Економскиот развој е клучен за мир на Блискиот Исток?

Сега откако администрацијата на Трамп понуди план за економски развој и реформи на палестинските територии, на сите им се јасни опортунитетните трошоци од одржувањето статус кво. Иако Палестинците и натаму се противат на планот, тие барем сега може да почнат да се фокусираат на економскиот потенцијал на мирот

На неодамнешната работилница во Бахреин, високиот советник во Белата куќа, Џаред Кушнер, претстави амбициозен план и иницијатива за економски развој на палестинскиот народ. Администрацијата на Трамп се надева дека нејзиниот предлог „Мир до просперитет“ ќе го одврзе Гордиевиот јазол на израелско-палестинскиот конфликт, и конечно ќе воспостави мир помеѓу еврејската држава и нејзините соседи. Иако на работилницата учествуваа неколку земји со витални интереси во регионот и очигледен беше потенцијалот за улога во програмата за економски развој, Палестинците одбија да учествуваат.

Американскиот план е многу амбициозен. Грантови и заеми за палестинските територии ќе бидат проследени со мерки за зајакнување на имотните права и владеење на правото, реформи на судството, подобрување на инфраструктурата и проширување на трговијата со Израел и другите делови од регионот. Целта е двојно зголемување на БДП на палестинските територии, креирање еден милион работни места и, на тој начин, преполовување на сиромаштијата. Програмата содржи три поврзани иницијативи, фокусирани на „ослободување на економскиот потенцијал“, „збогатување на палестинскиот народ“ и „подобрување на палестинското владеење“.

На пример, такви се предлозите за зајакнување на човечкиот потенцијал и поддршка за претприемаштвото, отворање на Западниот Брег и Газа со нови патишта, железнички линии и гранични премини, како и значително подобрување на енергетската, водоводната и дигиталната инфраструктура. Еднакво е важно тоа што планот ќе ја продлабочи економската интеграција на Палестинците и тоа не само со Израел, туку и со Египет, Јордан и Либан.

Севкупно земено, „Мир до просперитет“ нуди видлив план за палестинскиот народ да си ја подобри економската иднина. И покрај тоа што ваквите големи иницијативи ретко се реализираат како што првично се очекува, напредокот кон поголем дел од целите ќе претставува голем успех. План што ги ослободува човечкиот потенцијал, трговијата и приватните иницијативи, проследени со обезбедување поголема монетарна и фискална дисциплина, претставува вистински пат кон економски пораст и индивидуална слобода. Кога надворешната помош е насочена на таков начин за намалување на физичките и легални пречки за трговијата и инвестициите, и е проследена со неопходните владини реформи, тогаш сигурно ќе има голем број нови можности.

Ваквиот пристап беше во центарот на Маршаловиот план. По Втората светска војна, европските влади имплементираа реформи и ги отстранија трговските бариери, а САД го преплавија регионот со пари, храна и гориво, во вредност од помеѓу три и пет отсто од американскиот БДП. Највидливиот успех беше во земјите што спроведоа најсилни реформи. Западна Германија во најголем дел го должи своето поствоено „чудо“ на напорите на Лудвиг Ерхард, кој ја спроведе валутната реформа и ја елиминира контролата на цените пред да стане прв западногермански министер за економија.

Од друга страна, дури и со 27 милијарди донации и заеми од донаторите, како и со приватните инвестиции од остатокот на регионот, спроведувањето на неопходните реформи во палестинските територии воопшто нема да биде лесно. За двојно зголемување на БДП, ќе биде потребен годишен просечен пораст од седум отсто во траење од најмалку десет години (или шест проценти за 12 години). Сепак, оваа цел е достапна. Осумнаесет години откако Кина стана дел од Светската трговска организација, кинескиот БДП се зголеми за четири пати, а Индија остварува просечен пораст од околу седум отсто во изминатата деценија. Слично на тоа, по отворањето на нивните економии пред неколку децении, Јужна Кореја, Тајван, Хонгконг и Сингапур ја избегнаа т.н. замка со среден приход, и обезбедија статус на високи приходи. Колку за споредба, сегашниот палестински БДП по жител е едвај десет проценти од тоа ниво.

Ако Палестинците сакаат и се способни да ги спроведат реформите предвидени со планот „Мир до просперитет“, тогаш нема причина зошто да не ги копираат овие наведени успеси, со помош на богатите соседи, меѓународните институции, САД и други земји. Алтернативата е продолжување на трендот од бедни 1,7 отсто економски пораст на годишно ниво, па дури и влошување на таквата ситуација.

Помеѓу Израелците и Палестинците има многу длабоки и напнати територијални и политички конфликти, кои еден ден ќе мора да се решат. Но Палестинците барем сега може да почнат да размислуваат за економскиот потенцијал на мирот. Подлабока економска интеграција со регионот, а особено со Израел, ќе значи намалување на геополитичките тензии и значително подобрување на животниот стандард, здравјето и степенот на образование. Можеби најважно е тоа што помладите Палестинци, кои долго страдаат поради големата невработеност, конечно ќе имаат шанси за претприемаштво, личен развој и нагорна социјална мобилност. На крајот, сепак на нив останува да му ја одредат иднината на палестинскиот народ.

 

Боскин е професор по економија на универзитетот „Стенфорд“, како и претседател на Советот за економски прашања на бившиот претседател Џорџ Х. В. Буш во периодот 1989-1993 година.