Сегашниот систем на управување повеќе не е во состојба да се справи со одлуките што треба да се донесат и да ги балансира гласовите што треба да се слушнат, вели генералниот секретар на ФИФПРО, Јонас Баер-Хофман

Светскиот синдикат на фудбалерите (ФИФПРО) и Европските лиги (ЕЛ), кои ги претставуваат домашните фудбалски натпреварувања, сакаат целосна реформа во управувањето со европскиот фудбал. Тие две тела потпишаа манифест за управување, за поставување стандарди, поголема застапеност на играчите, лигите и на гледачите на највисоко ниво, пишува весникот „Гардијан“.
Во „договорените принципи“ на манифестот се наведува дека „сите засегнати страни (вклучувајќи ги сите професионални клубови, федерации и гледачи) споделуваат заедничка одговорност за структурите на колективното управување и затоа треба да имаат соодветна вклученост, застапеност и влијание врз прашања од легитимни интереси во владеењето со европскиот фудбал“. ФИФПРО има 31 здружен европски национален сојуз на играчи, а Европските лиги претставуваат 32 домашни првенства, што ги прави два од најважните чинители во име на вработените и работодавачите.
Се претпоставува дека ова е предизвик за системот на управување на Европската фудбалска унија (УЕФА), според кој, претставници на играчите и на лигите, како и на гледачите, недостигаат или се недоволно застапени во клучните комисии, особено кога се споредува со застапеноста што ја имаат најголемите европски клубови и Европската клупска асоцијација (ЕКА), пишува „Гардијан“.

Европските лиги имаат едно место во Извршниот комитет (ИК) на УЕФА, а ЕКА две. Советот за фудбалска стратегија, кој има рамноправно членство меѓу УЕФА, клубовите, лигите и ФИФПРО, не се состанал повеќе од две години.
На Форумот за политики на ФИФПРО одржан во Брисел, имаше претставници од повеќе лиги, но не и од УЕФА и од ЕКА.
– Сегашниот систем на управување повеќе не е во состојба да се справи со одлуките што треба да се донесат и да ги балансира гласовите што треба да се слушнат. Некои од клубовите со најголемо влијание беа оние што сакаа да се отцепат, а оние што најмалку се прашуваа даваа отпор. Мислам дека сето тоа ни кажува нешто. Постои хипервнимание за комерцијалните работи, но подобрување на одлуките во управувањето практично е невозможно. Едностраните одлуки треба да се заменат со заедничко управување – вели генералниот секретар на ФИФПРО, Јонас Баер-Хофман.