Пласман за групната фаза за следната сезона уште сега обезбедија Барселона, Атлетико, Баерн, Манчестер сити, Јувентус, Наполи и ПСЖ, а според моментните табели можни се доста измени во однос на сезонава

Вкупно 17 тима што играа сезонава во фудбалската Лига на шампионите можеби ќе се натпреваруваат и во идната сезона, според моментниот пласман на 5-6 кола до крајот на сезоната.
Така, од Шпанија на местото на Севилја би била Валенсија, а другите би биле истите – Барселона, Атлетико и Реал Мадрид. Германскиот состав би бил Баерн, Шалке, Борусија (Д) и Баер на местото на Лајпциг. И во Англија би имало една измена, па не би играл Челси, а другите четири би биле истите од сезонава – двата тима од Манчестер, Ливерпул и Тотенхем. Од Италија измената е што наместо три, таа земја ќе има четири тима, од кои од сезонскиве се Јувентус, Наполи и Рома, а на нив сега им се додава Интер, според сегашната табела.

Од другите земји, Франција би била застапена и во следната сезона со ПСЖ и со Монако, од Русија Спартак Москва, а на местото на ЦСКА би бил Локомотив, потоа Порто од Португалија (сезонава играа и Бенфика и Спортинг, во следната сезона ќе има најмногу два тима од таа земја), Шахтер од Украина, Бриж од Белгија (сезонава играше Андерлехт, кој уште е во трка за титулата) и Галатасарај од Турција (сезонава настапи Бешикташ, кој и сега има шанси за пласман).
Од сите овие сигурен пласман уште сега обезбедија само седум тима – Барселона, Атлетико, Баерн, Манчестер сити, Јувентус, Наполи и ПСЖ, сите учесници во ЛШ и сезонава, од нив само еден полуфиналист (Баерн).

Две места се резервирани за победниците на куповите на УЕФА, и тоа едно за европскиот шампион и едно за првакот на Лига Европа. Другите шест места ќе се пополнат од квалификациите, две со нешампиони, а четири од делот од квалификациите во кој ќе играат само екипи што биле прваци на своите земји, меѓу другите и од Македонија.
Ако на ист начин (според моментните табели) сега се пополни Лига Европа, во неа би играле, на пример, Челси, Лајпциг, Бетис, Марсеј…