Во просторот на балетската сала при Македонскиот народен театар премиерно се одигра претставата „Бакхи: Агава“, според Еврипид и Тамара Барачков. Агава е ликот за кој се зборува, а нејзиното однесување е предмет на толкување и прераскажување на другите машки ликови. По чедоморството, Агава прозборува само во последниот чин. Но злосторството го прави во состојба на занес и транс, таа не е во состојба рационално да ги процесира и вербализира сопствените постапки. Според авторот Барачков, токму затоа, во процесот на развивањето на овој текст, во кој гласот и централниот простор ѝ се даваат на Агава, се дефинира коренот на нејзините проблеми и незадоволство. Се поставува и прашањето која е оваа жена денес.
Во претставата се користат и стиховите од песната „Мама е глагол од глаголот работи“ на Момчило Одаловиќ.
Улогите ги играат Симона Спировска – Агава; Александар Михајловски – Пентеј, а актерите Григор Јовановски – Дионис, Марија Кеврекиду, Ана Марија Бутниок, Афродита Атанасопулу и Дарја Ризова се со снимени гласови. Сценограф е Ангел Петровски, костимограф е Ивана Каранфиловска-Угуровска, дизајнер на звук е Александар Арсиќ и дизајнери на светло Даниела Атанасова и Горјан Темелкоски.
Претставата е во режија на Нина Николиќ, која на сцената на МНТ ги постави и претставите „Народен непријател“ (2022), „Нема да биде крај на светот“ (2021), „Отело“ (2019), „Галеб“ (2018) и „Разговори во четири очи“ (2015).
Претставата е копродукциски проект помеѓу: „Перипетија продукција“ – Скопје, РСМ НУ Македонски народен театар и Градски театар од Јанина, Р Грција.