Време е одговорно да се реформираме

Ќе понесе ли воопшто некој од досегашните носители на јавни функции одговорност за потфрлањето во функционирањето на системот, за покажаните општествени слабости, за стагнирањето и назадувањето на нашата самостојна и суверена независна Македонија?! Повторно истиот одговор: тешко, многу тешко. Одговорност, што беше тоа?!

„Буџетот за наредната година ќе биде развоен и реформски“ е најчестата фраза што ја слушаат македонските граѓани пред секое поднесување на годишниот предлог-преглед на државната каса. Ништо ново и ништо непознато за нашите граѓани. Тие во изминатите триесетина години се изнаслушаа за именката реформи и за придавката реформски, но очигледно коренот на зборот, во праксата, за неговото практикување, остана – непознат. Сѐ помина, теоретски, низ многу реформи: од уставни, политички, судски и економски. Резултатите од сите „спроведени“ реформи, кои беа предвидени од владејачките структури, во името на посветлата иднина за граѓаните, денес го гледаме и чувствуваме низ нашето секојдневие. Дали задоволија? Дали граѓаните ги почувствуваа? Дали експертите од меѓународната ги препознаа? Тешко! А ќе понесе ли одговорност некој од досегашните носители на јавни функции за потфрлањето во функционирањето на системот, за покажаните општествени слабости, за стагнирањето и назадувањето на нашата самостојна и суверена независна Македонија?! Повторно истиот одговор: тешко, многу тешко. Одговорност, што беше тоа?! Тоа е почетната точка на нештата, тоа е битието и фундаменталната нишка што треба да биде вплетена во сите општествени движења, за одржливост, за развој, па и за реформи! А не коруптивната нишка како фабричка грешка на општеството.
Извинете што морав да се вратам на темелниот принцип над принципите, а тоа е одговорноста! Не пречи ако со секое пишување го нагласувам тоа, а ќе се покаже и зошто!

Ај, да се вратам на реформите. Од денешна гледна точка, најкраткото резиме низ неколку реченици дадени од сегашните наши партиски водства за „реформираната Македонија“ се сведува на тоа дека повторно нашата земја е исправена пред неопходните уставни измени (ова не се однесува само за внесување на Бугарите во Уставот), во политичка смисла имаме неефикасен парламент и слаби и нефункционални институции. Потоа, судскиот систем е доведен до целосна граѓанска недоверба, целосно руиниран, за чија обнова ни е потребна помош од (конечно – американски) експерти за спречување на високата корупција. Општата оцена за националната економија се ниски стапки на економски раст, со недоволно конкурентни домашни компании, кои се целосно несинхронизирани со државните институции, за голема длабока жал. Од целиот досегашен период на реформирање на македонското општество може да се заклучат неколку работи. Првата се однесува на тоа што во досегашното наше „реформирање“ се направи грешка во чекори и политичките елити целата своја енергија ја насочија на задоволување на апетитите на надворешни центри на моќ за некакви „идни и вирални ветувања“ за подобри времиња на внатрешен и на надворешнополитички план. Притоа самите го занемаривме градењето силна основа на која ќе се надградуваше независната држава, а тоа е спроведувањето структурни економски, па и политички, енергетски, а задолжително и образовни, здравствени промени и реформи… Последиците од тоа се видливи во периодот на најголемата економска и енергетска криза, кога домашните субјекти (претпријатија, фирми, здравствени и образовни институции, енергетски капацитети, а и на други полиња и области) го изгубија здивот во трката со глобалниот тренд и конкуренција! На пример, занемарувањето на потребата од инвестиции во енергетскиот систем, поради кусогледоста на сите досегашни влади, ни се удира од глава, преку увозот на прескапа електрична енергија. Покрај сето ова напред споменато, да не заборавиме и за реформските процеси во земјоделскиот сектор. И тие не ги дадоа посакуваните резултати, наместо да станеме земја извозник на храна, увозот на прехранбени и на земјоделски производи постојано бележи раст. Фискалните апетити и желбата за поголеми трошења на сите економски субјекти и на граѓаните ги надминуваат реалните финансиски можности, а резултатот од тоа е пораст на надворешниот долг на земјата.

И сега повторно сме исправени пред нови реформи. Но повторно како и во досегашната историја се јавува нашата најголема слабост, која се изразува преку колективниот страв од промени. А да не не е тоа страв од промени, туку да не е страв од одговорност? Затоа што таа доаѓа на голема врата! Точно така. Со давањето и барањето одговорност треба да започнат овие реформи!!!
(Не)извесноста од такво нешто е еднакво присутна кај носителите на власта, институциите и фирмите, како и кај граѓаните. Би се осмелил во врска со одговорноста да го цитирам мојот почитуван колега со една порака во денешниот број, само неколку страници понапред.
И не пречи уште еднаш да се прочита, посебно од носителите на јавни функции: „Одговорноста почива на способноста на човекот како свесно општествено суштество да може да разликува полезно од штетно, рационално од ирационално, чесно од нечесно, а со тоа и што е дозволено, а што не е! И поради сето тоа, кога поединецот ќе направи некое дејание свесно, нешто што не е дозволено, тој е одговорен за таа постапка! Тоа е битието на правилно, одржливо функционирање на едно општество, вклучувајќи го и нашето. Но тоа кај нас отсуствува! А отсуството на одговорност прави недостаток, слабост, фалинка што води сѐ подлабоко во спиралата на општествена дезинтеграција!
Едноставно кажано, одговорноста е полагање сметка на поединецот или на групата луѓе за своите постапки, на други поединци односно група луѓе или, пак, на цела општествена заедница, затоа што е направено нешто што не е во согласност со општествените правила на однесување, па поради тоа треба да се трпи како последица: општествена осуда поради таквите постапки!!!“
Господа и другари, време е одговорно да се реформираме, во делот на – одговорноста!