Два тима од Англија, Арсенал и Челси, и по еден од Шпанија и од Германија, Валенсија и Ајнтрахт се пласираа во полуфиналето на фудбалската Лига Европа (ЛЕ) и ќе играат за трофејот и за пласман во Лигата на шампионите (ЛШ) следната сезона.
Најпријатното изненадување, секако, е Ајнтрахт чиј триумфален пат во ЛЕ на официјалната клупска интернет-страница беше означен како „лудилото продолжува: полуфинале“, а во медиумите „тие што не му посакуваат успех на Ајнтрахт на евромечевите, никогаш не сакале фудбал“. Локалниот весник „Алгемајне цајтунг“, годинашната кампања на ланскиот победник во Купот на Германија, сега четврти во Бундес-лигата, ја означи како најзначајна по 1980 година, кога го освои тогашниот Куп на УЕФА (сега ЛЕ).

Ајнтрахт успеа да го надомести дефицитот од два гола од првиот четвртфинален меч против Бенфика (во Лисабон беше 2-4), двојниот финалист во ова натпреварување, од 2013 и 2014-та, и да триумфира со 2-0 дома, каде што загубил само еднаш на последните 20 европски натпревари. Противник на Ајнтрахт во полуфиналето ќе му биде Челси, кој ја совлада прашка Славија во двата меча (4-3 и 1-0). Челси, кој е првиот англиски тим што забележал 11 победи во една сезона во европска конкуренција (од тоа шест победи во нокаут-фазата), го израмни рекордот на Атлетико од 15 меча по ред без пораз.

Арсенал, во чии редови е и македонскиот интернационалец, голманот Дејан Илиев, втора сезона по ред е полуфиналист во ЛЕ, по двете победи над Наполи (2-0 и 1-0). Менаџерот, Шпанецот Унаи Емери, кој по 50-ти пат го предводеше Арсенал, е вистински „специјалист“ за ЛЕ во која има рекордни 26 победи во нокаут-фазата и освои три трофеи по ред со Севилја, од 2014 до 2016-та. Пречка на Арсенал до пласман во финалето ќе му биде Валенсија, која ја предводеше Емери, од 2008 до 2012-та, пред да замине во Севилја.

Од полуфиналистите само Валенсија сезонава ја почна во ЛШ. 


ПОЛУФИНАЛЕ
Ајнтрахт – Челси 2 мај
Арсенал – Валенсија 2 мај
реваншите се на 9 мај