Скица за портрет на македонската колективна шизофренија (3)

На откритието на Пулевски на древниот антички извор на македонскиот идентитет тактилно и емотивно се надоврзува и Крсте Петков Мисирков, кој се гордее дека е роден во Пела, славната престолнина на царството на Александар Македонски. Но на таа мемориска линија, од 1990 година наваму се надоврзува природно само еден дел од македонското шизофрено колективно битие, крилото што го следи ингениозниот галичанец Пулевски. Што, всушност, се случи? Се случи, особено спазматички нагласено од сегашната власт, тоа крило да биде прогласено за ретроградно, означувајќи го истото тоа со еден доста сакат поим за антиквизаторско, она што наместо со иднината, се занимава со старината. Власта што нема поим за она што се вика континуитет во историска, цивилизациска и идентитетска смисла.

Она што го има предвид, да не одиме кон свети Августин, на пример Томас Елиот кога вели: „Сегашноста е многу минато и малку иднина“. Поимот „антиквизација“, како бесмислено гракање на чавки, особено го лаеја (наеднаш кучешки термин) и сè уште силно го лаат нашите евро и амеромитомани, кои, патем, себеси се нарекуваат и интелектуалци, како тоа многу нешто да значи ако е духовно и морално шупливо.
Всушност поимот „антиквизација“, драг читателу, беше добро пропагандно и психолошки обмислен за да се продлабочи расцепот на македонската никогаш докрај залечена психа. За таа задача, тоа е многу очигледно, беше силно ангажирана и добро платена од странски финансиски извори нашата квислиншка петта колона, засолнета мимикриски во многубројните, за една толку малечка земја како нашата, таканаречени „невладини организации“. Сорос и американски УСАИД, покрај уште некои тајни и полутајни европски фондации, беа и сè уште се нивниот главен финансиски извор. Да.

Што е тоа од психолошки и феноменолошки аспект на „клиничката“ дијагноза за шизофренијата на македонското колективно битие? На едната страна се Словените, варварите тука дојдени во шестиот век од мочуриштата зад Карпатите, официјалната теза на европската историја, а на другата страна се Античките Македонци, бргу-бргу прогласени за озлогласени антиквизатори, безмалку за идиоти од нашите евро и амеромитомани, „футуристи“ што освен иднина, не гледаат ништо друго, иако тој поим ним не им е јасен и не се способни да го објаснат со умот освен со цревата, мислејќи дека таа е синоним само на материјална благосостојба и на ништо друго. Баш варварски. Оттука можеби и Ничеовото заблазнување на варварите како можно среќно племе за разлика од цивилизираните, кои не се потпираат на нагоните и инстинктот во нивната натуралистичка оголеност туку на умот и културата.

Така поставената македонска колективна шизофренија го отвори и варварскиот спор со Грција (од нивна страна и од страна на нашите борци против антиквизацијата, кои потоа се покажа дека ја формираа македонската петта колона). Грција која со својата хиенска историска психологија отсекогаш инсистирала на Античка Македонија како на нејзин историски и културно-цивилизациски имот, имајќи го притоа и европскиот модерен историски фалсификат на тој план озаконет со фалшивите историски хипотези на Германецот Дројзен. Таа наеднаш се возбуди од македонската освестеност, од чија колективна душа исплови со силен интензитет сликата на древниот македонски антички и библиски архетип на Името, со сето негово славно историско мартирство и културолошки подвиг. Од грчка страна беше стиснато копчето за паника, но истото тоа како по договор беше стиснато и од Брисел, па и од Вашингтон и неговото варварско НАТО, фабрика за пепел и смрт на оваа планета, во која сега како крематориумски жртви упорно се буткаме да влеземе и ние. Се активира „грчката вреќа“, европскиот историски и болен едиповски синдром што го дијагностицира толку јасно англискиот романсиер Д.Х. Лоренс. Во тој „цивилизациски“ аларм, пак, полтронизирани во својата евро и амеромитоманска психа, да не останат покусо, како што е познато, се вклучија и голем дел наши дипломирани и докторирани интелектуалци, од академици до универзитетски професори.

Овој нивен фарисејски акт, пак, покрај другото од аспект на медицинската наука што се вика Симптоматологија не може да се окарактеризира поинаку освен како мрзлив ум, кој притоа е инфициран и од моралната атрофија на индивидуата што ја мрзи, не сака и нема храброст исправно да го употребува него. Како Ѓорѓија Пулевски, Мисирков, Рацин, Чуповски и Блаже Конески, на пример, во правец на себеспознавање на изворот на сопствената генеза и колективно постоење. Таквата бедно интелектуална фарисејска фела, која е лишена од морал и етика (она на што инсистираше посебно Кант, но модерна фашизоидна Европа не му обрна внимание), многу повеќе се интересира за личниот стомак отколку, како што би рекол Хегел, за „универзалниот ум“, или за вредностите на колективната душа чиј дел се. Тие изгледа, како што стојат работите, уште пред да се родат (ако воопшто и се родиле, такви какви што се) ја решиле дилемата што ја постави на времето рускиот утилитарист Доброљубов: „Шекспир, или колбаси“, оти без размислување ги избрале колбасите, а не драмскиот гениј како метафора на духот и културата. Тие априори ја осудија „антиквизацијата“, бидејќи им го нарушува мирот, и античка Македонија ја прогласија за грчки имот. Тоа, без притоа да ѕирнат во филипиките на циникот Демостен, кај Херодот, Руф, Страбон и цела една голема плејада антички историчари, географи, филозофи и писатели, современици на Александар Македонски, кои јасно и недвосмислено зборуваат за етничката и културолошка разлика меѓу Античките Македонци и Грците. Нивниот мрзлив фарисејски ум не сака да се оптоварува со тоа, оти му се доволни констатациите за тоа на бриселските политбирократи, експерти за сè, па, следејќи го нивниот однос кон Македонија и Македонците, експерти и за идентитетски геноцид или фашизам.

Грците се посебен етникум и култура, која не е чиста како што мисли инертната европска историска наука со „грчката вреќа“, туку е синтеза од многу медитерански народи и култури. Па, така, и Аристотел, кого Западот со таа инертна „вреќа“ го смета него за Грк, всушност е Македонец од Стагира, учител на Александар Македонски, кој по неговата смрт бега (и се крие) за да спаси глава од Грците. Тој заедно со Александар го прокламирал како космополитски правен принцип „природното право и правото на народите“, кое го акцентира и Бертран Расел во својата книга „Мудроста на Западот“.

Но доста за тоа, драг читателу. Можеби е премногу, иако овие дигресии и експликации се насушно потребни во склоп на нашата тема. Сепак, регресивната (и историска) трансценденција (како што ја дефинираат неа психолозите) на враќање кон она што го содржи во себе елементот Пра, во нашиот случај кон древноста и генезата на сопствениот историски идентитет од каде што блика нашата идентитетска и културно-цивилизациска река, е делотворна по македонската ранета и шизофрена колективна психа. Таа регресивна трансцеденција се покажа во нашите турбулентни постјугословенски денови и години лековита, и покрај проширувањето на веќе наследената историска рана на македонското колективно битие. Сепак, ќе се осмелам, драг читателу, да кажам дека таа кај нас ако доведе до нешто битно, макар тоа било и драстично болно во откриената психолошка дијагноза, тоа е фактот дека во овој веќе тридецениски период, од 1990 до денес, беспрекорно, како никогаш досега, јасно се кристализира шизофрената слика на македонската колективна душа, која некои ја препознаа (на психолошки и етички план) во поимите патриоти и предавници како структурни психолошки емотивни и етички елементи на таа слика. Притоа, за волја на вистината, почиста е ситуацијата кај „предавниците“ кои и самите во ова драматично време на идентитетска битка за одбрана на Името отворено со мислите, емоциите (во облик на антиемоции) и постапките се декларираа како такви. Познато е, тие, многумина од нив, за тоа беа и се грантовски наградувани од западните „мајстори на смртта“ (П. Целан), кои го подготвија планот за идентитетска смрт на Македонија и на Македонците.

За „предавниците“ од делот на македонската колективна шизофренија е важна материјалната удобност, цревата, а не духовната аскеза и идентитетскиот идеал. Тие се одлучија во дилемата на Доброљубов за колбасите, а не за Шекспир, како што им прилега на интелектуалците со етичко и духовно распаднато ниво.
Но и многумина од „патриотите“ што ги произведе како печурки во својата партиска реторта претходната власт на ДПМНЕ,не им го исполнија на вистински начин својот родољубив долг. Тие со својот теснопартиски мимикриски патриотизам не успеаја да се издигнат на височина од која јасно ќе ги согледаат работите за да тргнат кон обединување на сите родољубиви сили, без разлика на нивната партиска припадност, и да се обидат колку-толку да ја зацелат отворената до длабока бездна рана на македонското шизофрено колективно битие. Наместо тоа, уште повеќе се продлабочуваше и сè уште се продлабочува, до кога не се знае, болниот расцеп на таа колективна рана, која секоја македонска индивидуа посебно ја чувствува според интензитетот на своето идентитетско самоспознание и искрено и длабоко без партиска маска родољубиво чувство. Сепак, драг читателу, и од таа и таквата болна шизофренија се излачи, можеби малцинското (?), но сепак моќното и здраво ткиво на, да го наречам исправно, „ѓорѓипулевското крило“ на освестените родољуби, кои го препознаа идентитетскиот архетип на македонската колективна душа. Архетипот што исплови од нејзиниот древен мемориски талог на површина со сиот сјај на Името во себе, со себе и по себе како историски и културно-цивилизациски имот од древни милениумски времиња. Од првата родословна таблица на народите на библискиот Мојсеј, па натаму пробивајќи се и низ скапоцените страници на Стариот и Новиот завет, кога во Македонија според божја заповед и промисла е дојден најревносниот Исусов апостол Павле, за оттука да ја христијанизира паганска Европа, воведувајќи ја во новата цивилизација по Христа, за сега (каков ужас!) таа како благодарност за тоа да ни враќа со идентитетска смрт што може да се означи како акт на фашистички геноцид. Од нејзина страна притоа сега е замислен грабеж и распродажба на целокупниот богат повеќемилиниумски македонски културно-цивилизациски имот.

Античкиот им се дава на Грците, цела античка Македонија, а нововековниот по Христа со Кирил и Методиј, Климент и Наум, сè до деветнаесеттиот преродбенски век, па и дел од дваесеттиот со Мисирков, ВМРО и уште некои други нешта на Бугарите. Во таа распродажба, пак, тука секако, иако со помали подароци, нема да бидат како и досега запоставени, за да бидат колку-толку задоволни, и Албанците (тиранската платформа, Рамковниот…) и Србите, кои тврдоглаво, заедно со Бугарите, се борат за примат над културно-цивилизацискиот имот на Охридската архиепископија.

Тоа. Работите во денешната македонска изразита шизофренија на колективното битие се до тој степен јасно дефинирани што со голо око се забележува масата на „предавниците“, главно интелектуална и политичка. Тие се хистерично чувствителни на поимот идентитет и кога ќе им се спомне, реагираат со енормно патолошко врескање. А можеби, наместо „предавници“, е поисправно семантички и симболошки тие да се дефинираат со поимот изроди, тие што се одметнале упропастувајќи го автентичниот здрав род на генот. Луѓе што немаат никакво чувство ни смисла за есенцијата на колективното битие на кое му „припаѓаат“, за неговата генеза, етички, цивилизациски и културолошки карактер.

И ако фабрикуваниот површен и фалш „патриотизам“ на претходната власт, зачинет со тешки партиски зачини, не даде вистински родољубиви плодови и не го откри моќното колективно јаство на идентитетот во неговата вистинска историска и културолошка светлина, сега по неа дефетизмот на одродништвото конечно го исфрли на површина сегашната власт на таканаречената левичарска партија на Зоран Заев, драг читателу, која со своите чинодејства со продажба на Името и неговиот имот го усоврши до краен степен одродништвото и го искачи на голема сцена познатиот проколнатички и проклетнички македонски синдром на предавништвото.

(продолжува)