Вистински демони и луѓе со демонски маски

Многумина од нас имаат една иста мисла, да ги избркаме „демоните“ што надвиснале над нашава држава, кои нѐ притискаат, нѐ задушуваат, не ни даваат глава да кренеме. Некојпат ги препознаваме, некојпат не можеме да видиме кои се и од каде доаѓаат, но, сеедно, ги чувствуваме дека се тука околу нас. Доаѓаат сѐ почесто и во посилни налети, пострашни и бескрупулозно го бараат и она што не смеат да го побараат и земат: нашето вековно име, нашиот идентитет, нашите национални и државни симболи, нашата милениумска историја, нашата култура, нашиот јазик… Но тие воопшто не се случајни или стихијни. Тие се организирани за инвазија и однадвор,
од исток, запад, југ и север, некојпат самостојно, повеќепати во содејство. Страшното е што тие наоѓаат потпора внатре, во нас самите, создавајќи дури неиздржлива комбинација на имплозија и експлозија…

Денеска е Богојавление, празник меѓу народот познат и како Водици. Еден од оние денови што масовно се одбележуваат низ Македонија, но и насекаде каде што живеат Македонци. Како што е познато, денеска во водите се положува светиот крст, а многубројни верници ќе се обидат да стигнат први до него, бидејќи, според верувањето, ќе им донесе здравје и бериќет во текот на целата година.
Според народното верување, денеска завршуваат некрстените денови, период што се смета за опасен за луѓето, време кога се во движење разни „нечисти“ сили и кога починатите се во близина на своите домови. Тие денови се одликуваат со религиозен страв и разни магиски заштити. Заради заштита, не се работат некои потешки работи, а се изведуваат разни дејства за бркање на демоните и болестите, како што се бабарските и русалиските обичаи. Со крштевањето (осветувањето) на водата на Водици се верува дека се парализирани нивните активности. Така велат црковните книги, а и како обичаи така се прифатени и меѓу народот.
Меѓу другото, и овој пат, како и секоја година, многумина од нас ќе нагрнат над водите за да го проследат фаќањето на крстот, а не мал број ќе земат од осветената вода за да ја однесат во своите домови. Такви се обичаите, а ние сакаме да се држиме до нив, независно дали сме верници или само се обидуваме да бидеме во чекор со времето. Што би се рекло – религиозно коректни.
Но, независно во која категорија спаѓаме, многумина од нас имаат една иста мисла, да ги избркаме „демоните“ што надвиснале над нашава држава, кои нѐ притискаат, нѐ задушуваат, не ни даваат глава да кренеме. Некојпат ги препознаваме, некојпат не можеме да видиме кои се и од каде доаѓаат, но, сеедно, ги чувствуваме дека се тука околу нас. Доаѓаат сѐ почесто и во посилни налети, пострашни и бескрупулозно го бараат и она што не смеат да го побараат и земат: нашето вековно име, нашиот идентитет, нашите национални и државни симболи, нашата милениумска историја, нашата култура, нашиот јазик… Но тие воопшто не се случајни или стихијни. Тие се организирани за инвазија и однадвор, од исток, запад, југ и север, некојпат самостојно, повеќепати во содејство. Страшното е што тие наоѓаат потпора внатре, во нас самите, создавајќи дури неиздржлива комбинација на имплозија и експлозија…
Се разбира, нема да ги практикуваме паганските обичаи да ги избркаме демонските сили, но би сакал да верувам дека ние имаме дома, овде меѓу нас, доволно здрави сили што ќе знаат да им се спротивстават на сите зла и неволји. За почеток, да им се заблагодариме на сите „доброчинители“ што ни кажуваат што е најдобро за нас и кои нѐ третираат како некои недозреани деца.

Ликови под маски што упорно се обидуваат да нѐ „изведат“ на вистинскиот пат според некои нивни искривени критериуми, честопати не свртувајќи се барем за миг зад себе, за да видат дека ниту таму од каде што доаѓаат, таквите препораки не минуваат, дека едноставно се отфрлени како анахрони, како неприменливи. Но, очигледно, тие и натаму ја третираат Македонија како полигон за експерименти. А ние и натаму ќе гледаме и ќе им се чудиме на умот на луѓе што мислат дека ова е времето на освојување на Америка и дека овде се среќаваат со некое индијанско племе на кое му продаваат шарени стакленца претставувајќи ги како непроценливо богатство. Уште добро се сеќаваме на еден таков лик што го навиваше својот пластичен часовник пред новинарите, обидувајќи се да нѐ убеди во некој свој оксиморон. Колку само такви ликови се изнагледавме сите овие години зад нас, веќе ни во тефтерот не ми ги собира, цела среќа што компјутеров собира сѐ и сешто, па нема шанси некој таков светол лик да исчезне од нашата меморија.
Верувам дека ќе дојде ден кога сите тие емисари ќе можеме да ги наброиме со лик и дело, па да се потсетиме какви сѐ глупоштии се имаме изнаслушано. Дали ќе биде тоа некој фељтон или можеби ќе влезат во некоја книга, сеедно, битно е да ги регистрираме да не се заборават, да не исчезнат од сеќавањата, а наедно на идните генерации да им оставиме сведоштво што сѐ сме морале да слушаме и да трпиме овде. Се разбира, нема да биде заборавен ниту светлиот лик што во екот на најголемата бегалска криза што овој дел на светот ја има видено, кога во Македонија се слеаја неколку стотини илјади бегалци од Косово, ни забележа дека како држава не сме се грижеле за нив или, попрецизно, што не сме им направиле тениски терени(!?). Глупоштија од највисок ранг, која ја предизвика легендарната изјава на покојниот претседател Борис Трајковски, во тоа време само заменик на министерот за надворешни работи, кој му порача да се јави до својата влада и да организираат авиони што би ги пренеле бегалците во неговата Шведска, па таму да им организираат тениски терени, ако ние не знаеме.

Се редеа во изминативе триесетина години безбројни примери на такви „добронамерни“ советници, кожата ни отрпна од нив. Но, проблемот не беше само во тие и такви гости, честопати и ние како домаќини не знаевме да им одговориме како што треба. Лажно надевајќи се дека дојденците само што не ни ги отвориле вратите на рајот, им дозволувавме да зборуваат и да прават што сакаат и колку сакаат.
Токму затоа, да се навратиме на почетокот. Да веруваме дека завршија некрстените денови, но не само за годинава, туку да бидеме оптимисти дека ќе собереме сили да им кажеме на сите такви гости – благодариме, доста е. Белки ќе собереме сили и домашните работи сами да ги решаваме, дома, меѓу нас, а не постојано да се надеваме дека ќе дојде „големиот батко“, кој ќе нѐ извлече од мешаницата во која сами се заплеткавме. Доста ни е од големи и мали батковци, доста ни е од тоа друг да ни ја крои нашата судбина.