Трамп и Зеленски тврдат дека имале „нормален разговор“

Белата куќа објави стенограм од контроверзниот телефонски разговор меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски од 25 јули, поради кој Конгресот поведе истрага за импичмент на Трамп. Демократите го обвинуваат Трамп дека ги злоупотребил претседателските овластувања и блокирал воена помош за Украина за да изврши притисок врз тамошните власти да поведат корупциска истрага против Џо Бајден и неговиот син Хантер. Бајден засега е најсериозен противкандидат на Трамп од редовите на демократите во трката за Белата куќа во 2020 година.
Трамп ги негираше обвинувањата и тврди дека станува збор за „нормален разговор“, „лажни вести“ и за „лов на вештерки“. Зеленски исто така негираше дека Трамп извршил притисок врз него.

Според објавените официјални белешки од разговорот, Трамп во еден момент вели: „Се зборува многу за синот на Бајден, дека Бајден ја запрел истрагата на Обвинителството и многу луѓе сакаат да дознаат за тоа, па сѐ што можете да сторите со државниот обвинител (на САД) би било одлично. Бајден наоколу се фалеше дека го запрел Обвинителството, па ако може да истражите. Тоа ми изгледа ужасно.“ Би-би-си посочува дека Бајден навистина се фалел дека во 2016 година издејствувал смена на украинскиот обвинител Виктор Шокин, кој повел истрага против неговиот син за неговата улога во една украинска компанија за гас, но дека засега нема докази за поврзаност меѓу двата случаја.

Во разговорот меѓу Трамп и Зеленски нема директна поврзаност меѓу блокадата на воена помош и барањето за истрага, но Би-би-си посочува дека во еден момент украинскиот претседател се заблагодарува за „големата поддршка во одбраната“ и посочува дека Украина ќе купи нови американски ракети „џавелин“, а Трамп веднаш потоа бара „услуга“ од Зеленски, по што во еден момент зборува за Бајден. Би-би-си посочува и дека околу една недела пред разговорот, САД одложија воена помош за Украина одобрена од Конгресот и тоа наводно по барање од Трамп. Аналитичарите сметаат дека демократите ќе се обидат да ги искористат токму овие елементи од разговорот за да го обвинат Трамп го уценувал Зеленски за да издејствува лична политичка добивка.

Сепак, повеќето политички набљудувачи во САД велат дека засега се мали шансите Трамп да биде отстранет од претседателската функција бидејќи процедурата за импичмент бара просто мнозинство во Долниот дом на Конгресот, кој е под контрола на демократите, но и двотретинско мнозинство во Горниот дом, кој е под контрола на републиканците. Досега ниту еден претседател во САД не бил отстранет од функцијата, а на двајца им е изгласан импичмент во Долниот дом – Бил Клинтон и Ендру Џонсон. Ричард Никсон сам поднесе оставка во 1974 година за аферата „Вотергејт“ за да избегне импичмент.