Грчките апсурди се гледаат и од вселената

„Факт“ е дека и од небото и од вселената се гледа кој уценува, блокира и постојано го крши меѓународното право, додека другата страна е жртва на таквите политики и блокади

Полека привршува фазата на средбите, но и играта топло-ладно во позициите на Атина кон Скопје во однос на наметнатиот спор за устaвното име на Македонија. Односно наметнатиот проблем, од кој повеќе од две децении зависи иднината на земјава, нејзиниот евроатлантски пат, но и судбината на нејзините граѓани. Не дека и досега не ни беше јасно, ама Грција нема намера да преземе одговорност, ниту за својата погубна досегашна политика на постојани блокади и уцени ниту, пак, во случај да пропадне циклусот разговори и Македонија паралелно со тоа да не добие датум за почеток на преговори со ЕУ, уште помалку покана за членство во НАТО. И наместо да се соочи со реалноста од постоење на посебна држава, признаена од 140 земји во светот како Република Македонија, нашиот сосед уште отсега бара алиби-варијанти што доколку неговите уцени не бидат прифатени. И барајќи го „виновникот“, стигна дури до вселената, иако и оттаму јасно се гледаат и вината и гревот и апсурдноста на грчките барања и уцени.

Тоа му доаѓа исто како во поговорката кога измамникот вика држете го измамникот.
Плашејќи се од попречување на нашата стратегиска цел – евроатлантските интеграции, сосема е легитимно да се запрашаме која е вистината зад последните случувања (преговори) во Виена и Солун и каква заднина имаат во себе последните јавни излагања на тамошниот државен врв?
Позитивното нешто во целата слика е што во јавноста се пренесуваат ставови на Никола Димитров и Никос Коѕијас во кои сублиматот е дека на терен навистина се работи и на терен се остава впечаток кој влева оптимизам дека сепак е можно да се најде решение.

Плашејќи се од попречување на нашата стратегиска цел – евроатлантските интеграции, сосема е легитимно да се запрашаме која е вистината зад последните случувања (преговори) во Виена и во Солун и каква заднина имаат во себе последните јавни излагања на грчкиот државен врв со кој се подготвува терен за префрлање на вината од евентуално лошата завршница на преговорите

Народски кажано, ако се погледнат двајцата политичари од страна, може да се види дека тие вложуваа голема енергија да внимаваат кога говорат пред камери и микрофони, со тоа и да не остават трошка повод дека страната што ја застапуваат е виновна за евентуален неуспех, но и да не се предизвикаат револт кај својот табор во партијата и недоверба во својата земја. Сепак, вештите преговарачи си го задржуваат правото да си остават маневарски простор на боиштето ако не дај боже истече времето за наоѓање компромис и ако се стесни, а со тоа се затвори и мозаикот на оптимизмот.
Гледајќи од македонска перспектива на настаните, може да се забележи дека Грците го подигаат гардот, а маските на Атина почнуваат да паѓаат, со што се подготвува терен и ако има неуспех заслугата за тоа да се запише на туѓа адреса, а не на адреса на оние што всушност го измислија, наметнаа и досега го менаџираат апсурдниот и ирационален спор за името.

Тоа вака навидум можеби може да се препознае по последната изјава на Никос Коѕијас дадена во интервју за емисијата „Историес“ на грчката телевизија Скај. Грчкиот политичар коментирајќи на прашање од новинарите за тоа кој ќе биде виновен доколку пропадне циклусот на разговори во спорот за името со Македонија, рече дека и да не се постигне договор, нема да бидат виновни тие, а тоа и вселената го знаела.
Од друга страна, можеби и е вистина дека и вселената го знае тоа. „Факт“ е дека и од небото се гледа кој уценува, блокира и постојано го крши меѓународното право, додека другата страна е жртва на таквите политики и блокади.

Но она што сите нѐ интересира, а верувам и јавноста, е дали исто така од вселената се гледа дека поради наметнат спор, Македонија повеќе од две децении тапка во место. Се гледа ли од вселената со исти очи дека постојано се наметнуваат нови и нови барања, кои последниве месеци кулминираат со уцените за промена не само на името јазикот, идентитетот туку и на Уставот и цела палета други условувања. Се гледа ли оттаму, високо, кршењето на меѓународното право што го прави Грција, како и на правото на самоопределување на една земја што самата одлучува за своето име.
Дали оттаму се јасно видливи и непринципиелните пораки од дузина западни дипломати што парадираа овде деновиве и во завиена форма порачуваат дека многу веројатно ќе мораме да ги прифатиме максималистичките барања на јужниот сосед. Но нашиот одговор е категорично НЕ на грчките уцени и барања.

Македонскиот народ и држава никогаш нема да прифатат друго име освен нашето историско и уставно име – Република Македонија.
Ни НАТО, ни ЕУ, ни Америка не се откажуваат од стратегијата за Балканот, а со тоа и за наоѓање решение на наметнатиот спор за името од страна на Грција. Но тоа никако не значи дека ние треба да се откажеме од самите себеси и сами да се обезличиме.
Сосема е легитимно да се претпостави дека ако во некоја точка од преговорите Македонија се почувствува онеправдено, понижено, виновно или присилено, да направи нешто против интересите на државата и на сметка на националниот идентитет, тогаш можеби и нашите политичари треба да го подготват теренот за вината да падне на страната на јужниот сосед. Каде што всушност и отсекогаш била.

Фото: Маја Јаневска-Илиева