Илустрација: Игор Јовчевски

Во „Колибри“, како подарок за сите деца, ексклузивно ја објавуваме серијата „За секоја буква приказна“ во 31 продолжение, на писателот Владо Димовски. Приказните се дел од проектот на издавачот „Арс ламина“ – „Изградување на изговорот, говорот и јазикот кај децата и возрасните“

Приказнарот: Ч! Што може да биде Ч? Ами, Ч може да биде, може да биде… човек што чита меѓу редови. Некојси Чедо по цел ден чукал празна слама, демек бесцелно го трошел времето. Го трошел што го трошел, но знаел и приказни. Мене вчера ми раскажа четиринаесет, јас сега ќе ви ја раскажам четвртата. Толку, како за почеток. А сега, ајде да внимаваме и сите зборови што почнуваат на буквата Ч да ги заклучиме во нашите главчиња, не за друго, туку за да не ни избегаат. Кога ќе заврши приказната, заедно ќе ги отклучиме.

Приказнава е стокмена за еден чевлар чирак. Го викале Чавдар, а живеел во селото Чардак. Бидејќи бил чирак, секој ден одел кај мајсторот чевлар и учел занает. Понекогаш мајсторот ќе го оставел сам во работилницата и тогаш му било најтешко. Демек мајсторот го оставал во чевларската работилница колку да има човек, да се врти некој внатре. Не смеел ништо да чепка без мајсторот, само седел и ја чувал работилницата. Му било чудно однесувањето на стариот чевлар, ама немало што да прави. Понекогаш ја земал метлата и метел, понекогаш ги чистел прозорците… Еден ден си рекол чиракот: Време е скришно да почнам да правам чевли за убавата принцеза.

Во тоа време во земјата во која живеел Чавдар имало крал, кој имал ќерка што се викала Чона. Била многу убава. И, така, чиракот Чавдар со денови, со месеци ги правел чевлите и еден ден ги направил. Мајсторот Чедо, стариот чевлар, ништо не дознал за ова. Ги направил што ги направил чевлите, ги однел дома и ги скрил на чардак. Одвреме-навреме ги ѕиркал чевлите и мислел на убавата принцеза Чона.

Секоја вечер ја сонувал. Еее, Чавдар, Чавдар! Ја сонувал Чона иако знаел дека таа е многу далеку од него, дека неа ја чуваат за некој богат принц. Но по некој месец во кралството се случило чудо, чудо невидено. Принцезата Чона плачела со денови, со недели и никој не знаел што ѝ е. Се заклучувала во своите одаи и никого не прибирала. Чекале да излезе, се изначекале. Но таткото крал дознал во што била работата. Сакала да ѝ купат чевли ама исти како тие што ги сонувала. Такви во кралството немало. Кралот барал чаре, па почнал да се советува со најблиските, со кралицата, со чичковците, кои биле умни луѓе. Еден од чичковците на кралот смислил нешто…

-Чекајте, ве молам, чекајте! Го најдов чарето. Ќе пуштиме глас во кралството. Кој ќе донесе чевли што ќе ѝ се бендисаат на принцезата Чона, тој ќе му стане зет на кралот. Гласот почнал да шета по кралството, да шета и стигнал до ушите на чиракот Чавдар од Чардак. Но Чавдар бил умно момче, не се затрчал веднаш, туку чекал, сакал да се посоветува со некого.

– Чичко Чедо, имам едни чевли, кои ги направив специјално за принцезата. Ја сонував и… скришно ги правев, да не ме види мајсторот. Ги кријам на чардакот, сакаш да ги видиш – му рекол чиракот чевлар на Чедо и заедно тргнале кон чардакот.
– Сега сум сигурен дека принцезата ги бара токму овие чевли. Тргнувај на пат – му рекол Чедо на чиракот и тој тргнал на далечен пат.

А во дворецот кај кралот оделе и си заминувале и знајни и незнајни чевлари. Сите си заминувале со наведнати глави. Принцезата Чона плачела, кралството тагувало. Еј, луѓето од жал за принцезата почнале да не носат чевли, цело кралство шетало босо. Кралицата се разболела од тага, кралот дигнал раце од целата работа, принцезата продолжила да плаче… И, еве го сега нашиот Чавдар, нашиот чирак влегува во дворецот.

Кој си ти – му подвикнал кралот.
Чавдар, чирак чевлар од селото Чардак – му одговорило момчето. Сакам да ја видам принцезата, го носам лекот за нејзината болест. Го знам чарето.
Повели, по мене…

И заедно влегле во одајата на принцезата Чона. Таа плачела и удирала со главата во перницата. Чавдар од селото Чардак ги извадил чевлите… Леле кога ги видела принцезата! Леле кога ги видела! Се израдувала, море од радост почнала да скока до таван. Не само тоа туку почнала да игра и да пее, едвај ја смириле. Тие биле чевлите што ги сонувала. По два дена кралот направил свадба и чиракот од селото Чардак му станал зет. Цело кралство се собрало на свадбата. Луѓето повторно ги обуле чевлите, се вратила смеата во кралството, се расположила и кралицата и сѐ било како што треба да биде во едно кралство. Кога завршила свадбата, кралот му рекол на новиот зет:- Мојот најубав дворец се наоѓа во селото Чашка. Таму ќе живеете со мојата ќерка. Ете, така било и така се случило. Не ми верувате? Ако ми верувате – арно. Ако не – уште поарно!

За крај ги отклучуваме зборовите што ги пикнавме во оваа приказна, а кои почнуваат на буквата Ч: човек, чита, Чедо, четиринаесет, четири, чирак, Чавдар, чевлар, Чона, чаре, Чардак, Чашка, чевли, чука, чисти, чудо, чепка, чичко…

Илустрација: Живко Поповски-Цветин

Наместо белешка за авторот

Владо Димовски

Владо Димовски е познат македонски писател за деца и за возрасни, автор е на радиодрами и сценарист на телевизиски играни серии. Роден е во селото Долно Дупени, Ресенско во 1951 година. Работел во Македонското радио како новинар, а бил уредник на Редакцијата за деца, уредник на Секторот за култура, образование и наука и извршен уредник на играната програма.
Член е на ДПМ од 2000 година. Добитник е на голем број домашни и меѓународни награди.
Негови најпознати дела посветени на децата се: „Цвет од сонца“, „Умни глави“, „Приказни за буквите“, „Тате, мама и јас“, „Продавница за играчки“, „Испревртени приказни“ и други.
Чест гостин е во додатокот за деца „Колибри“, а до скоро на нашите страници се објавуваше неговата едукативна серија, која стигна до бројката 70, „Да зборуваме македонски со Владо Димовски“.