Едно неодамнешно истражување покажа дека над половина од младите во земјава сакаат да си заминат од државата во потрага по подобра иднина, која не ја гледаат во Македонија. Тоа е епилогот од тридецениското владеење и политичкиот театар на таканаречените „голтари“ и „милионери“, кои меѓусебно така се ословуваат и обвинуваат и кои додека да стапат на функција ветуваат мед и млеко за народот, а откако ќе се дограбат до фотелјата најмногу се грижат за својот џеб
Деновиве македонската јавност сведочи на една засилена канонада од меѓусебни обвинувања на политичарите за тоа кој влегол како голтар во политиката, па станал милионер, кој добил повеќе тендери во четири очи, кој тера приватни бизниси додека е на функција, а сето тоа оцрнување трае додека се вклучени камерите, но зад сцената истите тие „галамџии“ сложно си ги полнат џебовите, додека народот од ден на ден сè повеќе осиромашува.
Овој „театар на апсурдот“ не е од вчера, туку трае цели 30 години и продолжува да трае, резултирајќи со една општа апатија кај народот, кој сè помалку гледа перспектива во својата земја и затоа почнува да ја напушта. Едно неодамнешно истражување покажа дека над половина од младите во земјава сакаат да си заминат, но за да се увиди тоа не е потребно никакво истражување, доволно е некој да застане навечер на меѓуградската автобуска станица и ќе ја види реалната состојба. Стотици граѓани со куферите во рака заминуваат во потрага по подобра иднина, иднина што не ја гледаат во Македонија.
Тоа е епилогот од тридецениското владеење на „голтарите“ и „милионерите“, кои додека да стапат на функција ветуваат мед и млеко за народот, а откако ќе се дограбат до фотелјата, цврсто ја држат и брзо забораваат од каде дошле и кои биле претходно. Сите ветувања на една или друга гарнитура дека ќе се расчисти со криминалот на претходниците се само празни флоскули, а старата рутина за брцање во медот си продолжува по автоматизам. Политичарите повеќе не го споменуваат ниту фамозниот бројчаник, кој требаше да биде високо истакнат на триумфалната капија за да можат сите да видат колку ограбени пари од граѓаните се вратиле во државната каса. Нема ниту трага од бројчаникот, како што нема трага ниту од милионите што се одлеале во нечии приватни џебови. Остана само празната политичка реторика за голтари и милионери како евтин и бескорисен театар за граѓаните.
И на сето горенаведено, зарем треба да се чудиме зошто заминуваат младите? Па, нормално е дека ќе си отидат, кога гледаат како се разграбува државата, како се партизираат институциите, како не функционира судството, како здравството и образованието се девастирани, како секој град се дави во смог и ѓубре, како единствен критериум за вработување е партиската книшка, наместо квалитетот и компетенциите.
Пред некоја година назначувањето на Катица Јанева за специјален обвинител за борба со криминалот од висок калибар ја врати надежта дека можеби државата конечно ќе тргне во расчистување на криминалните дејства на функционерите, но иако велат дека надежта последна умира, таа во Македонија се чини дека прва умре. Имено, жената што требаше да биде симбол на борбата со криминалот, самата стана симбол на криминалот. Јанева го закопа воспеваното СЈО, исто како што ја закопа и надежта дека во земјава постои искрена желба за борба со криминалот.
Додека народот продолжува да живее во сиромаштија и да тоне уште повеќе, казни и одговорност за злоупотребите на кои речиси секој ден повикува некој од политичарите нема, одземање на нелегално стекнатите пари и имот исто така нема, поради што се добива впечаток дека „криминалот се исплати“. Никој ниту испитува како некој функционер се стекнал со имотот, а уште помалку тој му се одзема. Се купуваат автомобили, станови, дуќани, плацеви, викендички, и сето тоа додека се на функција. Почнувајќи од времето на криминалната приватизација, разграбувањето на државниот имот, продажбите во четири очи, еден куп политичари станаа прекуноќ новопечени богаташи без да им недостига влакно од главата, а истите тие денес имаат обезбедено богатство за неколку колена по нив.
Неоспорно е дека и во Европа, кон која толку здушно тежнееме, има криминал и корупција, но разликата е во тоа што таму има вистинска борба и епилог против тој криминал. Претседатели, премиери, министри и други функционери од повеќе европски држави беа фатени во криминал, но следуваа институционална разврска и надоместување на настанатите штети. Тоа сака да го види народот, тој што посегнал по народните пари, да биде разоткриен и санкциониран за евентуалните злоупотреби доколку тоа се докажа низ законска постапка и процедура. А кај нас го нема тоа. Па, зарем не е чудно деца од 17-18 години да возат џипови од 100 илјади евра, функционери да трупаат баснословни богатства и никој во оваа држава да не праша од каде се парите. Е, затоа се иселуваат младите, затоа што гледаат дека оваа држава за едни е мајка, а за други не е ниту маќеа.
Политичкиот театар со меѓусебни јалови обвинувања и прес-конференции за евентуални злоупотреби не му служи никому и не нѐ води никаде. Тоа само ги зголемува апатијата и разочараноста кај граѓаните и младите, кои веќе не ја гледаат својата перспектива во државата. Зашто правдата не се бара и добива на прес-конференции, туку во судски транспарентни и издржани постапки
На таквото однесување треба конечно да му се стави крај. Решението е многу едноставно. Прво и основно, итно и без никакво одолжување и калкулирање треба да се донесе закон за потекло на имотот, со кој ќе може да се утврди кој како го стекнал имотот. Ако не може да докаже дека имотот е стекнат на легален начин, тогаш државата веднаш да пристапи кон конфискација. Истото тоа се однесува и за парите. Секој денар стекнат без покритие, се враќа назад во државната каса. Сето ова треба да биде проследено со процес во независно и неселективно правосудство, кое ќе суди според словото на законот, а не според желбите и нарачките на политичарите.
Политичкиот театар со меѓусебни јалови обвинувања и прес-конференции за евентуални злоупотреби не му служи никому и не нѐ води никаде. Секој треба да си го врши својот дел од работата, при што императив за секого ќе биде придржувањето и почитувањето на словото на законот. Правдата не се бара и добива на прес-конференции, туку во судски транспарентни и издржани постапки.
Така ќе се стави ред во државата, во политиката и во судството, кое, за жал, никогаш и не можело да се пофали со некои добри оцени, а истото тоа го заклучува и меѓународниот фактор во секој нов извештај.
Тоа ќе биде порака и до политичарите, да разберат дека тие се само слуги на народот и треба да работат за негово добро, а не за лично богатење. Имаат висока плата и таа повеќе или помалку е оправдана со оглед на одговорностите што ги имаат. Уште пред доаѓањето на функција, сите треба да знаат дека секој денар или имот што нелегално ќе го стекнат, ќе им биде одземен. Само на тој начин ќе се демотивираат, да не се прави криминал. Така ќе исчезнат и приказните за голтарите и милионерите. Можеби тогаш со политиката ќе се занимаваат само оние што се чесни и кои влегле со искрени намери да направат нешто за оваа држава, без претходна умисла да се богатат врз грбот на граѓаните.
Народот им ја дал довербата на политичарите да ја направат државата пристојно место за живеење, да се градат патишта, фабрики, болници, училишта, градинки, да има функционални институции со професионална и ефикасна администрација, а не корумпирана бирократија, која цица од државниот буџет без да работи. Кога работите ќе почнат така да функционираат, тогаш и младите ќе сфатат дека и Македонија може да биде прекрасно место за живеење, дури можеби и оние што отишле ќе посакаат да се вратат.
Македонија и нејзините граѓани навистина заслужуваат подобра и посветла иднина.