Економските последици од украинската криза

Руската воена операција во Украина беше брза и драматична, но економските последици многу побавно ќе се манифестираат и ќе бидат помалку спектакуларни. Самата војна е енормно трагична, пред сè за украинскиот, но и за рускиот народ и за глобалниот поредок воопшто. Кога ќе се случи нешто вакво, очекуваме тоа да биде како морална претстава во која сите лоши последици се одигруваат еднакво драматично во секоја димензија, вклучувајќи и во економијата. Но економијата не функционира така.
Навистина, финансиските пазари брзо реагираа на веста за руската инвазија. Светскиот индекс МСЦИ што ги опфаќа сите држави, кој е водечки глобален мерач на капитал, падна на најниско ниво речиси во една година. Цената на нафтата се искачи на над 100 долари за барел, додека европските цени на природниот гас првично се зголемија за речиси 70 отсто. Овие поскапувања на енергијата негативно ќе се одразат на глобалната економија. Европа е особено ранлива, бидејќи направи малку во последниве години за да ја намали својата зависност од рускиот гас, а во некои случаи, особено Германија, која ја напушти нуклеарната енергија, дури и ја влоши.
Земјите увозници на нафта ќе се соочат со спротивни ветришта од повисоките цени. САД се повеќе заштитени, бидејќи нивното производство на нафта е еднакво на нивната потрошувачка на нафта, поскапата нафта е приближно неутрална за БДП. Но повисоките цени на нафтата ќе им наштетат на американските потрошувачи, а истовремено ќе му помогнат на поограничениот сегмент на бизниси и работници поврзани со индустријата за нафта и гас. Зголемувањето на цените, исто така, ќе придонесе за инфлацијата, која веќе е на највисоко ниво во една генерација во САД, Европа и другите напредни економии.

Но одредена перспектива за овие непосредни последици е оправдана. Со 100 долари за барел, нафтата е околу една четвртина под нејзината цена приспособена според инфлацијата во текот на 2011 до 2014 година. Покрај тоа, цените на фјучерсите на нафтата се пониски од актуелните цени, што сугерира дека пазарот очекува ова зголемување да биде привремено. Затоа, централните банки може во голема мера да не ги анализираат подлабоко настаните во Украина, ниту задржувајќи се на строгите мерки за штедење, ниту забрзувајќи ги како одговор на повисоката вкупна инфлација. И глобалните берзи сè уште се во пораст од минатата година.
Слично на тоа, иако руската берза забележува значителен пад од почетокот на инвазијата, западните санкции веројатно нема да имаат непосредни драматични ефекти. Санкциите ретко го постигнуваат тоа, затоа што тие едноставно не се економски еквивалент на бомбите што Русија во моментов ги фрла врз Украина. Покрај тоа, Русија е подобро подготвена од повеќето земји да ги надмине санкциите. Земјата има огромен суфицит на тековната сметка и има акумулирано рекордни девизни резерви од 630 милијарди долари, доволни за покривање речиси две години увоз. И додека Русија е зависна од приходите од Европа, Европејците се зависни од руската нафта и гас, што може да биде уште потешко да се заменат на краток рок.
Но, на подолг рок, Русија најверојатно економски најмногу ќе загуби од конфликтот (по Украина, чии загуби ќе го надминат она што може да се измери во националните сметки). Руската економија и благосостојбата на нејзиното население стагнираат по анексијата на Крим од страна на Кремљ во 2014 година. Последиците од нејзината сегашна инвазија од големи размери речиси сигурно ќе бидат потешки со текот на времето. Санкциите сè повеќе ќе земаат данок, а сè поголемата изолација на Русија, како и зголемената несигурност кај инвеститорите, ќе ги ослабне трговските и другите економски врски. Покрај тоа, може да се очекува Европа да ја намали својата зависност од фосилни горива од Русија.

Долгорочните економски последици за остатокот од светот ќе бидат многу помалку сериозни отколку што се за Русија, но тие, сепак, ќе бидат постојан предизвик за политичарите. Постои ризик, за кој шансите се релативно мали, дека повисоката краткорочна инфлација ќе стане дел од сè понезацврстените инфлациски очекувања и на тој начин ќе продолжи. Ако се случи тоа, и онака тешката работа на централните банки ќе стане уште покомплицирана.
Покрај тоа, буџетите за одбрана веројатно ќе се зголемат во Европа, САД и некои други земји за да ја одразат сè поопасната глобална ситуација. Ова нема да го намали растот на БДП, но ќе ја намали благосостојбата на луѓето, бидејќи ресурсите наменети за одбраната се ресурси што не можат да насочат кон потрошувачката или инвестициите во образованието, здравството или инфраструктурата.
Среднорочните и долгорочните последици за глобалната економија од руската инвазија на Украина ќе зависат од изборите. Со инвазијата, Русија веќе направи еден страшен избор. САД, Европската Унија и другите влади направија првични избори за санкциите, но останува да се види како Русија ќе реагира на нив или дали ќе бидат наметнати дополнителни казни. До степен до кој санкциите и контраодговорите ескалираат, трошоците ќе бидат поголеми, пред сè за Русија, но и до одреден степен за остатокот од глобалната економија.
Пошироко гледано, неизвесноста никогаш не е добра за економијата. Но додека светот продолжува да реагира на руската инвазија, загриженоста за БДП изгледа помала споредено со тоа. Многу поважен е светот во кој луѓето и земјите се чувствуваат сигурно. И тоа е нешто за што вреди да се вложи, дури и повеќе отколку што вложиле светските лидери досега.

Џејсон Фурман е професор по практика на економска политика на школата за управување „Џон Ф. Кенеди“ при универзитетот „Харвард“ и виш соработник на институтот за меѓународна економија „Питерсон“