалицијата на подготвените и заморот од војната
Особено важен фактор во оваа промена е односот кон војната во Украина и кон Русија. Британскиот премиерот Стармер последните месеци беше меѓу најгласните европски лидери во поддршката на Украина и активно учествуваше во т.н. Коалиција на подготвените (група европски држави што се залагаат за продолжување и интензивирање на политичкиот, финансискиот и воениот ангажман против Русија). Но токму тука почнува судирот меѓу елитите и граѓаните. Сè повеќе луѓе во Европа чувствуваат дека нивните влади се преокупирани со геополитички стратегии, додека домашните проблеми стануваат сè подлабоки. Европските граѓани сѐ погласно обрнуваат внимание на раст на цените и инфлацијата, криза со домувањето, миграциски притисок, безбедносни проблеми, слабеење на индустријата (деиндустријализација), незадоволство кај работниците и земјоделците, пад на довербата во институциите…
За издвојување е дека во Британија ова незадоволство доби и симболична димензија. По изборната победа, локални власти под контрола на Реформ УК почнаа да ги отстрануваат украинските знамиња од јавните институции! Тоа беше јасна политичка порака дека британските граѓани бараат фокусот повторно да се врати на сопствената држава и сопствените проблеми.
Европа пред нов историски циклус
Сè укажува дека Европа влегува во период на длабока политичка реконфигурација. Прашањето повеќе не е дали ќе се случат промени, туку колку длабоки ќе бидат тие. Дали Европската Унија ќе продолжи по патот на централизација, милитаризација и геополитичка конфронтација или ќе се појави нов модел заснован врз национален суверенитет и прагматичен мир? Британските избори покажаа дека голем дел од граѓаните повеќе не сакаат политика водена од идеолошки центри на моќ, туку држави што ќе се занимаваат со сопствените народи, економии и иднина. Токму затоа локалните избори во Британија можеби ќе останат запаметени не како обичен политички пораз на една влада, туку како почеток на поширок европски пресврт. Р.С.
Во Шкотска, Велс и во Северна Ирска повторно се отвора прашањето за сукцесија на Обединетото Кралство
Дополнителен удар за британскиот политички центар претставува и зајакнувањето на националистичките партии во Шкотска, Велс и во Северна Ирска. Во Шкотска повторно доминираше Националната партија на Шкотска, која отворено се залага за независност. Резултатите повторно ја отворија дебатата за можен нов референдум за отцепување. Во заднина се чувствува и подлабок културен конфликт. Голем дел од шкотските и ирските гласачи сметаат дека британскиот политички и општествен модел се движи кон радикален мултикултурализам и губење на традиционалниот национален идентитет. Истовремено, растот на англискиот суверенизам и национализам создава дополнителни тензии меѓу Лондон и периферијата. Р.С.
Кризата на европскиот либерализам
Европските либерални елити денес се соочуваат со можеби најголемата политичка криза по Студената војна. Веќе со децении, европскиот проект беше граден врз неколку клучни идеи, и тоа постнационален идентитет, отворени граници, глобализација, транснационално управување, либерален интервенционизам… Но денес токму тие концепти се доведуваат во прашање од самите граѓани. Голем дел од европската јавност чувствува дека политичките елити станале затворен систем што не ги слуша реалните проблеми на населението. Наместо економска стабилност и социјална сигурност, Европа доби енергетска криза, индустриско слабеење, миграциски притисок и растечки геополитички конфликти. Во таква атмосфера, партиите што зборуваат за национален суверенитет, контрола на миграцијата, енергетска независност и мир со Русија добиваат сè поголема поддршка. Р.С.

Над 50 лабуристички пратеници бараат оставка од Стармер
Повеќе од 50 пратеници од редовите на лабуристите досега го повикаа британскиот премиер Кир Стармер да поднесе оставка. Згора на тоа, пратеничката Кетрин Вест побара Стармер да одреди рок за избор на нов лидер во септември, јавуваат британските медиуми.
Последните лабуристи што побараа Стармер да се повлече се Алекс Болинџер и Тоња Антониаци.
– Ќе има и такви што нема да се согласат со мене, но мислам дека навистина е време тој на достоинствен начин да се повлече од функцијата премиер – напиша Антониаци на социјалните мрежи.
Вкупно 16 члена на парламентот ги додале своите имиња на списокот на оние што бараат Стармер да си замине, откако тој го одржа својот последен говор во кој вети дека нема да се откаже и дека ќе продолжи да се бори.
Британскиот премиер вчера вети дека ќе продолжи со борбата и изјави дека неговата влада е „проект за 10 години“, и покрај повиците за оставка по тешкиот пораз на неговата партија на локалните избори претходно оваа недела.
Лабуристичката партија на Стармер го забележа најлошиот резултат на една владејачка партија на локални избори во повеќе од три децении, што поттикна сè поголем број пратеници да бараат негова смена, пренесува „Ројтерс“.
Доколку Стармер биде сменет во наредните недели, Велика Британија ќе го добие седмиот премиер во последната деценија. Р.С.
Македонија меѓу старата Европа и новиот суверенистички бран
Политичките потреси што денес ја зафаќаат Европа имаат директно значење и за Македонија. Во изминатите три децении, македонската држава беше изложена на постојани политички притисоци, уцени и условувања од центрите на моќ во Брисел и од влијателни западни политички кругови, сè со образложение дека тоа е неопходна цена за „европска интеграција“.
– Македонија направи отстапки какви што ретко направила која било европска држава во современата историја. Го промени државното знаме, го промени уставното име, прифати ревизии на сопствената историја и постепено се оттурнуваше од античко-македонското историско наследство како дел од својот национален континуитет. Истовремено, македонското прашање во соседните држави беше речиси целосно маргинализирано, а Македонците надвор од границите на државата останаа без сериозна институционална и дипломатска заштита. Сето тоа се случуваше во време кога европските либерални елити проповедаа постнационален модел на Европа, во кој националниот идентитет, историската меморија и државниот суверенитет постепено требаше да бидат заменети со наднационални политички конструкции. Но токму тој концепт денес влегува во длабока криза – велат нашите соговорници.
Новите суверенистички движења што се појавуваат низ Европа претставуваат суштинска спротивност на политиките на денационализација и идентитетско разградување. Тие бараат враќање на суверенитетот кај националните држави, заштита на културниот и историскиот идентитет, контрола врз сопствените институции и отпор кон политиката на постојани надворешни диктати.
– Во еден ваков нов амбиент, Македонија мора внимателно да ја преиспита својата долгорочна национална стратегија. Наместо политика на бескрајни отстапки без јасни гаранции, државата треба да гради односи со оние европски сили и политички движења што го почитуваат принципот на суверенитет, неделивост и рамноправност на државите. За Македонија клучно прашање останува зачувувањето на националниот и државниот субјективитет. Тоа подразбира целосно и недвосмислено признавање на македонскиот јазик, култура, историски континуитет и правото македонскиот народ самостојно да го дефинира сопствениот идентитет – издвојуваат нашите соговорници, универзитетски професори, правници, политиколози и историчари.
Сè погласните суверенистички тенденции во Европа можат да отворат простор за нова политичка реалност во која малите народи повеќе нема да бидат принудувани да се откажуваат од сопствените обележја за да добијат меѓународна легитимност. Македонија затоа мора да биде подготвена за времето што доаѓа, време во кое повторно ќе се вреднуваат државниот суверенитет, националното достоинство и правото на секој народ слободно да ги зачува своето име, историја и идентитет. Р.С.
































