„Сврзаните садови“ засега сѐ уште „разврзани“

Зголемувањето на општиот обем на производството на стоките и услугите во економијата е резултат на дејствувањето на збир на фактори кои, пак, се поврзани како „сврзани садови“ и влијаат еден на друг и во растечка, но и во опаѓачка насока. Имено, растот на економијата, односно стопанството, ќе биде раст на вкупно произведените финални добра и услуги. Тоа ќе овозможи пораст на животниот
стандард на сите граѓани, а тоа ќе се постигне со добро осмислени и испланирани мерки што ќе ги поттикнуваат стопанството и вработувањата…

Како да продолжи падот на невработеноста или како да се зголеми ангажираноста на работоспособното население во работените процеси, е еден од проблемите што се наметнуваат над македонската економија. Барањето работа, но и потрагата по соодветен работник се долгогодишни проблеми што се присутни во нашето секојдневие. Од една страна работодавачите се жалат на слабата обученост на работниците за позицијата за која се бара кадар, а од друга страна голем број граѓани тешко успеваат да најдат работа или, пак, да ја променат постојната. Разидувањето меѓу потребите и понудата на пазарот на трудот е долгогодишен проблем, за кој институциите се обидуваат со разни мерки или проекти да најдат соодветни решенија, решенија што ќе водат кон поголема ангажираност на работниците, односно кон намалување на невработеноста.
Во вториот квартал од оваа година невработеноста во земјава, во согласност со податоците што ги објавува Државниот завод за статистика, изнесува 15,9 проценти, при стапка на активност од 56,2 отсто, додека вработеноста достигнува 47,3 проценти. Спротивно на нашата земја, просекот за невработеност во Европа е шест проценти. Македонија многу години се бореше со уште повисоки стапки на невработеност, кои последниве години се во постојан пад и покрај пандемијата на ковид-19, која ја зафати нашата земја, како и целиот свет.
Пандемијата ги влоши состојбите во економијата и сосема очекувано се одрази и врз работниците, па голем број работни места и покрај преземените мерки беа изгубени. Од почетокот на здравствената криза, надлежните најавија и спроведоа неколку различни мерки, меѓу кои најголемо внимание привлекоа пакетите мерки за поддршка на платите.
Наспроти ваквите директни финансиски поддршки за компаниите за спас на работните места, владините институции спроведуваат повеќе мерки што се насочени токму кон поттикнување на вработувањата.

Преку Министерството за труд и социјална политика се спроведува Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2021 година, за кој на почетокот на годината беа обезбедени една милијарда 516 милиони денари, а во согласност со најавите, со него беше планирано да се вработат 10.279 лица. Деновиве оперативниот план беше проширен со дополнителни средства во износ од 284.960.000 денари за да се зајакне пристапот до активните политики за пазарот на трудот и со нив треба да се зголеми опфатот на корисниците на програмите за вработување за 1.216 невработени лица.
Преку оперативниот план е предвидена поддршка за самовработување (претприемништво), потоа за мерката субвенционирање на платите за невработени лица, за имплементација на нова пилот-мерка за субвенционирање на платите во текстилниот сектор во источниот плански регион, како и за мерката вработување и раст на правните субјекти.
Некои од мерките што целат кон зголемување на вработувањата, односно кон помош на невработените лица да дојдат до работа или да започнат сопствен бизнис, се спроведуваат преку Агенцијата за вработување, на чија веб-страница можат да се откријат деталите за мерката практикантство, потоа за мерката обука за стручни квалификации според барање на работодавачите, исто така и за поддршка за претприемништво и формирање правни субјекти даватели на услуги за грижа во заедницата. Преку агенцијата има посебен сегмент за кредитирање правни субјекти во 2021 г., чиј рок за аплицирање завршува денеска, но и кредити за самовработување, потоа обука за побарувани занимања, како и обука на работно место за познат работодавач…

Освен ваквите мерки, има повеќе типови поддршка за земјоделството, како сектор што е значаен за домашно производство на храна, каде што се предвидени и се даваат повеќе типови субвенции зависно од типот на производството, а има посебни мерки и за поддршка на младите лица што би сакале да се занимаваат со оваа дејност.
Бројноста на мерките покажува дека државата и институциите посветуваат големо внимание на потребите на стопанството, но и на граѓаните, во насока на нивна доедукација или поддршка за неопходна обука во одредена компанија, сѐ со цел да се пронајдат работниците и работодавачите меѓусебно, а на тој начин и да се зголеми вработеноста во земјава. Дополнително, Владата најавува и План за забрзан економски раст до 2026 година, чија главна цел е економски раст од пет проценти, што, секако, би требало да резултира и со поголема вработеност.
Од досегашните мерки насочени кон зголемување на вработеноста или, пак, кон поголемо поврзување меѓу работниците и работодавачите, дуалното образование, според стопанствениците, ги дава посакуваните резултати, како и преквалификацијата. Ова покажува дека останува потребата од подобар образовен систем со кој ќе може да се креираат неопходни кадри за стопанството, кои веднаш ќе може да се приклучат во еден работен процес, без да им бидат потребни дообуки.
Растот на економијата ќе биде раст за животниот стандард на сите граѓани, а тоа ќе се постигне со добро осмислени и испланирани мерки што ќе ги поттикнуваат стопанството и вработувањата.