Да живее женскиот оргазам!

Да, да, свесна сум дека мнозина, особено пуританците, ќе се шокираат само од насловот. А толку многу епизоди од кошмарната сапунска серија, толку скандали, разочарувања и неверици се насобраа што можам лесно да поминам со колумнистичката обврска, само со најобично набројување. Еве, на пример, серијалот на Боки Тредичи и Зоки Поки ја фрли во сенка „генијалната“ одлука на министерот за здравство за подигање лекови од аптеките само лично од пациентите. Знаете каква колумна можеше (требаше?) да се изроди од оваа не само глупава туку и погубна идеја?! Како Исус Лазара, така Филипче ќе ги дигне болните на нозе – па после нема ни да им требаат лекови. Замислете ја сцената: на едно место се насобрало младо и старо, бактерии и вируси, температура и висок притисок, и се дружат пред аптеките, небаре болнички чекалници, па уште и колективни прошетки прават барајќи лекови на рецепт. Си муабетат и разменуваат кој што има. Оние што не се по дружењето (и по рецептите), ќе решат да ги купат со помош на некој здрав од блиските. Така, фармацевтската индустрија ќе продолжи да се богати со помош на државата, а и Фондот за пензиско осигурување ќе закрепне ако патем изгуби дел од најстарата популација (не многу одамна еден божемен левичар, кој се затрча да влезе во власта директно од шарената улица, како што мува се залетува, нели, велеше дека било залудно фрлањето пари по пензионери, кога државата можела да ги искористи попаметно). Или очекувавте колумна за Боки Тредичи и сињора Катица во шпагети мафија-вестернот? Или за Зоки Поки и Рада Прада? Би пишувала, но ме попишмани пријател од Хрватска. Ги мереше „колиндизмите“ и „зоранизмите“, па морав да се вмешам. Мислев, патриотска должност ми е да не дозволам да ни ги одземат „зоранизмите“, категоријата во која сме светски шампиони! Но Колинда толку се истакна со „посебното расположение“, што дигнав раце. Конкуренцијата е голема. Ведрана Рудан заклучи болно прецизно: „Не, не, погрешно! КГК не е алкохоличарка. Пијаниците се луѓе со здравствен проблем и треба да се пратат на лекување. Ко то каже, ко то лаже дека КГК треба да се лечи. Нејзината состојба не е болест. Жената се однесуваше како што тоа народот го заслужува. КГК е здрава. Ние сме болни.“ (Патем, со замена на само неколку збора во таа колумна, ја добиваш македонската ситуација на дланка.) И тамам во очај ќе помислиш дека ова е регионална епидемија на идиократија, но ќе се сетиш на карикатуралните ликови како Трамп, Борис Џонсон, Јункер… И сфаќаш дека сме проколнати! И локално и глобално!

И оваа колумна ја пишувам многу порано, со сиот ризик да ме „згазат“ настаните. Но денес е Меѓународниот ден на женскиот оргазам. И можеби немаше вака бомбастично да го одбележам (иако темата е важна и сериозна), да не ме предизвика начинот на кој ова го одбележа важен „шарен револуционер“ на Фејсбук: со потсмешлива слика (меме) на Мирка Велиновска! На тој шовинистички приказ од маж (поради чиј изглед тешко некоја би се запалила) налепени многу расположени „шарени“. Ѝ се подбиваат на жена на над 70 години, а меѓу нив и борецот за ЛГБТ-правата и доскорашен пратеник (оној со оставката поради набавка на наркотици по нелегален пат). Класичен пример на мизогинија, на дискриминација по основа на возраст, изглед и политички убедувања. И ништо ново… Да биде иронијата поголема, шарениов е сијамски близнак на најдобриот другар на Мирка (кому своевремено му ја посветив колумната „Порка мизерија“). Туку да се вратам на оргазмот… особено во светлина на фактот дека Владата повторно распиша тендер за дополнителна набавка на лубриканти. Ставревски беше во право, само сега не купуваме „чоколадо“, туку средства за подмачкување и олеснување на „онадењето“ (во здрав разум, а и онака…), а и марихуана се наоѓа за да бидеме „хај“. Ние не сме анестезирани, туку лоботомирани. Тоа е како кај мртвите, кои не знаат дека се починати, и глупавите, кои не знаат дека се глупави, би рекол Зоран Радмиловиќ; ние не знаеме дека сме зомбирани од скандали и забава за народ!

Во ваква шашардисана земја не е чудо што не стигнуваме да размислуваме на други теми (Гренланд се топи, Арктикот гори, нуклеарната катастрофа е реална можност). Но, верувајте, и (женскиот) оргазам е важен. Верувале или не, но, според истражувањата, тоа искуство не го доживеала дури една третина од женската популација (немам податоци за импотенцијата и другите дисфункционалности кај мажите, но и тие заслужуваат внимание). Жените се во менгеме: меѓу стравот дека нема да го задоволат мажот и потребата да бидат премногу нежни со неговото его.

Наместо да разговараат за тоа што го сакаат, полесно е да одглумат оргазам. Но „пристојните луѓе/жени“ не разговараат за тоа. Потребата од посебен ден на женскиот оргазам лежи во патријархалното минато, но и во сегашноста, бидејќи прашањата на женската сексуалност се табу. Тука се и стресот и депресијата, кои ги носи новото време, што се одразува на зголемена сексуална фрустрација, на инхибиции околу тоа „како да бидеш ‘добар/добра’ – ама не предобра – во спалната соба“ (или на друго место). Сексуалната репресија почнува од мала возраст, особено кај родители што не се подготвени да разговараат со децата, ама ни меѓу себе. Девојчињата се изложени на посебен притисок: сексот им се претставува како обврска, непријатност или закана, нешто што ги „искористува“, а не ги гратификува. Другиот екстрем е, се разбира, стапување во интимни односи на мала возраст, што еднакво води кон неоствареност и неосознавање на суштината/убавината на сексот и љубовта. Неретко, тие уште немаат поим за себе, односно имаат повеќе контакти со спротивниот пол отколку со своето тело и сексуалност. Деновиве прочитав одлична колумна на босанска авторка поврзана со локалните јазичните ознаки на женскиот полов орган (ете, и овде еуфемизам заради пристојност). Се изнасмеав на духовитоста со која ги споредуваше кодните имиња што циркулираат во секојдневниот говор, а кои се одраз на традиционалната машка доминација и моќта да ги именуваат нештата според сопственото сфаќање, но и на наметнатиот срам да се зборува за „тоа“.

Летото е идеално време и за разговор на тема „правда за градите“ – ослободување од наметнатите општествени стеги дека (само) жените треба да се срамат од своите гради, да ги држат дисциплинирани и прибрани во оклопи/градници, дека е непристојно да ги изложат на виделина: на плажа, на пример, или дури и додека дојат. Сакате уште летни теми? Дали некој воопшто и се осмелил да зборува за сексуалноста кај луѓето во години? Помладите мислат дека сексуалните задоволства (или дури и само желби) завршуваат на… колку? На 60, 70, 80 години? И не е тоа став на вообичаена младешка самобендисаност и уверување дека само тие го познаваат животот и никој друг пред нив, туку одраз на општиот третман на старите, како и на грдите, неугледните, сиромашните, необразованите… „Знаеш ли што е најубавото во животот? Желбата, пријателу!“ (М. Селимовиќ). А таа нема врска со возраста. Брзајќи да го фатат приклучокот со светот, мнозина мислат дека се напредни ако се облечат во боите на виножитото и застапуваат ЛГБТИ (whatever else…) права. А, општеството е запустено, луѓето изгубени, отуѓени од сѐ што е длабоко човечко (па и од својата сексуалност, која е многу важен дел на човековата природа, па и среќа). Несреќни луѓе што не знаат за среќа и не му пружиле среќа никому, одбираат јавен таргет, обично од обратен политички „праисход“; најчесто се силат на жени, и се подбиваат со сериозни нешта – како што е оргазмот! Армијата борци за човекови права е тивка (т.е. зафатена со релативизирање на криминалите на овој режим). „Мажиштава“, кои божем знаат што е оргазам, нема ни да сетат дека се „онадени“ од власта како и сите други, или го знаат тоа ама се согласиле да бидат искористени и фрлени како презервативи кога ќе ја свршат својата работа. Задоволството е кај некој друг…

Се прашувам дали можеби ве шокирав; или можеби е тешко човек да биде шокиран во ситуација кога се расплеткуваат „свински црева“ и се гледа како секој секого го… Ова е време на општа перверзија, „разваљотка“, па зборувањето за вистинскиот секс и за оргазмот е всушност една (пре)многу пристојна тема. Сведочиме на одвратна порнографија, се силуваат телата и умот, безобразието и психичката тортура достигнуваат нови длабочини. Она што (не) го прават Владата и надлежните е за дијагноза… наша, колективна. За жал, и во тоа нема ништо ново. Ниче одамна констатира дека политиката е место на кое се собрани сите душевни болести, што е само ехо на Талмудот: „Светот, сепак, се наоѓа во раце на лудаци!“. Затоа, да пробаме да уживате во она што ни остана од животот и во што ем не сме „онаа страна“, ем доживуваме вистинска сатисфакција. И онака, задоволувањето на правдата звучи како лоша шега…