Нова верзија на финансиска инклузија

Како што покажува искуството на Уругвај, трансформирањето на финансиските системи на земјите во развој, за да поттикнат општествена инклузија, ќе наложува похрабри политики, поамбициозни цели и креативни решенија. Ако овие мерки им овозможат на сите пристап и корист од финансиските услуги, тогаш тие повеќе нема да се сметаат за лош збор

Во земјите во развој може да биде предизвик да се убедат луѓето дека финансиите не се лош збор и дека финансискиот систем не е нужно искривен механизам што им служи само на богатите и го испраќа националното богатство во странство. Клучните прашања се каков вид финансиски систем сакаме и што може да се направи за да се постигне истиот тој.
Поинклузивните и подостапни финансиски системи го зголемуваат економскиот раст, ги намалуваат сиромаштијата и нееднаквоста и ја зголемуваат социјалната инклузија. Покрај тоа, владите можат да играат клучна улога во помагањето да се постигнат овие развојни цели преку активно спроведување на политиките за вклучување на финансиите. Долго време, нееднаквоста во информациите и недостигот од знаење за финансиските институции за потенцијалните клиенти и нивните потреби исклучија големи делови од популацијата на земјите во развој од финансискиот систем. Но политиките што се однесуваат на тие неуспеси на пазарот, на долг рок, ќе генерираат позитивни економски прелевања и ќе ја подобрат финансиската стабилност.
Денес, фирмите за финансиска технологија користат дигитални алатки за приспособување на финансиските услуги на потребите на поединците и малите фирми што традиционално се исклучени од системот. Новите технологии можат да генерираат кредитни оцени користејќи алтернативни податоци, со тоа да го прошират пристапот до заеми и други финансиски производи, да создадат биланси на состојба за малите бизниси за само 40 минути за да го олеснат нивниот пристап до микрокредити и да овозможат системи за микроплаќања за големи и специфични трошоци.
Микрофинансиските институции (МФИ) и бизнисите се можеби најсоодветни за да прават напори за финансиска инклузија, бидејќи тие веќе имаат искуство во работа со изземеното население. На пример, во Уругвај финансиските институции од втор степен финансираат програми за обезбедување заеми преку МФИ и бизнисите на малите заедници. Но ваквите програми не се доволни и нивниот успех во голема мера зависи од локалниот контекст. Според тоа, владите треба да ги поддржуваат финансиските технологии и МФИ со политики за поттикнување развој на помалку профитабилни финансиски услуги, кои ги нагласуваат општествените цели.

Креаторите на политиките исто така треба да истражат начини за подобрување на интероперабилноста помеѓу овие нови играчи и традиционалните финансиски услуги во однос на овие цели.
И покрај тоа, неодамнешниот напредок на Уругвај во зголемувањето на финансиската инклузија имаше клучно значење во помошта на политичарите во справувањето со економската криза предизвикана од пандемијата на ковид-19. Поддршката на државните приходи за граѓаните и инструментите за обезбедување ликвидност на фирмите преку финансискиот систем беа многу поефикасни како резултат на политиката на претходната влада.
Но проширувањето на пристапот до финансиски услуги не значи дека ќе ја зајакне општествената инклузија, како што покажува неодамнешното искуство на Уругвај и на другите јужноамерикански земји. Иако се зголеми финансиската вклученост во регионот, јавната политика не ја отстрани долгогодишна практика на маргинализацијата, па, така, најисклучените групи на население се исти како и во минатото. Клучно е таквите групи да добиваат совети и финансиско образование што им е потребно за да користат квалитетни финансиски услуги, бидејќи погрешните одлуки имаат страшни резултати.

Најновото финансиско истражување за уругвајските домаќинства, спроведено во 2014 година, откри разлики во користењето на финансиските услуги и пристапот меѓу општествените групи. Врз основа на податоците од истражувањето, Грасиела Санроман и Гиљермо Сантос од Државниот универзитет покажаа дека домаќинствата со повисоки примања почесто располагаат со кредитни картички и банкарски сметки, а исто така открија разлики поврзани со расата, условите за вработување и полот. Понатаму, истражувањето на домаќинствата покажа дека само околу четири отсто од малите фирми, односно еден отсто во неформалниот сектор и седум отсто во формалниот сектор, имаат банкарски кредит. Педесет и пет отсто никогаш не бараат кредит, а повеќе од 30 отсто сметаат дека кредитот е прескап или недостапен. Само еден отсто од малите фирми имале кредит со МФИ за време на истражувањето, а само четири отсто го имале тоа претходно.
Според тоа, владите треба да обезбедат субвенции или други услови за олеснување за да го охрабрат развојот на помалку профитабилни финансиски услуги со висок општествен принос. Во меѓувреме, финансиските институции треба пошироко да користат дигитални алатки за да стекнат подобро знаење за сегашните и идните клиенти и да им понудат приспособени производи.

За да не се казнуваат клиентите со пониски примања, кредиторите треба да изработат нови пристапи што ја ценат подготвеноста за плаќање над можноста за плаќање и да понудат повеќе средства за рефинансирање кога се влошуваат економските услови.
Структурните промени во финансиските системи на земјите во развој, потребни за зајакнување на општествената инклузија, ќе бараат похрабри политики, поамбициозни цели и креативни решенија. Доколку овие мерки помогнат секој да има пристап и да има корист од финансиски услуги, тогаш финансиите нема да се сметаат повеќе за лош збор.

Авторот е економист во банкарското здружение на Уругвај, од уругвајската банкарска унија.