Првичната идеја и либретото за проектот „Хипхопот е на улица“ се на Билјана Грозданова, додека сите кореографии ги подготви Ана Балова. Тие изразуваат благодарност до локалната самоуправа во Кавадарци, која финансиски го поддржа проектот, до родителите на танчарите, кои како и досега ја дадоа својата безрезервна поддршка, и секако до своите ученици, кои и овој пат се покажаа во најдобро светло
Танцувачка филмска приказна оживеа пред публиката
Вистински танцувачки спектакл со учество на вкупно 90 танцувачи, а тоа се сите членови на балетското студио „Венус“, минатиот вторник имаше можност да погледне многубројната кавадаречка публика. За сите присутни тоа беше неверојатно доживување, кое од почетокот до крајот го проследија во еден здив. Танцот на улица и жарот со кој беше изведен кај публиката предизвикаа огромно внимание бидејќи овозможија присутните да го доживеат градот од еден поинаков урбан агол, кој дефинитивно му недостигаше.
Станува збор за танцувачкиот проект „Хипхопот е на улица“ на балетското студио „Венус“, предводено од кореографите Билјана Грозданова и Ана Балова, кое работи во рамките на здружението на граѓани „Сцена прва“ од Кавадарци. Местото на случувањето беа „Центар кафе“ и градскиот плоштад, во една прекрасна атмосфера каде што се чувствуваше позитивна енергија. Самите танцувачи, охрабрени од многубројната публика и бурните аплаузи, дадоа сѐ од себе танцувачкиот перформанс да биде нешто незаборавно.
– Проектот „Хипхопот е на улица“ ѝ овозможи на публиката 40 минути прекрасно доживување и можност првпат да гледа претставување танчарски битки, групни, дуети и соло на 90 учесници танчари, кои го пренесоа либретото преку игра, почнувајќи од локалното кафуле, а приказната заврши на градскиот плоштад. Всушност, главниот дел се случуваше на плоштадот каде што преку танчарски битки ја доловија атмосферата на хипхопот каде што, всушност, му е вистинското место. За публиката ова беше досега невидено доживување, судејќи според коментарите по претставата. Луѓето велеа дека се почувствувале како дел од една танцувачка филмска приказна – вели кореографката Ана Балова.
Првичната идеја и либретото за проектот „Хипхопот е на улица“ се на Билјана Грозданова, додека сите кореографии ги подготви Ана Балова. Тие изразуваат благодарност до локалната самоуправа во Кавадарци, која финансиски го поддржа проектот, до родителите на танчарите, кои како и досега ја дадоа својата безрезервна поддршка, и секако до своите ученици, кои и овој пат се покажаа во најдобро светло.
Балетското студио „Венус“, во кое членуваат млади танчари, работи веќе цели три децении во Кавадарци и е дел од сите позначајни културни збиднувања во градот, претставувајќи секогаш нови идеи за масовни настапи, кои оставаат силен впечаток кај публиката. Податокот дека за нивните концерти со кои двапати во годината целосно се претставуваат, вклучувајќи ги најмалите членови, кои имаат само четири години, и највозрасните, секогаш се бара билет повеќе, кажува дека тие успеваат во своите редови секогаш да анимираат нови и нови вљубеници во магијата на танцот. Значајно е да се спомене дека нивните витрини се полни со награди, пехари и признанија бидејќи континуирано се дел од државните и меѓународните натпревари и постигнуваат високи резултати. Само до крајот на оваа година за само два месеца им претстојат натпреварите во Скопје, Перник и во Банско во Бугарија, потоа кореографиите за детскиот фестивал „Гроздоберче“ и, се разбира, завршниот целовечерен концерт – вели кореографката Билјана Грозданова.