Утрото по Илинден

Целата таа акумулирана енергија на македонските граѓани, која можеби наликува и на национална фрустрација предизвикана од притисоци однадвор низ годиниве, се чини дека на овој Илинден 2023 се канализира во израз на отпор на наметнатите уцени од оние што испорачуваат контроверзни и лицемерни принципи. Покрај официјалните одбележувања и прослави на Илинден, предводени од делегации на политичари, годинава забележливо беше изразено и неформалното спонтано чествување на најголемиот македонски празник, столбот на македонската државност. Од научни манифестации до спонтани народни собири со елементи на забава, низ целата територија на Македонија, беа испратени пораки за сплотеност и национално единство пред предизвиците со кои се соочени и кои им се наметнати на Македонците

Како што е запишано во стиховите на македонската химна, секое утро, а особено во она по Илинден, се очекува „над Македонија да се роди новото сонце на слободата“. Според современата политичка прагматичност во Македонија, се чини дека се настојува химничните метафори да се споменуваат и пеат само во свечени поводи и настани, како на пример и во ова годинашно одбележување на Илинден во 2023 година, по 120 години од Илинденското востание и Крушевската Република, како и 79 години од Првото заседание на АСНОМ. Но некако се избегнува да се прифати дека тие зборови во химната, всушност, ги обврзуваат и денешните генерации како национален завет да се зачуваат тие вредности и слободи за кои се бореле, сонувале и ги извојувале Македонците (можеби и преку порази, историски заплети што не им оделе секогаш во прилог, но и со верба во својата вековна посебност – јазична, културна, традиционална) и создале своја држава. Откако вчера на 2 Август 2023 беа положени цвеќињата пред спомен-обележјата, беа прочитани (не)пригодните говори на официјалните политичари од власта, беа испратени пораките од опозицијата, денес во Македонија се враќа оној амбиент на политичка неизвесност и дискрепанца во ставовите и погледите како да се стигне до посакуваната европерспектива, која и покрај сите изневерени ветувања на ЕУ и понатаму е наша стратегиска определба.
Ден по Илинден 2023, како коска в грло на македонската државност се заглавени процесот на уставни измени и внесувањето на Бугарите во преамбулата на конститутивниот акт, како уште еден непринципиелен европски услов за Македонија да ги започне преговорите за полноправно членство во Унијата. По 18-годишен кандидатски стаж во чекалницата на ЕУ, непомирливост и неприфаќање на голем дел од македонската јавност на Преспанскиот договор и промената на името на државата со географска одредница, дополнето со креативноста на бриселската дипломатија да го оправдува неисполнувањето на сопствените (европски) ветувања, притисокот (надворешен и внатрешен) за спроведување на уставните измени во Македонија се чувствува како уште една стапица за демакедонизација на државотворниот национален супстрат. Таквите тенденции, кои создаваат чувство на стапица за македонскиот државотворен идентитет во Уставот на Македонија, речиси секојдневно се поткрепени со провокации од Бугарија и бугарските политичари, кои дрско се закануваат со бугаризација на македонскиот идентитет преку процесот на македонските преговори со ЕУ.

На внатрешен план, ова повторно условување за уставни измени предизвикува своевидна политичка психоза за опасност од повторување на „методите“ за нивно усвојување во Собранието, наречени „на балкански начин со европска дозвола“. Секако, тие методи, применети за усвојување на уставните измени за имплементација на Преспанскиот договор, никако не им служат на чест ниту на европските критериуми за правна држава и владеење на правото (наведени во Копенхашките критериуми на ЕУ за проширување) ниту на Македонија, во која беа применети за спроведување билатерален договор, за кој Македонците на референдум искажаа дека воопшто не сакаат ниту да се изјаснуваат и го оценуваат како непристоен предлог.
Процедурата за новите измени на македонскиот устав, овој пат по бугарско барање, е веќе влезена во телата на Собранието на Македонија. Предлогот на Владата за гласање на потребата за отворање на Уставот е изгласан, по тричасовна расправа на Комисијата за уставни прашања. Сега се очекува почеток на расправата на пленарната седница на 18 август, која за да заврши успешно е потребно усвојување на предлогот со двотретинско мнозинство од собранискиот пратенички состав, односно 80 пратеници. Според јавните произнесувања на политичарите, пратениците и партиските лидери, не е реално во овој пратенички состав да се очекува да се постигне потребното двотретинско мнозинство за отворање на Уставот. Секако, таквата констатација на (не)расположението за уставни измени не ги обесхрабрува заткулисните (па и на јавна медиумска сцена) калкулации, манипулации, блефирања, понуди… од активните политички фактори во македонскиот политички амбиент. А повторно, во неславното блиско македонско минато од пред четири-пет години, постои искуството од манипулациите на балкански начин со европска дозвола, што ја одржува во состојба на подготвеност недовербата на јавноста.
Целата таа акумулирана енергија на македонските граѓани, која можеби наликува и на национална фрустрација, се чини дека на овој Илинден 2023 се канализира во израз на пркос на наметнатите уцени од оние што испорачуваат контроверзни и лицемерни принципи. Покрај официјалните одбележувања и прослави на Илинден, предводени од делегации на политичари, годинава забележливо беше неформалното спонтано чествување на најголемиот македонски празник, столбот на македонската државност. Од научни манифестации до спонтани народни собири со елементи на забава, низ целата територија на Македонија, беа испратени пораки за сплотеност и национално единство пред предизвиците со кои се соочени и кои им се наметнати на Македонците. Во утрата по Илинден, Македонците не смеат да паднат во духот во „борбата за своите правдини“ и да покажат и докажат дека се достојни за „раѓањето на новото сонце на слободата“, оставени како завет од оние што се избориле за државноста на Македонија.