Почитуван господине Андреј Ковачев, ги прочитав вашите искажувања со кои му честитавте за, не знам што, на господинот Стево Пендаровски, претседател на Република Северна Македонија, објавени на порталите во Скопје. Стекнав впечаток дека барате некоја вистина, во една магла развеана од Бугарија, односно бугарската историографија, кон Македонците. Веднаш ќе ви кажам дека јас сум Арман (како што вие Бугарите нѐ нарекувате нас Власите), а не Македонец. Ова значи дека сакам да ви укажам на една ваша заслепеност, која ве води во поголема лага, која не може да ја измери никаков кантар. Ама, тоа е нашиот Балкан – сите живеат и се хранат со лаги. Како добар манипулатор, лупата со која божем ја барате вистината сте ја свртеле наопаку, па, наместо да ви ги прави појасни работите, таа ви ги замаглува, а вие, заслепени во лагите, тоа не го сеќавате или намерно ги туркате напред работите.
Илинденското востание и Крушевската Република од 1903 година се плод на Македонците, но и на македонските Власи од Крушево. Еве и потврда на тоа: претседателот на Владата беше Дину Ванѓели, Влав, и главниот командант на борците беше Питу Гули, Влав. Значи, од три големи функции, две ги држеа Власите. Господине Андреј Ковачев, би било добро и вие Бугарите да почнете да размислувате малку поинаку. Вистината, која божем вие ја кажувате, не е само со бојата на вашите малку заматени (покорувачки) офанзивни очила, туку на сончевата светлина оддаваат и друга вистина, која вие Бугарите не ја гледате. Не треба сосема да се заборават ни неправдите нанесени и од Србите, ама, според кажувањето на мојот дедо и родители, неправдите на Бугарите малку повеќе натежнуваат. Дедо ми Васил почина во 1975 година, на 88 години, и никогаш не го беше заборавил ќотекот од српските џандари, ама јака тресеше и од „добрите“ ваши пандури, како што тој ги викаше.
Сите овие работи ги кажав како Влав/Арман, а не како Македонец, и верувам дека и многу Македонци ќе ми замерат за овие кажувања/укажувања, ама вистината и натежнува повеќе на македонска отколку на бугарска страна.
Димо Н. Димчев