Француски и британски рибари се судриле поради школки, при што Французите ги навредувале британските колеги и фрлале школки, камења и димни бомби врз нив. Инцидентот се случил на 22 километри од брегот на Нормандија, во близината на заливот на Сена.
Би-би-си наведува дека инцидентот се случил кога околу 40 француски брода протестирале поради наводниот „британски грабеж“.
– Французите се обиделе да контактираат со Британците за да ги убедат да престанат со ловење, но се судриле. Никој не е повреден – изјави шефот на Службата за риболов на Нормандија, Димитри Рогоф.
Во судирот се оштетени неколку брода. Како што се наведува, британските бродови имале дозвола за риболов во таа област богата со школки, меѓутоа нивното присуство ги налутило Французите, кои ги обвинија за „бесрамна експлоатација на школките“.
Судирот меѓу Французите и Британците за школките трае веќе 15 години, а во последните пет во сила беше договор според кој поголеми британски бродови не влегувале во таа област во замена за повеќе „рибарски права“.