Филмот „100 работи“ го отвора 14-от фестивал на Новиот германски филм во киното „Милениум“, каде што ќе гледаме филм за тоа колку материјалниот свет нè поседува нас или ние го поседуваме него. По отворањето, фестивалот ќе биде на репертоарот во киното „Фросина“, од 3 до 6 мај, во Скопје, а потоа ќе патува во киносалите низ земјата: Кавадарци, Куманово, Гевгелија, Прилеп, Охрид, Радовиш, Штип, Тетово и Битола.

Како и секоја година, селекторите на фестивалот се обидоа да дадат разновиден пресек на современиот филм во Германија, носејќи ѝ на македонската публика драма, трагикомедија и комедија, семеен филм, детски, документарен и серија кратки филмови. Филмовите се грижливо избрани, за да задоволат многу вкусови, некои од нив се навистина ексклузивни, со огромен успех на филмските фестивали, а еден од нив беше и во конкуренција за наградата „златна мечка“ на престижното „Берлинале“.

Она што е премиерно кај ова издание на фестивалот не се само филмовите што прв пат ќе ги видиме во киносалите туку и заложбата на германската амбасада да донесе претставници од светот на филмот во Македонија, а тоа се Хајнц Херманс, директор на берлинскиот фестивал за кратки филмови „Интерфилм“, и Алета вон Фитингхоф, позната филмска монтажерка од Берлин. Тие ќе имаат предавања и ќе одржат работилници со студентите по филмска уметност и ќе се сретнат со сите заинтересирани филмски работници во земјата. На самото отворање на фестивалот, тие ќе ѝ се претстават на публиката, а обраќање до публиката ќе има и амбасадорот на CР Германија во Македонија, Томас Герберих.

Фестивалот редовно селектира филмови што отвораат општествени размислувања и теми, нѐ ангажира, а со тоа почнува и да нè менува.