За кого? За Македонија

Уште има луѓе на кои им се ежи кожата кога на спортските терени ќе ги слушнат прашањето „За кого?“ и уште погромогласниот одговор „За Македонија!“. Тоа покажува дека силното национално чувство кај секој македонски граѓанин е длабоко втиснато и никогаш не може да исчезне, но му треба искра да го разбуди. Тоа билдање на националната свест го прават сите, затоа што знаат дека ако народот остане без националните идеали, многу лесно ќе се загуби

Викендов скопјани го одбележаа 13 Ноември, Денот на ослободувањето на Скопје. Нецели десетина дена претходно, и битолчани го одбележаа ослободувањето на својот град. Во октомври, пак, Прилеп и Куманово беа домаќини на свеченостите по повод Денот на народното востание.
Сето ова говори дека само во еден краток есенски период, Македонија има датуми со кои секогаш може да се гордее, бидејќи во едни тешки времиња македонските граѓани биле тие што решиле да застанат на страната на антифашистичката борба и да бидат дел од сојузничките сили, кои подоцна изградија еден нов демократски свет токму врз темелите на таа антифашистичка борба.
Но впечатокот што се добива во последно време е дека македонското општество полека како да го губи тоа национално чувство за победи, за одбележување вакви историски датуми, за славење, и тоа најмногу поради сите разочарувања што ги доживеа во овие три децении самостојност.
Големиот триумфализам кога се создаваше независната македонска држава брзо се замени со разочараност од криминалната транзиција, уништувањето на економијата, исчезнувањето на средната класа, системското уништување на образованието, криминалот, корупцијата, немањето функционален правен систем, а на сето тоа и надворешните ултиматуми за промена на знамето, сѐ уште неразјаснетиот и недефиниран карактер на воениот конфликт во 2001 година, за сето тоа да кулминира со дискриминаторските и етноцидни договори со Бугарија и со Грција, со кои се задира во идентитетските обележја на нашата држава. Се чини дека ова последното скрши нешто во Македонците, и затоа ниту Илинден повеќе не е нашиот Илинден, ниту 11 Октомври е онаков како што го знаевме, а уште помалку датумите со кои се одбележува ослободувањето на градовите. Нема пиетет и славеничка атмосфера, а кога тоа не може да се почувствува наоколу, тогаш и народот станува сè порамнодушен кон овие датуми и кон нештата што се важни за државата.
Некои постари генерации добро ги паметат празниците во поранешните времиња и односот на народот кон нив. Преплавени улици со знамиња, во етерот пригодни патриотски песни, филмови во кои се велича партизанската борба, дополнителна стимулација за работниците за уште поголема мотивација во работата, едноставно една цела државата заеднички дишеше за тие неколку свети датуми. Никој не се дрзнуваше да го оспори македонски јазик или идентитет, бидејќи знаеше на каков одговор ќе наиде.
Сега едвај 1,7 милион жители на оваа наша Македонија тешко можат да се обединат околу најважните национални интереси, а уште помалку да застанат во нивна одбрана. Затоа и ни се случува ова што ни се случува, да дозволиме промена на името, на идентитетот, на историјата…

Па, Србија и Косово пред извесно време ќе започнеа воен конфликт поради промената на една буква на регистарските таблички, од „КС“ во „РКС“, само затоа што двете земји почувствуваа дека им е загрозен суверенитетот, но и нивниот идентитет. Кај нас се промени името на државата, се атакува и на промена на идентитетот, историјата, така што прашање е што следно ќе нè снајде во нашето обезличување.
Да бидеме начисто, одбраната на националното достоинство треба да претставува света должност на секој граѓанин во оваа држава. И реакцијата на сè што ќе дојде како закана за македонскиот идентитет, народ или држава, секогаш треба да биде непоколеблива, силна и единствена. Таа реакција е природна, која ги заштитува и поединецот и припадноста кон колективитетот, кон семејството, нацијата и државата.
Но каде исчезна нашиот патриотизам, каде ја снема енергијата од пред десетина години, борбата за македонштината, чувството да се брани својата земја?
Сето ова говори дека ние како држава немаме воспоставено вистински однос кон најсветите нешта врз кои е изградена Македонија, заветите за кои илјадници луѓе ги дале своите животи низ македонската историја и со кои не може да се прави трговија по никоја цена. Македонија нема цена и затоа овие завети мора да ги имаме постојано пред себе и да не отстапуваме од нив.
Затоа е важно повторно да се разбуди националната свест кај македонските граѓани, кои по сите порази и неправди како да ја загубија вербата во својата држава и, конечно, вербата во себе дека и тие можат нешто да направат за својата земја. А таа будна состојба мора да се одржува постојано, да се гради и да се издига на највисоко ниво при секој можен повод, без никакви задршки или, пак, резерви за тоа како ќе реагираат соседите. Тоа билдање на националната свест го прават сите, затоа што знаат дека ако народот остане без националните идеали, многу лесно ќе се загуби.
Тоа во овој момент му се случува на македонскиот народ и затоа краен момент е за ново национално будење, оти само така може да се зачуваат идентитетот, јазикот и историјата. Со цврста национална свест, сплотеност, непоколебливост, лесно ќе се излезе накрај со секаков предизвик или провокација, а бугарските клубовите што сега никнуваат низ земјава ќе се соочат со цврст македонски пркос, истиот оној со кој сме опстојале низ вековите.

Прво што треба да се направи е да реструктурира образованието, односно да почне да се гради националната свест уште кај најмладите. Нека почне секоја нова учебна недела со кревање на државното знаме и интонирање на химната. Во учебниците нека се вратат песничките за Илинден, за 11 Октомври, за НОВ, за Климент и Наум, за просветителите, да знаат младите генерации дека ова парче земја родило богата историја, од која по никоја цена не смееме да се откажеме, а уште помалку некому да ја подаруваме.
Второ, политичарите конечно треба да се свестат дека Македонија не е ничија партиска испостава, туку држава на македонските граѓани. Тие политичари треба да ја направат оваа земја подобро место за живеење, без корупција, без криминал, со функционално здравство, правосудство, администрација, со добра инфраструктура, со стабилна економија, со независен енергетски систем…
Само со квалитетно образование и домаќинско управување со државата, народот ќе почне повторно да верува во својата Македонија, ќе стои гордо под нејзиното знаме и ќе му се спротивстави на секој што ќе се дрзне дури и да промени некаква запирка од нешто, а не, пак, да го менува македонскиот идентитет или историја.

Уште има луѓе на кои им се ежи кожата кога на спортските терени ќе ги слушнат прашањето „За кого?“ и уште погромогласниот одговор „За Македонија!“. Тоа покажува дека силното национално чувство кај секој македонски граѓанин е длабоко втиснато и никогаш не може да исчезне, но му треба искра одново да го разбуди. Нека си слави Бугарија свои празници, а ние да се вратиме на нашите празници, онака како што им прилега. Да го развиориме високо знамето, нека екне „Денес над Македонија се раѓа…“ и да почнеме вистински да веруваме, да веруваме дека можеме од земјава да направиме поубаво место за живеење за сите. Тогаш секој одново ќе се жртвува за својата земја и нема да дозволува никој да си поигрува со нејзината иднина.
Токму така. Сето ова треба да го направиме за Македонија, оти таа е единственото библиско нешто од кое никогаш не смееме да се откажеме.