Бугарските релативисти во историската комисија се обидуваат да ја видоизменат реалноста со лаги, надевајќи се дека на тој начин ќе ја постигнат својата цел – бугаризација на македонскиот народ и неговата историја. Но Охридската архиепископија и Македонците се во симбиоза и оваа вистина не може да биде затскриена со ниедна лага

Прашањето на римскиот прокуратор Понтиј Пилат „Што е вистината?“ (Quid est veritas?) е едно од најпознатите прашања, кое многумина се обиделе да го одговорат. Но сите обиди предизвикуваат збунетост, несигурност, недоумица и немир кај многумина. Ако се обидеме да одговориме, можеме да тврдиме дека мислењето може или не може да биде точно, но вистината секогаш е вистина и не може да биде ништо друго. Многумина тврдат дека вистината е синоним за реалноста. Но еден релативист може да дофрли дека вистината е во окото на гледачот и дека тој никогаш не ја говори вистината затоа што таа не постои. За релативистот, вистината најчесто е изговор поради недостигот од имагинација, а лажењето е вештина како секоја друга и ако сакаме да го одржиме квалитетот, треба постојано да вежбаме. Доколку го запрашаме релативистот која е суштината на неговите искажувања, ќе ни рече: Што друго би можело да биде? Никогаш не треба да ја кажуваме истата лага двапати.
Слично како и споменатиот релативист, за бугарските членови во комисијата за историски прашања вистината може да биде ваква или онаква и се обидуваат насила да ја обљубат, поради што нѐ доведуваат до апсурдна ситуација. По завршувањето на последната комисиска средба, бугарскиот копретседател Ангел Димитров изјави дека главна тема била Охридската архиепископија и како таа да биде претставена во учебниците. Димитров пред новинарите исто така посочи дека во историјата не може да има две коренити основоположнички гледни точки што се валидни. Едната е валидна, другата не е. Која е вистинската? Таа, според Ангел Димитров, се определува од два научни принципа, а едниот од нив е основата на историската наука, односно почитувањето на фактите и историските извори. Тој исто така ги отфрли и укажувањата од македонска страна дека бугарските историчари отвораат идентитетски прашања. По завршувањето на последната средба имаше бессодржинско соопштение дека двете страни не постигнале напредок. Но што, всушност, бараше бугарската страна на последната средба? Одговорот на ова прашање гласи: Охридската архиепископија е бугарска црква!

Бугарските релативисти во историската комисија можат бесконечно да нѐ убедуваат дека не ги оспоруваат македонскиот јазик и идентитет, но всушност ја користат комисијата како средство за наметнување квазиисториски гледишта за македонскиот народ. Во овој контекст е и нивното барање да се признае Охридската архиепископија како бугарска црква. Каков апсурд! Во ситуација кога постојано се негираат македонските особености, разговорите за карактерот на Охридската архиепископија се принципиелно неправилни. Тоа може да доведе до дополнително сакатење на македонската нација и да се доведе во прашање и угледот на Македонската православна црква (МПЦ), која е наследничка на Јустинијана Прима и Охридската архиепископија. Доколку од македонска страна се прифати дека Охридската архиепископија имала бугарскиот карактер, тогаш се задира во ДНК-кодот на македонскиот народ, а Македонската православна црква се лишува од вековниот континуитет.
Да се навратиме на римскиот прокуратор. Кога Исус од Назарет бил одведен пред римските власти, Понтиј Пилат запрашал какво обвинение се поднесува против човекот. Фарисеите одговориле дека ако не бил злодеец, немало да му го предадат. На тоа Пилат возвратил: „Земете го и судете му според вашиот закон“. Но тие возвратиле дека не им е дозволено да убијат никого. Потоа Пилат се вратил во просторијата, го повикал Исус и го запрашал: Ти ли си јудејскиот цар? Исус одговорил: Го зборуваш ли тоа сам од себе, или други ти кажаа за мене? Пилат возвратил: Јудеец ли сум јас? Твојот народ и првосвештениците те предадоа кај мене, што си сторил? Исус одговорил: Моето царство не е од светов; ако моето царство беше од овој свет, моите воини ќе се бореа да не им бидам предаден на јудејците; но моето царство не е оттука. Пилат возвратил: Сепак си цар? Исус одговорил: Ти велиш дека сум цар. Јас се родив за тоа и за тоа дојдов на светот, за да сведочам за вистината. Секој – кој е од вистината – го слуша мојот глас. Пилат тогаш запрашал: Што е вистината? (Quid est veritas?) и излегол пред фарисеите велејќи им: Јас не наоѓам никаква вина во него…
Според христијанската традиција, настанот што е опишан во евангелието на апостолот Јован е запишан околу 100 година, но конечната верзија е прифатена од Никејскиот собор, свикан од римскиот император Константин Велики, во 325 година. Ова евангелие во суштина се разликува од другите три во Новиот завет. Според некои истражувачи, конечната верзија била измената за да се ослободат Старите Римјани од вината за распнувањето на Исус.

Но вистината си останува вистина, без разлика колку пати ќе ја повторуваме лагата. На крајот од краиштата, Старите Римјаните го распнаа Исус бидејќи тие ја имаа политичката моќ, а не фарисеите и еврејскиот народ.
Слично како и Стаите Римјани, бугарските членови на историската комисија се обидуваат да ја видоизменат реалноста со лаги, надевајќи се дека на тој начин ќе ја постигнат својата цел – бугаризација на македонскиот народ и неговата историја. Но како општество мора да ја разбереме вистината, а таа е следна: Охридската архиепископија не може да биде бугарска црква затоа што станува збор за средновековна црква што настанала и опстојувала неколку века пред да заврши етногенезата на денешниот бугарски народ. Од друга страна, без разлика дали сме верници или не, мора да осознаеме дека црквите и манастирите во Македонија низ вековите биле единствените јадра околу кои се групирало македонското христијанско население. Всушност, црквите и манастирите биле тежиште на културниот и народниот живот, од каде што потекнувала смислата на народните погледи и мислења за светот. Низ вековите, кога македонскиот народ немал сопствени институции, Охридската архиепископија била единствената што го крепела македонскиот дух и без неа денес немаше да постојат Македонците и нивните национални особености. Охридската архиепископија и македонскиот народ се во симбиоза и оваа вистина не може да биде затскриена со ниедна лага.