Прогресот не е имагинација, но потребна е развојна стратегија

Доколку сакаме да тврдиме дека прогресот е нераскинлив сегмент од општествената еволуција, тогаш треба да одговориме и на прашањето дали луѓето или општествата битисуваат во една понапредна состојба во споредба со луѓето или општествата од минатото. Совршен показател за точноста или неточноста на теоријата за прогресот може да биде и споредбата на денешното наше општество со македонското општество од крајот на 19 век и почетокот на 20 век. Нашата опсервација ќе биде едноставна бидејќи во изминативе години се појавија неколку истражувачки труда од повеќе области на неколку млади и талентирани умови. Едно компаративно истражување тврди дека „животниот стандард на денешните наставници наместо да биде подобрен во однос на османлиска Македонија, тој се влошил и доколку инфлацијата продолжи да расте тој и понатаму ќе се влошува уште повеќе“…

Прогресот најчесто се разбира како понапредна или посовршена состојба на битисувањето, како на поединецот така и на општеството. Некои од филозофите, особено приврзаниците на т.н. прогресивизам, тврдат дека прогресот има универзална примена за сите општества и еден ден сите нации или држави во светот ќе постигнат прогрес, односно еден понапреден стадиум на егзистирање. Прогресот како концепт беше воведен во општествените теории во почетокот на 19 век, како што е општествената еволуција на Огист Конт и Херберт Спенсер или дијалектиката на Хегел и Карл Маркс во филозофијата на историјата. Затоа некои од теоретичарите на историјата велат дека прогресот е составен дел од човековата историјата, објаснувајќи дека историјата секако напредува (прогресира), а ако застане, всушност воопшто нема да имаме историја. Приврзаниците на овој концепт исто така велат дека човештвото постигнало огромен напредок, особено во изминативе два века, видливо во просечниот животен век во светот, кој денес е речиси 72 години, како и во светскиот БДП, кој за повеќе од десет пати се зголемил во споредба со 1823 година.
Но не секој е убеден во прогресот низ вековите, а такви беа и размислувањата на Х.А.Л. Фишер, кој велеше: „Луѓето наѕреа во историјата некаков план, ритам, предодреден образец, јас можам да видам само едно непредвидливо случување што следи друго такво, само еден голем факт врз основа на кој, бидејќи е единствен, не можат да се направат никакви обопштувања“. Во контекст на критиките или уважувањата на прогресот како концепт, филозофот Карл Попер во своето дело „Бедата на историцизмот“ пишува: „Постојат, главно, две стојалишта што можат да ги земат оние што веруваат во законот на еволуцијата. Тие можат (а) да го оспоруваат нашето тврдење дека процесот на еволуцијата е единствен и неповторлив; или (б) да тврдат дека во еден процес на еволуција, дури и да е единствен, можеме да наѕреме тренд или тенденција или насока, и дека можеме да формулираме хипотеза што го искажува тој тренд, и таа хипотеза да ја испробаме низ идното искуство“.

Тука сосема логично се наметнува следното. Доколку сакаме да тврдиме дека прогресот е нераскинлив сегмент од општествената еволуција, тогаш треба да одговориме и на прашањето дали луѓето или општествата битисуваат во една понапредна состојба во споредба со луѓето или општествата од минатото. Совршен показател за точноста или неточноста на теоријата за прогресот може да биде и споредбата на денешното наше општество со македонското општество од крајот на 19 век и почетокот на 20 век. Нашата опсервација ќе биде едноставна бидејќи во изминативе години се појавија неколку истражувачки труда од повеќе области на неколку млади и талентирани умови. Тука би го споменале истражувањето на Дамјан Бужаровски (дипломиран економист на насоката сметководство и ревизија и магистрант по монетарна економија, финансии и банкарство на Економскиот факултет – Скопје), како и истражувањето на Димитар Димески (магистер по историски науки од областа на новиот век).
Дамјан Бужаровски преку своето споредбено истражување на платите и стандардот на наставниците на крајот од 19 век, суштествено покажа дека македонските наставници во османлиско време земале повисока плата отколку денес. Од неговите многубројни примери ќе го одвоиме следниот: „Кузман Шапкарев во учебната 1882/83 година со осум часа настава во Солунската машка гимназија примал просечна месечна плата од 111.607 денари. Додека, пак, револуционерот Трајко Китанчев во истата гимназија истата учебна година со 18 часа примал просечна месечна плата од 128.248 денари“. Приложените суми означуваат колкава би била платата пресметана во денари, според тековниот курс. Притоа авторот наведува дека тогашната плата во турски лири ја конвертира во денешната вредност на денарот со помош на британската фунта.
Бужаровски на крајот од своето истражување констатира дека животниот стандард на денешните наставници „наместо да биде подобрен во однос на османлиска Македонија, тој се влошил и доколку инфлацијата продолжи да расте тој и понатаму ќе се влошува уште повеќе“.

Од друга страна, истражувањето на Димитар Димески ни овозможува сознанија од друг аспект, како што се корупцијата и емиграцијата. Во однос на државната администрација, Димески вели дека поради финансиските проблеми на Османлиската Империја „локалните чиновници често пати со месеци не ги добивале своите релативно ниски плати, па често прибегнувале кон земање мито (рушвет)“, како и дека овој феномен се должел на „недостатокот на контрола и ниските морални квалитети на чиновниците во државата“. Во контекст на емигрирањето на Македонците во Америка, Димески заклучува дека Македонија се соочила со „вистинска демографска катастрофа, која предизвикала пад на земјоделството и другите стопански гранки, но и раст на трошоците за живот. Понатаму, емиграцијата имала негативен ефект и врз традиционалното македонско семејство, нарушувајќи ги врските меѓу членовите на семејствата, кои како такви постоеле со векови“.
Ако внимателно ги проследиме наведените истражувања можеме да заклучиме дека податоците се поразителни и го доведуваат под прашалник концептот за прогрес, бидејќи состојбите во Македонија во изминативе 100 години не само што не напредувале туку во некои аспекти има и регресија. Ова особено се потврдува со постојаните укажувања за корупција во македонското општество, односно дека корупцијата е број еден проблем на македонските граѓани, како и последните проекции на Државниот завод за статистика дека до 2070 населението во Македонија би се намалило за 35 отсто, од досегашните 1,8, на одвај 1,2 милион жители, поради постојната миграција и намалувањето на наталитетот. Податоците исто така покажуваат дека од Македонија емигрирале околу 200.000 македонски граѓани или околу 9 отсто од вкупното население. Денешната состојба во Македонија во одреден степен може да се објасни и со таканаречените теории на општествен циклус, односно дека настаните и фазите на општеството и историјата се повторуваат во циклуси и не го негираат општествениот прогрес. Во овој контекст треба да се спомене Освалд Шпенглер, кој тврдеше дека општествата се менуваа според циклусите на подем, опаѓање и паѓање, теорија што може да го објасни подемот на македонското општество од 70-тите години на 20 век и регресијата на денешното македонско општество.

Меѓутоа да ги оставиме настрана теориите и концептите за прогресот и да се насочиме кон суштината на општествениот развој. Очигледно е дека сегашноста и покрај сите нејзини несовршености е огромно подобрување во однос на минатото, а денешните проблеми со кои се соочува македонското општество всушност се резултат од недостиг од развојни политики. Затоа тврдењата дека блокадите на патот кон Европската Унија се виновни за масовното иселување на македонските граѓани се нереални. Се вели дека новите ситуации генерираат нови проблеми, а новите проблеми генерираат потреба од нови решенија. Но во изминативе триесет години, како општество не покажавме способност да осмислиме решенија за новите и за старите проблемите. Општествениот прогрес е реален и Македонија како држава и нација може да напредува, но потребна е една развојна стратегија што ќе го унапреди македонското општество во повеќе аспекти, особено во борбата против корупцијата и создавањето позитивна клима за бизнис-заедницата и компаниите, клима што ќе овозможи нови работни места и ќе стави крај на масовното иселување на македонските граѓани.