Жив песок на патот кон ЕУ

Целиот државен врв на Бугарија во изминативе два дена е мобилизиран во креирање нова формулација на своите стари ставови (или заблуди) за историјата на Македонија, овој пат спакувани како „европски услови“

Уште нетргната, што се вели, на европскиот пат, Македонија продолжува да им создава фрустрации на соседите. Секогаш кога наближуваше некој термин за самит на ЕУ, на кој требаше да се одлучува за доделување датум на земјава за почеток на преговорите со Унијата, обично некој од соседите, кои се веќе во т.н. европски клуб, го активираше својот арсенал на уцени, индивидуално, а понекогаш и синхронизирано. Како некакво решение за таквата соседска уценувачка практика, на Македонија ѝ беше предложено да потпише договори за добрососедство, за да си го забрза патот кон ЕУ. Договорите, иако асиметрични, како оптичка илузија во искривени огледала, се потпишани, а по потписите Македонија речиси и не може да ја препознае сопствената проекција. Сето тоа во домашната јавност, потписниците на договорите го претставуваа како неизбежна жртва, по која соседите гарантираат дека ќе престанат со своите уцени за шансата за европска иднина на Македонија.

Кога претходно раскажаното сиже би било подлошка за опишување реален (па и историски) настан, или сценарио (за документарен филм), според претходните договори, Македонија можеби и понатаму не би била членка на ЕУ (толку набргу), но соседите на почетокот барем би се однесувале според договореното и не би уценувале. Но во традиционалното практикување, балканските добрососедства функционираат според принципот – не знаеш што ти намислил соседот, ама пак заедно пиете кафе.

Повторно наближува самит на ЕУ (во втората половина на октомври) и Македонија повторно е во очекување и надеж за конечно добивање датум за почеток на преговорите, или барем неформално отворање (колку за вежбање) на некое поглавје. И во пресрет на самитот (кој сепак е во знакот на конечниот брегзит), еден од „европските“ соседи на Македонија, креираше безмалку вонредна состојба во својата држава, за да упати старо-нови уцени. Целиот државен врв на Бугарија во изминативе два дена е мобилизиран во креирање нова формулација на своите стари ставови (или заблуди) за историјата на Македонија, овој пат спакувани како „европски услови“. Имено, претседателот на Бугарија, Румен Радев, го повика бугарскиот државен врв на состанок, по кој објавија дека неговата земја ќе претстави „црвени линии“, како гаранција дека европската интеграција на Македонија нема да е на штета на бугарската историја, јазик и идентитет. Радев категорично се изјасни дека „треба многу јасно да се стават предуслови, кои доколку не се реализираат, нема да се дозволи отворање нови поглавја. Тоа треба да биде јасно нагласено, како конкретна, отворена и конструктивна позиција уште на почетокот, при отворањето на преговорите“.

Премиерот Бојко Борисов, по „консултативниот состанок“ со Радев, се обидел да ја ублажи неговата категоричност, но и тој е уверен дека членството на Македонија во ЕУ е важно, но „тоа не може да биде на наша сметка, со прекројување на историјата“.
Од оваа „панична“ мобилизираност на бугарската политичка сцена и уште една манифестирана фрустрација со македонското прашање, единствено јасно е дека договорот за добрососедство наместо подадена европска рака за Македонија, претставува стапица од жив песок со нови т.н. црвени линии од Бугарија, а всушност стари уцени на темата историја. Од друга страна, пак, контроверзијата во која се најде македонската страна произлегува токму од тој фамозен договор за добрососедство, со кој Македонија всушност се согласува да преговара за усогласување на својата историја со бугарското гледиште. Дури е формирана и т.н. заедничка историско-образовна експертска комисија, која треба да договори соодветни историски личности и настани за заедничка прослава, но и усогласување на историските учебници во образовниот систем на двете земји. По речиси две години, токму таа комисија стана инструмент за испорачување уцени од бугарската до македонската страна. Токму преку таа комисија беше испорачан ултиматумот до македонската страна „да прифати дека Гоце Делчев е Бугарин“, до октомври, годинава, односно до самитот на ЕУ.

Научноисториските усогласувања во заедничката комисија се блокирани на прашањето за националноста на идеологот и борецот за македонизмот, Гоце Делчев, а бугарската страна очигледно процени дека сега е погодно време за пласирање на своите „гледишта“, притоа прикажувајќи дека со наклонетост направиле одредени отстапки. Според бугарскиот премиер Борисов, отстапката се состои во тоа што наводно се откажале од идејата дека македонскиот и бугарскиот народ се еден ист и ја нудат опцијата да прифатиме дека сме „братски народи“. Сепак, „поучно“ порачува „Македонците да престанат да си играат со историјата и со минатото и да се сконцентрираат на иднината“.

По јасно искажаните уцени на бугарската политика за македонските евроинтеграции, кои „добрососедски предупредуваат“ дека имаат 71 можност за да ја блокираат Македонија во текот на преговорите со ЕУ, се чини дека европската иднина на земјава ќе личи на барање стратегија за извлекување од жив песок. Со какво било движење се пропаѓа подлабоко. Нели е крајно време и Македонија да ги зацрта своите црвени линии. И да не дозволи повеќе кој било да тргува, да се пазари, да го разграбува нашето богато историско минато, да го разградува нашиот национален идентитет или, пак, да ги доведува во прашање посебноста на македонскиот народ и држава.