На годинашниот Ултрамаратон во трчање Мон Блан (УТМБ) што ќе се одржи на 31 август, на Алпите, ќе настапи и петчлена екипа од Македонија. Toa e тимот на ТРЕКС во состав Игор Пирковски, Никола Цицоски, Жикица Ивановски, Игор Јовановски и Александар Симјаноски. Патеката е долга 171 км, почнува да се трча во 18 часот, а годинава се очекува да настапат над 2.500 ултратркачи од целиот свет, кои имаат рок од 46,5 часа да стигнат до целта.
УТМБ минува низ три земји, Италија, Франција и Швајцарија и целосно го обиколува масивот околу највисокиот врв на Алпите, Мон Блан (4.810 метри). Стартот е во Шамони, Франција, потоа се трча преку Курмајер во Италија и Шампе Лак, Швајцарија, и потоа повторно назад до Шамони. Патеката, која е „зачинета“ со 9.600 метри висинско искачување и спуштање, има 50 контролни точки.
Првата УТМБ-трка е организирана во 2003 година и тогаш настапиле околу 700 тркачи. Од година на година бројката на пријавени драстично се зголемувала поради што организаторите морале да воведат построги квалификациски временски критериуми. За што подобра организација и безбедност на натпреварувачите се грижат и над 15.000 волонтери.
Рекордери на патеката, од 2014 година, се трикратниот победник, во 2012, 2014 и 2017-та, Французинот Франсоа Деан, 20:11,44 часа во машка, и двократната победничка (2013 и 2014-та), Американката Рори Босио, 23:23,20 часа, во женска конкуренција. Во 2014 година Светлана Стојаноска беше првата Македонка што го заврши УТМБ, за 44,59 часа, Жикица Ивановски го истрча за 31,46 и беше пласиран на 155-то место, а Јовица Јованчев (32,46 часа) беше на 189-та позиција.