Во НАТО се игра напаѓачки, за гол повеќе

  • Се очекува дебатата за две различни визии за НАТО – за дополнително воено зајакнување или за поголем фокус врз мировниот пристап и засилената дипломатија за превенција на идни конфликти – да претставува голем политички тест. Како и на фудбалскиот Мундијал, и во Анкара ќе се очекува да се нагласи важноста на тимската игра, но се чини дека секоја држава има своја тактика

Светското првенство во фудбал, дури и во овој проширен формат што првично предизвика извесен скептицизам, досега се покажува како вистински погодок. За љубителите на најпопуларниот спорт вреди да се остане буден до доцна во ноќта за да се проследат телевизиските преноси, иако наредниот ден најчесто тоа се плаќа со повеќе испиени кафиња отколку вообичаено. Но колку и да е возбудлив фудбалот, со сите негови пресврти, судиски одлуки и вечни дебати кој кого оштетил, деновиве се игра уште еден натпревар што ќе го следи целиот свет. Само што таму нема продолженија и пенали, туку долги говори, расправи и соопштенија во кои речиси секој учесник ќе прогласи дека токму неговиот тим победил.
Станува збор за претстојниот самит на НАТО во Анкара наредната недела, кој, според процените, се наметнува како еден од најзначајните политичко-безбедносни собири во последните неколку години. Од неговите заклучоци би можела да зависи европската безбедносна архитектура во наредната деценија, како и правецот на стратешката ориентација во кој ќе продолжи да се движи најмоќната воена алијанса во светот.
Се очекува дебатата за две различни визии за НАТО – за дополнително воено зајакнување или за поголем фокус врз мировниот пристап и засилената дипломатија за превенција на идни конфликти – да претставува голем политички тест. Како и на фудбалскиот Мундијал, и во Анкара ќе се очекува да се нагласи важноста на тимската игра, но се чини дека секоја држава има своја тактика. НАТО останува најсилниот систем на колективна одбрана во светот, но неговите членки денес имаат различни приоритети. За повеќето европски држави, војната во Украина останува најголемиот безбедносен предизвик, додека САД сè повеќе го насочуваат вниманието кон Индопацификот. Токму овие различни приоритети ја прават денешната расправа за иднината на Алијансата многу посложена отколку што изгледа на прв поглед, отворајќи го прашањето како да се зачува единството кога сојузниците различно го гледаат „резултатот на семафорот“.

Американскиот претседател Доналд Трамп пред неколку дена на социјалните мрежи напиша дека е смешно САД да го продолжат својот едностран однос со НАТО. Европските сојузници се постојана цел на неговите критики, овој пат поради нивниот одговор на војната во Иран, бидејќи неколку европски држави го ограничија користењето на своите бази за американските сили. Трамп истовремено инсистира Европа да ја преземе водечката улога во сопствената одбрана, откако Вашингтон веќе направи чекори кон намалување на своите обврски во рамките на НАТО.
Европските сојузници, пак, настојуваат да ги остават настрана несогласувањата со американскиот претседател околу Иран и Гренланд и да покажат дека остануваат сериозно посветени на одбраната на Стариот Континент. Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, порача дека претстојниот собир ќе покаже оти европските земји ги исполнуваат ветувањата за зголемување на трошоците за одбрана, преку договори за набавка на оружје во вредност од десетици милијарди долари што допрва треба да бидат потпишани.
Европејците се надеваат и дека добрите односи на Трамп со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и со самиот Руте ќе придонесат за мирен и продуктивен самит. Но како што секој љубител на фудбалот знае, неблагодарно е натпреварот да се смета за решен пред судијата да означи крај.
Веројатно олеснителна околност е што американската фудбалска репрезентација засега успешно настапува на Светското првенство. Во спротивно, ако беше елиминирана од некоја европска селекција, сигурно немаше да недостигаат шеги дека и фудбалскиот пораз би можел да се претвори во политичка расправа. Кај Трамп понекогаш навистина е тешко да се процени каде завршува спортскиот дух, а каде почнуваат геополитичките интереси. За тоа можете да ги прашате иранските фудбалери, кои веќе имаа што да кажат за третманот на нивната репрезентација во САД, за време на Светското првенство.
Во меѓувреме, плановите следниот НАТО-самит да се одржи во Албанија се доведени во прашање поради отпорот од администрацијата на Трамп и незадоволството кај дел од сојузниците од ниските албански трошоци за одбрана, па ова прашање засега не се споменува во завршната нацрт-изјава од собирот во Анкара. Ако Светското првенство има домаќини што со години однапред се подготвуваат за фудбалскиот спектакл, тогаш и НАТО сака неговите самити да бидат симбол на единство и стабилност.
Правејќи паралела помеѓу спортот и политиката, може да се каже дека разликата меѓу двата големи настана што се одржуваат истовремено е што во фудбалот победникот се знае по деведесет или по 120 минути, додека конечниот исход од НАТО-самитите понекогаш се утврдува многу подоцна, дури и по повеќе години.