Фото: Пиксабеј

Турска авиокомпанија објави дека во своите авиони воведува „зони без деца“, што предизвика огромна дебата на интернет. Додека некои ја поддржуваат оваа идеја, други сметаат дека е чудна и неприфатлива.
– Авиокомпаниите очигледно размислуваат да воведат зони без деца во авионите, но навистина е тажно колку малку луѓето имаат толеранција за бебињата и децата. Толку многу што се однесуваат како да не припаѓаат во јавноста – се вели во објавата со која беше почната дебатата.
Стотици луѓе го споделија своето мислење на оваа тема.
– Забележав како луѓето им се лутат на децата во јавноста повеќе од кога било досега. Обично ќе им се насмеат, но сега тоа се менува. Чудно е и тажно – напишала една личност.

Има и такви што веруваат дека денешните родители не ги учат своите деца како да се однесуваат во јавност.
– Мислам дека сето она што се случува е мотивирано од промените во родителството. Кога бев тинејџер, децата беа воспитувани сосема пристојно. Денес има сè повеќе немирни деца, а нивните родители не се симнуваат од мобилните – стои во еден од коментарите.
Наместо да се жалите на луѓето што лошо реагираат на однесувањето на децата, фокусирајте се да ги научите вашите деца како да се однесуваат во јавност, се согласи друго лице под објавата.
Компанијата „Корендон“ откри дека делови од нивните авиони ќе бидат наменети само за возрасни, што значи дека во нив ќе им биде забранет влезот на малите деца. На летовите меѓу Амстердам и островот Курасао, предниот дел на авионот е веќе физички одвоен од остатокот од авионот.

– Ѕидовите и завесите создаваат заштитена средина, која придонесува за мирен и релаксиран лет – објаснуваат од компанијата, додавајќи дека има девет ХЛ-седишта со дополнителен простор за нозете и 93 стандардни седишта во зоната за возрасни.