Тој ќе настапи во дисциплината 400 метри во која неговото најдобро време е 46,92 секунди (македонскиот рекорд на Исмаил Мачев од 1983-та е 46,27 секунди)
Јован Стојоски (21) ќе биде единствениот македонски претставник на претстојното 17-то Светско првенство (СП) во атлетика, во Доха, Катар (од 27 септември до 6 октомври). Стојоски првпат ќе настапи на едно СП, во дисциплината 400 метри, во која неговото најдобро време изнесува 46,92 секунди забелeжaно во јуни годинава во Охрид. Рекордот на Македонија во оваа дисциплина е на покојниот Исмаил Мачев, 46,27 секунди, постигнат на Медитеранските игри во Казабланка, Мароко, во 1983 година.
– Не сакам да си создавам таков вид притисок. Но сигурно е дека еден ден ќе го соборам и тој рекорд. На СП ќе трчам со најдобрите на светот во оваа дисциплина, ќе уживам и ќе се обидам да забележам што е можно подобро време. Сезонава беше долга, напорна, врвот на формата ми беше на ЕП до 23 години во Шведска во јули, но СП е најголемото атлетско натпреварување и ќе бидам супермотивиран. Фаворити за освојување на медалите, во отсуство на Ван Ниекерк, ќе бидат четворицата Американци, кои трчаат побрзо од 44 секунди – вели Стојоски.
Во Доха поради повреда титулите од Пекинг 2015 (43,48) и од Лондон 2017 година (43,98 секунди) нема да ги брани Јужноафриканецот, Вејд ван Ниекерк (27), актуелниот светски рекордер на 400 метри (43,03 секунди) истрчани на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Рио во 2016 година.
Организаторите на СП на супермодерниот стадион „Калифа“, доколку е потребно, ќе користат и најсовремени разладни уреди за справување со високите температури. Минатата година за време на импресивната демонстрација на иновативната технологија температурите на патеката беа 24 до 26 степени создавајќи оптимални услови за спортистите и за навивачите.
На СП ќе дебитира трката во мешана штафета
На ова СП првпат ќе се одржи трката во мешана штафета, 4х400 метри, но една од најголемите новини ќе бидат маратоните за мажи и за жени, кои треба да почнат на полноќ. СП во Доха ќе биде и прво на кое по 16 години ќе го нема легендарниот спринтер од Јамајка, Усеин Болт. Но во негово отсуство се најавува новата генерација врвни атлетичари, меѓу кои се Американците Ноа Лајлс и Мајкл Норман. Кај жените тоа се трикратната европска шампионка, Британката Дина Ашер-Смит, како и Кенијката Беатрис Кепкоеч, во стиплчез итн. На СП во Доха ќе настапат вкупно 1.972 атлетичар(к)и, 1.054 мажи и 918 жени. Тие ќе се натпреваруваат во 44 индивидуални дисциплини, а 37 ќе ги бранат титулите од минатото СП во Лондон во 2017 година. Л.Д.