Академијата ја објави проширената листа на кандидати за „оскар“

Во пресрет на 95-то доделување на престижната награда, Американската академија за филмски уметности и науки ја објави проширената листа на номинирани филмови во десет категории за „оскар“. За жал, македонскиот филм „Најсреќниот човек на светот“, во режија на Теона Стругар Митевска, кој беше годинaшен македонски кандидат за „оскар“ за најдобар долгометражен интернационален филм, не успеа да влезе меѓу 15-те избрани филма. Од филмовите на оваа листа, само пет ќе се натпреваруваат за „оскар“ во категоријата најдобар странски филм.
На проширената листа на кандидати за првпат се најде Пакистан, со филмот „Џојленд“. Тоа е првиот пакистански филм прикажан во Кан, каде што ја доби наградата на жирито во селекцијата „Извесен поглед“, како и „Квир палма“. По долго време, има и филм од Индија („Лагаан“ беше последниот индиски филм во проширената селекција во 2001 година), а на проширената листа на кандидати се најдоа и филмови од Мароко, Камбоџа, Ирска и Аргентина, како и големиот епски антивоен филм на Нетфликс „Сите тивки на западниот фронт“.
Три филма на проширената листа на кандидати за „оскар“ во категоријата за најдобар меѓународен игран филм се режирани од жени – на листата се Алиса Диоп со францускиот филм „Сент Омер“, Мари Кројцер со австрискиот „Корсаж“ и Мерјам Тузани со мароканскиот филм „Синиот кафтан“. Мексиканецот Алехандро Гонзалес Ињариту е номиниран по третпат во категоријата за најдобар меѓународен игран филм, со филмот „Бардо“, откако веќе беше номиниран во истата категорија со филмовите „Бјутофул“ во 2010 година и „Аморес перос“ во 2000 година.
Членовите на Академијата се обврзани да ги гледаат сите филмови од проширената листа на кандидати, за номинации ќе гласаат од 12 до 17 јануари во новата година, а ќе бидат објавени на 24 јануари. Церемонијата ќе се одржи во Холивуд, на 12 март 2023 година.
На листата се најдоа: „Аргентина 1985“ (Аргентина), „Корсаж“ (Австрија), „Блиску“ (Белгија), „Враќање во Сеул“ (Камбоџа), „Светиот пајак“ (Данска), „Сент Омер“ (Франција), „Сите тивки на западниот фронт“ (Германија), „Последното филмско шоу“ (Индија), „Молчаливото девојче“ (Ирска), „Бардо“ (Мексико), „Синиот кафтан“ (Мароко), „Џојленд“ (Пакистан), „ЕО“ (Полска), „Одлука за заминување“ (Јужна Кореја) и „Каиро конспираси“ (Шведска).
Како што е познато, одлуката за филмот на Теона Стругар Митевска, „Најсреќниот човек на светот“, да биде национален кандидат за „оскар“ ја донесе Комисијата за избор при Друштвото на филмските работници на Македонија, прифатена и одобрена од Американската академија за подвижни слики, уметност и наука, во состав на Игор Иванов, режисер и претседател на комисијата, Бранко Петровски, продуцент, Марија Димитрова, продуцентка, Куштрим Бектеши, режисер, Милка Анчевска, кастинг-директорка, Милан Тоциновски, монтажер, Сандра Чевреска, сценографка, и Валдета Исмаили, актерка. Во конкуренција за кандидатурата беа и филмовите „Снежана на крајот умира“, во режија на Кристијан Ристески, „Кајмак“, во режија на Милчо Манчевски, и „Мими“, во режија на Даријан Пејовски.
Членовите на комисијата, според статутот на Друштвото на филмските работници на Македонија, ги избира претседателот на друштвото Игор Иванов, а изборот на членовите го одобрува Американската академија за подвижни слики, уметност и наука. Во комисијата е дозволено да членуваат филмски професионалци што се активно вклучени во производство на филмови, како што се режисери, актери, монтажери, филмски композитори, сценографи и други филмски работници. Членови на комисијата не можат да бидат професионалци што немаат директно учество во производството на филм, како што се филмски критичари и други професионалци. Друштвото на филмските работници на Македонија е задолжено за избор на македонскиот кандидат за наградата „оскар“ за најдобар долгометражен интернационален филм од самото осамостојување на државата, кога од Американската академија за подвижни слики беше препознаено како единствена релевантна институција за комуникација, селекција и кандидатура на македонски претставник за наградата.

В.Д.