Фото: Игор Бансколиев

Станува збор за обемен материјал од грчки и од македонски учебници, кои треба да се прегледаат во насока на промена на начинот на гледање на историјата

Историчари и експерти од Македонија и од Грција наскоро во Солун ќе одржат прва средба на заедничката мултидисциплинарна комисија, која ќе работи на решавање на отворените прашања од историски и образовен карактер, кои произлегуваат од спогодбата од Мала Преспа. Според спогодбата, предвидено е овој комитет да ги проучува учебниците, а ќе дефинира и временски рамки, за да се осигури дека секоја од страните од идната година, односно една година од потпишувањето на спогодбата, нема да користи ниту еден учебник или помошен материјал што содржи каков било иредентизам. Ова го најави амбасадорот Виктор Габер, кој ќе го предводи македонскиот тим во Солун, објаснувајќи дека во наредните денови меѓу другото ќе треба да се утврдат и динамиката на средбите на тимовите и рамката на разговорите. Габер појаснува дека станува збор за обемен материјал од грчки и од македонски учебници, кои треба да се прегледаат во насока на промена на начинот на гледање на историјата кај новите генерации, за да не бидат опседнати, како што рече, од атавизми и од стереотипни гледања на историските настани, за да се избегне анимозитет.

– Точно е дека имало и тешки и болни моменти во историјата, но тие не смеат да бидат пречка за да одиме напред, туку мораме да им ги објасниме и на новите генерации да им бидат достапни на начин што нема да предизвикува нови болни моменти. Не можеме, во овој регион, особено сега кога одиме кон ЕУ, да продолжиме да живееме на начин како порано, мора да соработуваме, мора да се движиме напред и мора да им помогнеме на новите генерации, да не бидат опседнати како што биле мојот дедо, татко, јас. Факт е дека и кај нив во нивните учебници, и кај нас во нашите учебници има елементи што предизвикувале одредени непријатни чувства кај другата страна и ги притискале новите генерација – вели амбасадорот Габер.

На прашањето од домашните медиуми кои се темите што се очекува да предизвикаат најмногу полемика, Габер вели дека постојат неколку елементи во нашата и во нивната историја што се болни. Во однос на именувањето на населените места – топонимите (Тесалоники или Солун, Монастири или Битола…), амбасадорот Габер посочува дека ќе се користат меѓународните конвенции, кои за нас, се доста поволни.
Очекувањата од работата на комисијата се големи, но и впечатокот е дека процесот нема да оди ни брзо, ни лесно. Ова го нагласува професорот Тодор Чепреганов, кој смета дека историја напишана со политичка, а не со научна методологија е фалсификат.

– Во основа сум против какви било комисиски фризирани истории. Тоа е така бидејќи сметам дека никаде во светот комисии не можат да формираат меморија на друг народ. Во превод да појаснам дека не е можно да се формира комисиска колективна меморија и митологија. Во основа сум против ваквиот вид работа затоа што сметам дека немам проблем со својата историја. Како што секој народ си ја пишува својата историја, така и македонскиот народ има своја историја, која не се прави со компромисна историја – вели професорот Чепреганов за „Нова Македонија“.

Според научноисторискиот пристап и методологија спроведени во пишувањето на постојните македонски учебници по историја, професорот Чепреганов смета дека тие не треба да се менуваат ниту во случајот со Бугарија ниту сега со најавите со Грција.

– Учебниците по историја во Македонија се пишувани според сите меѓународни и научни стандарди и во нив нема ни трага од пропагирање омраза кон одреден народ или нација. Има една стара изрека дека комисии се основаат за работата никогаш да не биде решена. Во светот никаде не е познат пример каде што комисиски ќе се формира една историја на народ. Тоа е преседан во 21 век и никој нема што да ни кажува кои сме и што сме и од каде сме. Ваквите работи може да се дебатираат на научни собири и научници да ги решаваат тие проблеми, а не политичари. Апсурдот да биде поголем овие комисии треба да поднесуваат извештаи пред владите на своите држави, па политичарите да ги поддржат или не тие ставови. Таквиот чекор оди кон политизирана историја, со други зборови, невиден феномен на нашиве простори – завршува Чепреганов. Инаку, македонскиот тим според областа на експертизата е мултидисциплинарен и покрај амбасадорот Габер како искусен дипломат од кариера, вбројува и еден историчар, еден јазичар, археолог, политиколог, писател филозоф и експерт за меѓуетнички односи. Во грчкиот тим, пак, влегуваат тројца класични историчари, кои прецизно ќе ги утврдуваат елементите што не треба да предизвикаат антагонизми. Со оглед на обемноста и комплексноста на материјалот што е предмет на интерес, амбасадорот Виктор Габер очекува во претстојната работа на Заедничкиот интердисциплинарен комитет да има расправи со аргументи, односно стручен и научен приод кон теми што во минатото предизвикувале различни толкувања.