Четиричинката „Аида“, со либрето на Антонио Гизланцони (1824-1893 г.) е една од најпознатите опери на Џузепе Верди (1813-1901 г.). Праизведена е во Каиро, Египет, на 24 декември 1871 година. Исмаил-паша, тогашниот владетел (кедив) на Египет ја порачал „Аида“ за со неа свечено да ја отвори Кедивската оперска куќа во Каиро, во февруари 1871 година. Иако музиката била во целост завршена, костимите и сценографијата, дизајнирани од францускиот археолог и египтолог Аугуст Мариет (1821-1881 г.), поради опсадата на Париз не можеле да бидат испорачани навреме, па премиерата морала да биде одложена. Верди не присуствувал на каирската премиера и бил разочаран што публиката таму ја сочинувале само официјални гости. Затоа, тој ја сметал италијанската (а наедно и европската) премиера – одржана на 8 февруари 1872 година во миланската „Скала“ – за вистинска, јавна премиера на „Аида“.

Дејството на „Аида“ е сместено во древниот Египет. Грандиозно ја вткајува италијанската музика во историската заднина на либретото, истовремено опишувајќи длабока љубовна драма. Ваквата содржина ја прави оваа опера мошне привлечна и таа е многу често изведувана во сите оперски куќи низ светот. Само во операта „Метрополитен“ во Њујорк е поставена повеќе од 1.100 пати од 1886 година до денес. Со „Аида“ традиционално, на овој датум (31 мај), се затвораат Мајските оперски вечери во Македонската опера и балет во Скопје. „Аида“ е дел од стандардниот репертоар и на оперскиот фестивал, кој секое лето се одржува во Арената во Верона, Италија. Со раскошна сценографија и костими, режирана од генијалниот Франко Зефирели, таа е ѕвездата на фестивалот. Честопати се изведува во ноќ со полна месечина, па тогаш сребрениот отсјај на месечината суптилно и занесно ја обојува „Пјаца Бра“, на која почесно место има арената, а во неа – „Аида“.

Подготвила: Лада Шоптрајанова Петровска