Европското лицемерство и нашите мекотели (мекуши)

Се вели дека во политиката владее правото на посилниот, а не правото на законот и, навистина, во историјата има многу примери за тоа. Но тие примери покажуваат дека правото на посилниот не е вечно. Имено, уште од создавањето на државите во античко време, ниедна империја не се одржала, туку сите пропаднале, почнувајќи од Римската, Византиската, Османлиската, Австроунгарската, сѐ до модерните колонијални империи (Франција, Велика Британија, Холандија, Германија. Шпанија, Португалија), кои мораа да се откажат од нивните колонии во Африка, Азија, Индокина, Америка, ама народите под нивна власт опстоија до ден-денес, макар и како малцинства за да сведочат за нивниот „цивилизациски“ учинок. Современите идеолошки „империи“, на прво место НР Кина и СССР, поучени од историското искуство, се преобразија однатре и не се распаднаа целосно, туку напредуваат на сите полиња особено на економски план (Кина). Најновата империја, пак, Европската Унија е на крстопат: или да се преуреди и преобрази или да се распадне со разно-разни „-егзити“. Имено, демократските правила врз кои ЕУ е првично замислена и заснована наголемо се злоупотребуваат од некои нејзини членки, неподготвени за европско однесување, зашто не беа примени според правилата на ЕУ, туку заради геополитички потреби – фобијата од руското влијание на Балканот – крстосница и мост помеѓу Истокот и Западот.

Откако ЕУ ја „заштити“ својата источна граница од руската „опасност“ примајќи ги Романија и Бугарија – довчерашните најголеми советски сателити од Источниот Блок – премолчено се откажа од другите балкански земји и вторпат дозволи една нејзина членка – во нејзино име да се изживува злоупотребувајќи ги „демократските правила и начела“ врз кои е создадена ЕУ. Имено, со оградувањето – најдете компромис (за бугарските барања за преобликување на македонскиот идентитет и за целосно раскинување со минатото, кое не им се допаѓа), ЕУ всушност ја поддржува Бугарија и како и во случајот со грчкото вето го крши не само европското туку и севкупното меѓународно право. Така, нејзините гласноговорници дрско и надмено даваат непристојни предлози за укинување на нашите државни празници, како што е 11 Октомври – Ден на народното востание против фашизмот и 23 Октомври, празник на македонската револуционерна борба. Според нив, тоа било славење на пораз над соседот и на некаква комунистичка герила (сигурно не знаат дека сите партизани не беа комунисти, или се прават дека не знаат) и на револуционерно-терористичка организација. А има ли народ во Европа што се ослободил од туѓа власт без оружена (според нив терористичка) борба? И од кога борбата за национална слобода е тероризам? Потоа ни кажуваат дека Германија се откажала од такви национални празници и го славела само денот на нејзиното обединување.

Одличен пример – и ние ќе го славиме денот кога ќе биде поништен Версајскиот договор со кој Македонија беше распарчена. Од друга страна, пак, нивната членка Бугарија како национален празник го слави 3 март, денот на Санстефанска Бугарија во која, освен цела Македонија, влегувал голем дел од Балканот, како и дел од Грција, членка на ЕУ, ама и ЕУ и Грција мудро молчат. А, пак, врв на предлог-поуката беше дека такви празници биле добри ако сме сакале да бидеме дел од Русија, ама не и на ЕУ!? Човек да слуша и да не поверува. Од друга страна, пак, во таа напредна ЕУ cѐ почесто се премолчува советскиот придонес во победата над фашизмот и 9 Мај се слави без руски претставници, како ден на некоја Европа – што ЕУ сама си ја определува! Ваквото итромански досетливо бришење на споменот за победата над фашизмот – најголемото зло на 20 век – најбезобѕирно го користи балканскиот натрапник Бугарија бесрамно барајќи бугарската фашистичка окупација во Македонија да се избрише од сеќавањето на македонскиот народ, за да ја избрише фашистичката дамка во својата историја, со премолчена поддршка од ЕУ и под превезот на солидарност со членките, без и најмало почитување на, од неа воспоставените правила за членство во ЕУ.
Ова покажува дека и ЕУ е идеолошка (неолиберална и глобалистичка) економско-трговска империја, која себеси се прикажува како демократски врв во развојот на цивилизацијата, та иако проповеда мирно решавање на проблемите наголемо, но прикриено, користи насилнички и незаконски методи, благодарение на нејзината идеолошка и политичка моќ. Така, нејзините членки учествуваат во бомбардирања на НАТО на суверени држави (Србија и многу други), а пак нејзините гласноговорници нѐ учат дека кога бугарскиот инженериски полк ќе ја минел границата на Македонија (за да ја исполни желбата на Каракачанов за уривање на спомениците) требало само да ја викнеме шестата американска флота од Медитеранот што ќе им испукала проектили!!! Човек се прашува дали да си верува на ушите.

Решавањето, пак, на „проблемите“ по мирен пат ЕУ го прави со устоличување власт на безрбетни измеќари и платеници преку кои ги принудува народите на малите и сиромашни држави да прават работи какви што не сакаат. Еден таков пример беше насилното менување на името на нашата држава спротивно на волјата на народот (неуспешен референдум). Таквите измеќари, ЕУ ги прогласува за најголеми демократи и ги наградува. Така, дента кога Бугарија го стави ветото за преговори со ЕУ, од фондацијата „Фридрих Еберт“ во Берлин на безрбетниот премиер му беше врачена награда за човекови права за 2020 г., што министерот за надворешни работи на Германија Хајко Маас му ја честита нарекувајќи го „убеден Европеец и реформатор“. Од друга страна, истата таа ЕУ на Македонија не ѝ дозволува започнување преговори за членство затоа што не биле направени реформи! Што впрочем е сосема точно. Очигледно тој услов ќе биде исполнет кога измеќарот ќе ја направи најважната реформа – преобликување на македонскиот идентитет. А тој јасно и гласно го најави тоа во интервјуто за бугарската БГНЕС, кога ги искажа своите историски сознанија, а потоа ги дообјаснуваше во македонските медиуми.

Со оглед на оригиналноста на неговите толкувања за нашето најблиско минато, ова интервју треба да се оцени како докторска дисертација, дотолку повеќе што веќе е јавно одбранета пред целата македонска јавност (а не само пред академската), како што е пропишано со Законот за високото образование, и на безрбетниот премиер веднаш да му се даде докторска титула, со сите права што според законот му припаѓаат. И така, како доктор по историски науки ќе има научно покритие за да си го витка ’рбетот колку што сака. А како експерт за историја, ќе може да ги искажува своите најнови историски сознанија, да ги поправа слабостите, како што рече во интервјуто, на нашите историчари, со дипломи и специјализации од угледни странски универзитети, а можеби ќе може дури и да убеди некого во тоа.
П.С. Докторската титула на историчарот З.З. треба да му се додели веднаш, пред да се сетат Власите, и пред да му дадат титула од некој европски универзитет, веројатно од Софиски’а! Та нели и тие се сега Европа.