Прифаќањето на Кина на глобалната сцена е неизбежен чекор

567

„Апсолутната национална безбедност“ можеби беше разумна цел за САД кога државата беше на чело на униполарниот светски поредок. Но во денешниот свет, типичен рецепт за катастрофа е обидот да се „спречат и да се соочат“ со оние што имаат различни вредности или системи наместо да се седне на преговарачката и да се постигне нова соработка

Во нивното последно коминике, лидерите на НАТО истакнаа дека Кина претставува „системски предизвик за меѓународниот поредок заснован на правила“. Мисијата на Кина јасно порача до Европската Унија (ЕУ) дека „државата кон никого нема да претставува никаков ’системски предизвик’, но ако некој сака да постави ’системски предизвик’ кон неа, тогаш Пекинг нема да остане рамнодушен“. Ваквата реторика „мило за драго“ е непотребна и поголем дел од светот веројатно не сака таа да ескалира. Сепак, ескалацијата станува сè поверојатна секој ден.
Тоа во голема мера е така затоа што Кина е една од ретките политички сфери каде што американскиот претседател Џо Бајден генерално го поддржува пристапот на неговиот претходник Доналд Трамп, а тоа е жесток натпревар, соработка секогаш кога е потребна и соочување секогаш кога е неопходно. Како што имплицира одговорот на Кина на коминикето за НАТО, таа усвои свој одговор од три елементи и тоа да се избегнува кавга, но да нема страв од борба и таа да се примени кога е неопходна. НАТО не е единствениот форум каде што Бајден се залага за пристапот на САД. На неодамнешниот самит на Г7 и за време на неговата средба со лидерите на ЕУ, Бајден исто така се обиде да ги убеди сојузниците на Америка да формираат обединет фронт против Кина (и Русија). Американскиот сенатор Берни Сандерс го гледа проблемот и неодамна предупреди дека ако Кина се смета како егзистенцијална закана, американскиот политички естаблишмент ефикасно го отвора патот за нова студена војна во која нема да има победник. Како што рече тој, организирањето на надворешната политика на САД околу „глобална конфронтација со Кина со игра на нулта сума“ би било „политички опасно и стратегиски контрапродуктивно“.
Неправилниот пристап на Америка кон Кина е вкоренет во долгогодишното верување во концептот за апсолутна национална безбедност. Иако ова можеби беше разумна цел за САД во децениите по Втората светска војна, кога земјата застана на чело на униполарниот светски поредок, сепак таа повеќе не е реална во денешниот мултиполарен систем. Во денешниот свет, типичен рецепт за катастрофа е обидот да се „спречат и да се соочат“ со оние што имаат различни вредности или системи наместо да се седне на преговарачката и да се постигне нова соработка. Тоа секако ја попречува можноста да се оствари заемно корисен економски ангажман и соработка за заеднички предизвици како климатските промени. Како што истакна портпаролот на кинеската амбасада во Лондон по самитот на Г7, „одамна поминаа деновите кога глобалните одлуки ги диктираше мала група на земји“.

Но проблемот е многу подлабок, дури и во оваа „мала група на земји“, одлуките како стремење кон конфронтација со Кина не ја одразуваат волјата на мнозинството. Како што тврдеше Џозеф Стиглиц, САД денес изгледаат повеќе како плутократија, со тоа што најбогатите еден отсто можат повеќето јавни политики да ги насочуваат во нивна корист за разлика од репрезентативната демократија. Ако најбогатите еден отсто, во земја што претставува пет отсто од светската популација, ги втурнува двете најголеми економии во конфликт, целиот свет ќе претрпи неизмерна штета, со тоа што најголем дел од луѓето немаат никакво право на глас по ова прашање. Ако САД и нивните западни сојузници вистински веруваат во демократија, ова за нив не треба да е прифатливо. Подобар пристап е оној што ги рефлектира вредностите на западните либерални демократии и ќе одговара на интересите на „Една земја“ што ќе го опфаќа целото човештво и планетата од која зависиме. Тоа значи проширување на нашата перспектива надвор од националната безбедност за да се стремиме кон глобална безбедност што е најповолно за сите и да се погрижиме секое човечко суштество да има збор во одредување на нашата колективна иднина.
Ние не се залагаме за глобално управување. Природните и општествените науки ја покажаа слабоста на монокултурата. Во човечката цивилизација, како и во природата, различноста носи стабилност и напредок. Дури и конкуренцијата може да биде добра работа, но само ако се балансира со ефективна соработка и се избегне насилство врз луѓето или околината. Како би се реализирал системот „Една Земја“? Од клучно значење ќе бидат хиерархиските механизми за повратни информации, овозможени од технологијата. Целта мора да биде да се разбијат изолираните системи, кои традиционално ги создадоа глобалните елити, со помош на нејасен јазик. Ова ќе им овозможи на повеќе луѓе со експертиза во повеќе области да придонесат во дискусиите.

Придобивките од ваквиот пристап се олеснуваат од тензиите помеѓу традиционалното економско размислување насочено кон сè поголема потрошувачка, инвестиции и раст и еколошките императиви, како што се намалување на емисиите на стакленички гасови и заштитата на биодиверзитетот. Во системот „Една Земја“, големите придобивки често може негативно да се одразат. Застарениот, изолиран пристап, исто така, се рефлектира во наводниот наратив дека САД и Кина се заглавени во „цивилизациски судир“. Сите империи се наоѓаат во судир. Цивилизациите треба да се однесуваат „цивилизирано“, особено поради тоа што сите ја делиме истата Земја. За таа цел, лидерите мора да го надминат тесниот фокус на националната безбедност и да се стремат кон широки, инклузивни дискусии за тоа како да ја постигнат глобалната безбедност, во форма на мир, стабилност, соодветна исхрана и одржливост на животната средина. Но прво САД мора да се откажат од ограничување на Кина и да започнат да ја прифаќаат.

Шенг е истакнат соработник на Азискиот глобален институт на Универзитетот во Хонгконг и член на советодавниот одбор за одржливи финансии на УНЕП.
Сиао Генг е професор и директор на истражувачкиот центар за поморскиот пат на свилата на Бизнис-школата на универзитетот „Пекинг“.