На повидок е грчки брегзит?

За разлика од Британија, Грција има една од помалите економии во ЕУ. Таа е позната по слабите институции, кревката економија и е нето-примател на средства од европските фондови. Сепак, несудениот грегзит од 2015 година, односно можното излегување на Грција од еврозоната и од ЕУ, денес нуди важни лекции за завршната фаза од преговорите за брегзит

Како што брегзит се движи напред без јасна насока, би било корисно да се разгледа друг клучен настан во политиката на ЕУ за да се добие некаква претстава, а тоа е грегзит (грчкиот излез од ЕУ), кој никогаш не се оствари. Иако речиси сите во текот на еврокризата меѓу 2010 и 2015 година беа убедени дека Грција ќе ја напушти еврозоната, па и ЕУ, сепак државата остана нивна членка.

Очигледно нема многу простор за споредба. За разлика од Обединетото Кралство, Грција е една од помалите европски економии, позната по слабите институции и чија економија наедно е и нето-примател на парите од европските фондови. Грција доби закани дека ќе биде исфрлена од еврозоната (иако не постојат правни мерки за ваков чин), а од друга страна, Обединетото Кралство избра да ја напушти ЕУ. Сепак сагата за грегзит нуди важни лекции за последната фаза од преговорите за брегзит.

Шансите за грегзит, за кој постојано се зборуваше по избивањето на кризата во 2010 година, се намалија откако партиското мнозинство во грчкиот парламент го поддржа вториот пакет финансиска помош за Грција во 2012 година и преструктурирањето на долгот. Заканата дополнително се смири откако претседателот на Европската централна банка (ЕЦБ), Марио Драги, тоа лето изјави дека банката е подготвена „да стори сè што е во нејзина моќ“ за да го зачува еврото.

Ризикот од грегзит се врати со одмазда во 2015 година, кога политиката на новоизбраната грчка влада реши да ја игра ризичната игра „кукавица“ со меѓународните кредитори, што резултира со пропаѓање на преговорите. Ова изгледаше како обичен мопед да се судрил со германски камион. Кога ЕУ одби да помогне, Грција едвај се спаси во последен момент. Една недела по референдумот во Грција, на кој 61 отсто гласаа против договорот, грчкиот парламент го игнорираше резултатот и изгласа трет пакет финансиска помош со што се избегнаа банкрот и идејата за грегзит.

Постојат многу корисни лекции во контекст на брегзит. Првата е дека преговарачката моќ никогаш не е на страната на поединечната држава. Ова значи дека ЕУ не може да биде уценувана ниту поделена со градење сојузи со трети земји, особено не од страна на државата што го напушта блокот. Ниту една членка на ЕУ не може да им се пожали директно на политичарите, заобиколувајќи ги бирократите, затоа што ниту едни политички преговори не можат да ги занемарат техничките или правните проблеми.

Исто како и во случајот на Грција, Обединетото Кралство немаше разбирање за политичката и за институционалната динамика на ЕУ. Ова беше причината за пропустите во преговарачката стратегија базирана на погрешното сфаќање дека големината на Обединетото Кралство ќе има доволно влијание. Британската влада исто така немаше јасна долгорочна стратегија. Не е доволна само желбата да се напушти Унијата, исто така е потребен план како да се одвива процесот и што ќе се случува во иднина.

Што се однесува до грегзит, времето работеше во корист на ЕУ. До 2015 година, ЕУ беше подобро подготвена за да се справи со можен грегзит, како што е денес случајот со брегзит. Првичниот страв од ширење на ваквата идеја по резултатите од британскиот референдум, кој се одржа во јуни 2016 година, даде шанса да се појави изненадувачки кохезивен европски фронт, несомнено помогнат од страна на пошироките геополитички сознанија во однос на САД и на Кина. Наместо да се фаворизираат центрифугалните сили, дебаклот со брегзит го зголеми самодовербата на ЕУ и вредноста на еврото.

Строго придржувајќи се до правилата, ЕУ се справи со брегзит со здружување на принципите, бирократијата и почитувањето на законите. Покрај тоа, хаотичното внатрешно одлучување на Обединетото Кралство за брегзит ја натера ЕУ да биде повнимателна и да биде свесна за немањето стратегиска перспектива, како што беше за време на кризата во еврозоната.

Како што се приближуваме до крајот на брегзит, не сме свесни колку ставови го претставуваат прашањето од гледна точка на ЕУ. Тие ги опфаќаат идеите дека нема јасно мнозинство во Долниот дом за секаква опција за брегзит, потоа верувањето дека британската премиерка Тереза Меј нема поддршка за реален компромис, сомнежите дека тврдокорните поддржувачи на брегзит го чекаат крајниот рок од 29 март за Обединетото Кралство да излезе од Унијата, како и сè почестите сомнежи за распишување втор референдум популарно познат како „гласот на народот“.

Доминантното чувство што го нагласи заедничкиот став на ЕУ за брегзит сега потсетува на случајот со Грција кога „време беше да се стави крај“.

Спротивно на очекувањата на поддржувачите на брегзит, сето ова покажува дека ЕУ нема да замижи пред проблемот. Тие последен пат ќе направат површни отстапки само за да го добијат мнозинството во Долниот дом. Наместо тоа ќе се фокусираат на нивното единство и ќе се подготвуваат за можните исходи. ЕУ ќе се согласи на секакви продолжувања на крајниот рок од 29 март за да избегне да биде обвинета за распадот на Обединетото Кралство, но нема да има 17-часовни преговори во последен момент, како што беше во случајот со Грција во 2015 година.

Познато е дека планот на британската влада ги има опфатено сите сегменти. Но дали ЕУ има план? Само два исхода треба да се прифатливи и тоа договор за царинската унија со Кралството или референдум што ќе го поништи резултатот од 2016 година. Покрај зголемената поддршка во европските главни градови за првиот предлог, сепак ЕУ го претпочита второто решение како долгорочна алтернатива. Иако Обединетото Кралство би можело да се самоуништи со вториот референдум, ЕУ треба да ѝ помогне на државата на секаков можен начин да ја преиспита проблематичната одлука што се засноваше на лага.

Секако, ЕУ не може отворено да го стори тоа. За среќа, сè што треба да направи е да се држи до принципите што ги постави и да му даде шанса на времето. ЕУ мора да му одолее на предизвикот да го натера Обединетото Кралство да склучи „разумен договор“ заедно со оној со царинската унија. Ова можеби звучи цинично, но останувањето на Обединетото Кралство во ЕУ е од најдобар интерес за двете страни. Токму поради ставот на ЕУ за „непостигнување договор“ ја спречи Грција да го напушти блокот во 2015 година.

Авторот е бивш министер за финансии на Грција