Аргентинската фудбалска легенда Диего Марадона доби пречек што ќе го памети до крајот на животот, во пресрет на натпреварот на неговиот поранешен клуб Њуелс олд бојс, пренесува Си-ен-ен.

Марадона доби стилизирана капитенска лента со бројот 10 од капитенот на Њуелс, Макси Родригез

Според многумина најдобриот светски фудбалер на сите времиња, Марадона, кој е тренер на Гимназија Ла Плата доби подароци од неговиот поранешен тим, вклучувајќи уметничка слика на која тој е претставен за време на натпревар, портрет, капитенска лента и дрес од клубот. Но, најголемиот подарок, сепак, беше тренерскиот трон со неговиот лик. Марадона го стави својот потпис на тронот, на кого седеше за време на мечот, наместо на тренерската клупа. Подароците предизвикаа солзи радосници на лицето на Марадона, пренесуваат аргентинските медиуми.

Згора, 42.000 навивачи на стадионот „Марсело Бјелса“ го запеаја неговото име, што тој го проследи со танц. Натпреварот заврши со победа на неговиот тим Гимназија со резултат од 4-0.