Солидарноста – заборавен концепт

Наместо заедништво на цели, интереси и стандарди, чувство на заемност и темел за заемно помагање, најевидентна карактеристика на денешното живеење се поделбите, во секоја ситуација и по секое прашање, и тоа во крајности. Па така, имате просто прифаќање или одбивност кон старите луѓе, ама не и сочувство, величање или презир кон различните по сексуална ориентација, ама не и вистинско прифаќање, еуфорични борци за правата на животните или нивни убијци, ама не и емпатија за жртвите (од двете страни), за или против војната во Украина, ама не и помош за настраданите, рамнодушност или омраза кон мигрантите, ама не и соживување со нивните судбини…

Во својата долга историја Скопје памети три големи земјотреси: по разурнувањата во 518 година градот е обновен од Римската Империја, а во 1555 година, кога се вбројува меѓу десетте најголеми градови во Европа, градот е обновен од Отоманската Империја по тогашниот катастрофален земјотрес. Последен е оној од 1963 година кога трагичната слика на разурнатиот град го обиколува светот и го буди чувството на солидарност.
Рано наутро на 26 јули, 1963 година, Скопје е погодено од земјотрес со интензитет од 6,1 степени (според Рихтеровата скала). Со траење од само 20 секунди, тоа е првиот и најсилен потрес на овие простори. Во текот на денот следуваат низа послаби тремори што ги вадат скопјани на улиците од разурнатиот град. Првите реакции се грижа за повредените и спасување на луѓето заглавени под урнатините. Во ваква атмосфера почнува да се развива силно чувство на заедништво, дисциплина и групен напор за стабилизација по катастрофата. Изразот на здружување преку вклучување на речиси 80 земји од целиот свет му го донесе на Скопје називот „Град на меѓународната солидарност“, кој се чини градот незаслужено го носи како трофеј шест децении подоцна.
Денеска, на 60-годишнината од катастрофалниот скопски земјотрес, многумина ќе зборуваат за солидарноста, но ваквите фрази не се показател дека солидарноста навистина постои меѓу луѓето, дека таа не е изгубена вредност што се споменува само во носталгичните романтични разговори за минатото, туку постои и денес меѓу луѓето и дека е карактеристика на сегашноста.

Денеска сите треба да се запрашаме – кога последен пат сме му помогнале некому, колку сме подготвени вистински да се солидаризираме со туѓата мака, колку сме вистински хумани? Или нашата емпатија е со краток здив, трае колку што трае и еден клик на вест за големите несреќи (болести, пожари, природни непогоди, војни, миграции), но и за оние индивидуалните, „мали и обични“ судбини (обесправеност по каква било основа, сиромаштија…), кои се случуваат тука, во нашето опкружување, или подалеку од нас, сеедно? Колку сме подготвени вистински да помогнеме без притоа да се пофалиме (фотографирајќи се и промовирајќи имиџ на добродетели) или без притоа да имаме каква било корист? Сѐ повеќе ми се чини дека не сме.

Денеска, на 60-годишнината од катастрофалниот скопски земјотрес, многумина ќе зборуваат за солидарноста, но ваквите фрази не се показател дека солидарноста навистина постои меѓу луѓето, дека таа не е изгубена вредност што се споменува само во носталгичните романтични разговори за минатото, туку дека постои и денес и дека е карактеристика на сегашноста

Наместо заедништво на цели, интереси и стандарди, чувство на заемност и темел за заемно помагање, најевидентна карактеристика на денешното живеење се поделбите, во секоја ситуација и по секое прашање, и тоа во крајности. Па така, имате просто прифаќање или одбивност кон старите луѓе, ама не и сочувство, величање или презир кон различните по сексуална ориентација, ама не и вистинско прифаќање, еуфорични борци за правата на животните или нивни убијци, ама не и емпатија за жртвите (од двете страни), за или против војната во Украина, ама не и помош за настраданите, рамнодушност или омраза кон мигрантите, ама не и емпатија за нивните судбини… Многу душегрижници, сѐ помалку вистински добри, одговорни, великодушни луѓе…
Оттука ако општествените уредувања се вреднуваат токму според видот и степенот на солидарноста, мислам дека ќе останеме на дното. Затоа нашата примарна мисија треба да биде да ги вратиме во општеството одамна изгубените емпатија, солидарност, меѓусебно разбирање и почитување, кои како да останаа длабоко закопани некаде под урнатините на скопскиот земјотрес.