За апостолите на писменоста

Заслугата на светите браќа е всушност културолошка вредност на словенската цивилизација и силните далги што допреа сѐ до нашето време. Нивното дејание е, всушност, еден космополитски белег и национален идентитет што го препознаваме во постоењето на Македонија и македонскиот народ. Нека се вечни и незаборавени!

Празникот 24 Мај се слави како празник на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј. Тие успеале да станат вистински апостоли на Словените. Со сето битие посакувале да им служат на словенските народи и на единството на Универзалната црква. За нивните заслуги и успешната мисија на описменување, во своето апостолско послание EGREGIAE VIRTULIS, папата Јован Павле II на 31 декември 1980 година ги прогласи за сопокровители на Европа, чиј покровител е Светиот Бенедикт, прогласен од папата Павле IV на 26 октомври 1964 година. Постапката и чинот доволно зборуваат за заслугите на солунските браќа. Треба да се спомне дека браќата се родени во Солун, во богатото семејство на Лав и Марија. Методиј завршил највисоки школи во Константинопол и се определил за воена служба. Откако ја напуштил службата, заминал за Олимп и таму се закалуѓерил. Бидејќи талентот што го имал бил забележан од царските советници, на Кирил му било овозможено да се школува во прочуената Магнаурска школа во Цариград. Таму се формирал како извонреден мислител, богослов и апологет на христијанството. Набргу станал и професор на истата школа. Ростислав, кнезот на Велика Моравија, испратил молба до византискиот император Михаил III за тој да му испрати епископ и учител што ќе им објаснува на нивниот јазик вистинска христијанска вера. Секако, изборот недвосмислено паѓа на солунските браќа, кои биле подготвени за ваква голема мисија – книгите што ги носеле со себе биле преведени на македонски јазик.

Заедно со нивните ученици, тргнале на далечен и опасен пат бидејќи за противници ги имале германските просветители, кои веднаш ги обвиниле за ерес, а своето правоверие биле принудени да го докажуваат во Рим, пред папата Адријан II. Откако внимателно ја ислушал нивната одбрана, поткрепена со вистина, папата ги одобрил македонско-словенските богослужбени книги и наредил да бидат поставени на олтарот на црквата „Санта Марија Маџоре“. Македонскиот јазик се богослужел во три цркви во Рим.
Големината на нивната активност се гледа и во вложениот напор на Кирил за создавање азбука, бидејќи Словените немале букви. Тој е креатор и на првата словенска азбука – глаголицата. Заслугата на светите браќа е всушност културолошка вредност на словенската цивилизација и силните далги што допреа сѐ до нашето време. Нивното дејание е, всушност, еден космополитски белег и национален идентитет што го препознаваме во постоењето на Македонија и македонскиот народ. Нека се вечни и незаборавени!
Во чест и слава на сесловенските и македонските просветители, браќата Кирил и Методиј, во нашата држава Македонија и во дијаспората деновиве се одржуваат научни трибини, културно-просветни програми, поетски читања, фестивали, црковни свечености, литургии, молибден за епохалното дело што ни го оставиле итн. Во Гостивар, во Амфитеатарот на кејот на реката Вардар беше одржана трибина посветена на светите браќа Кирил и Методиј, за македонскиот јазик, писменоста, македонскиот идентитет, и беше испратена порака да се чуваат и негуваат македонскиот јазик и писмо, политичарите да престанат со распродажбата на сѐ што е македонско.