(Јавно обраќање до премиерот и Владата)

Премиере и господо од Владата на оваа страдалничка земја што ја пустошите безмилосно духовно, економски и идентитетски. Последното ваше упатство со закана за бришење на сите јавни места на шеснаесетзрачното сонце од Кутлеш е конкретен фашистички акт. Тоа потсетува на некои такви најмрачни акти на средновековната католичка инквизиција, а потоа во поновата историја и на херостратските потези на еврофашизмот, поточно на палењето на книгите и симболите на Евреите во Германија од Хитлер. Неговиот, пак, шпански колега херострат во Шпанија, Франко, ги палеше книгите и симболите на Каталонците. И едниот и другиот со цел да ги снема овие етноси, да се испратат во идентитетска смрт со бришење на знаците од кои се исткаени нивната меморија и душа.

Тоа што сега ни се случува нам, на Македонците, најпрвин со преименувањето, а потоа и со перманентното бришење на сите симболи и архетипови што се основа на нашата колективна и индивидуална душа и постоење, генеза од која пиеме не со столетија, туку со милениуми животодавна вода и дишеме воздух за нашите бели дробови. Тие се пулсот на нашето срце и на соѕвездијата од знаци и меморија што кружат во нашата крв.

Вие, господо од крминогената влада, ништо не знаете за тоа, оти сте зачнати безидентитетски на погрешно место и во погрешен час, во ноќ без ѕвезди што ги населила вашата мрачна душа и ум. А, такви, суштества на темното, како и можете да знаете што е тоа знак, симбол, архетип, изгрејсонцата што никогаш не заоѓаат на еден народ и неговата колективна душа. Токму и затоа вие сте отпадници од тој народ и од таа душа. И ако ве споредивме со злосторството што го правите со Хитлер и Франко, тоа не значи дека вие сте рамни на нив. Напротив, вашето злосторство е поголемо од нивното, имено поради својата опака, мрачна оригиналност, оти тие го ништеа идентитетот на други народи (Евреите и Каталонците), а вие го ништите идентитетот на сопствениот народ, во кој, по некој проклетилак, наместо да се родите сте се изродиле. Сте пометнати. Така, и вашиот фашизам кон Македонците, на кои, за жал, им припаѓате како северни изроди, е од повисок, уште од помрачна класа од оној на еврофашистите Хитлер и Франко. За него допрва треба да се измисли име.
Срам да ви е и арам да ви е, такви, и животот срамен и смртта во оваа мартирска земја што страдала секогаш од предавници како вас! Но вашиот фашистички, геноциден проект нема да успее. Овој народ се буди тогаш кога му е најтешко, ќе се побуни обновен од болката, и духовно и херојски, и ќе тргне во пресудна битка за да си го врати она што му го грабаат домашните предавнички, балканските и западните мрачни хиени на историскиот хаос и злосторство.

„Македонски манифест“ ги повикува свесните и освестените Македонци на сеопшт силен отпор и борба против идентитетската ликвидација: да застанат цврсто во средиштето на својата меморија од антиката до денес и да не отстапуваат ни педа, ни знак, ни симбол, ни архетип што е белег на нивната колективна душа, историско и метафизичко траење. Само така можеме да истраеме и да дотраеме, без разлика на цената, во овој суров свет на лажна демократија и хуманизам на западната евроамериканска диктатура во која се урнати сите морални и етички вредности на човековото постоење. Затоа, имено, и е потребно да се обнови старата добра лозинка, пролетерска абракадабра на обесправените и понижените: „Смрт на фашизмот, слобода на народот!“.

„Македонски манифест“ ги повикува сите освестени Македонци да го истакнат шеснаесетзрачното сонце на балконите, прозорците и покривите на своите живеалишта и куќи како знак на самопочит кон генезата и отпор кон европскиот, грчкиот и домашниот фашизам и фашисти.

„Македонски манифест“