Патриотизмот по детските игралишта се познава

Ова е огледало на микрониво за тоа колку си ја почитуваме татковината. И колку сме одговорни спрема јавното добро и спрема општеството. Секој на свој начин и во свој стил треба да придонесува. Во спротивно, делче по делче ја кршиме Македонија.
Пример што ми падна в око беше однесување што е огледало на нашата фрустрација, на нашата демолирачка анксиозност и токму тука се поставува прашањето „па знаеме ли ние подобро да живееме, да го откриеме делот од нас што гради и поместува планини, а не делот што разградува“? Пред нас се предизвици каде што можеме да почнеме од темел да ги градиме институциите според Уставот и според законите. Период во кој ќе имаме шанса да ги покажеме градителските способности, а не уривачките, кои ја ништат Македонија

Жителите на Железара и учениците во ООУ „Григор Прличев“ пред десетина дена добија ново детско игралиште. Вистина, игралиштето беше полн погодок за децата на кои на овој потег од населбата им недостигаа детски реквизити за анимација. Ова детско игралиште беше првото во Скопје што имаше трамбулина за скокање, едно од омилените реквизити на децата. Освен неа, поставени беа лулашки, клацкалки, а во околината има и фудбалско игралиште, терен за играње кошарка…
Но како што и рекле старите, секое чудо за три дена. Па така, и игралиштето заврши неславно поради тоа што трамбулината веќе е искршена, за што самите жители на Железара известуваа на социјалните мрежи. За жал, ова не е првпат да се соочуваме со вандализам од невидени размери. Што и да се постави, од непознати причини неконтролирано се уништува и крши.
Минатиот месец беше заменета урбаната опрема во Автокоманда. И за ова граѓаните беа известени преку официјалните профили на социјалните мрежи на општината и на градоначалникот. Дури и самите граѓани бараа да се постават камери за да се спречи уништувањето на урбаната опрема. Бараа да се фотодокументираат уништувачите и соодветно да се казнат.
Да не знае човек дали да се смее или да плаче.
Во 21 век кога на сите страни наголемо се говори и зборува и се работи за зголемување на свеста, ние да се соочуваме со вандализам, и тоа од млади деца со максимална возраст од 14 години.
Па добро бе, луѓе, каде живееме? Не се овие изолирани случаи, напротив, ова ни е секојдневие…
Клупите во Градскиот парк беа фрлени во езерцата, садниците што се садат се крадат и откорнуваат, се крадат капаци од шахти… да не набројувам…
За жал, свеста ни е еднаква на нула. Нема никаква одговорност кон она општественото што сите го плаќаме, а го плаќаат и родителите на овие деца што уништуваат.

Неретко, бидејќи сум мајка на мали деца, ги гледам поголемите како се „пентарат“ на лулашки за кои возраста одамна ја надминале, скокаат, ги кршат, се бркаат…, а очигледно немало кој да ги подучи дека токму за тие лулашки пари дале и нивните родители преку плаќање даноци и разни давачки, кои мора да се намират…
Не знам на кого веќе треба да се влијае. Дали на децата или на нивните родители?
Семејството такво какво што ни е разнишано одамна ни стои на стаклени нозе, а овие девијантни однесувања секојдневно го потврдуваат тоа. За жал, денес стана кул да возиш брзо, да кршиш, да уништуваш, да се однесуваш неконтролирано и тоа е секојдневието.
Ајде малку поинаку да ги поставиме работите. Утре тие деца ќе треба да ни ја водат државата, ќе треба да растат деца, да основаат семејства. Кои столбови ги имаат сфатено, на кој здрав разум растат, што сме ги научиле? Новите вредности неконтролирано ни ги воспитуваат децата, а сите добро знаеме дека тоа не се вредности туку една обична глупост произлезена од социјалните мрежи само во трка за лајкови и гледаност.
Искршените лулашки се само показател колку самите си ја цениме и сакаме државата.
Словенија секогаш ќе ми биде пример за ова. Тамошните граѓани ливче не фрлаат на земја. Појдете на детско игралиште да видите колку догорчиња и лименки пиво има околу нив и ќе ви стане јасно сѐ.
Ако барем малку си ја сакавме Македонија, тоа ќе се видеше и по хигиената и односот кон реквизитите, клупите, кантите и сѐ што е поставено за нас.

Ова е уште еден пример и доказ за тоа како се крши и урива државата.
Ова е огледало на микрониво за тоа колку си ја сакаме татковината. Секој на свој начин и во свој стил делче по делче ја крши Македонија.
Ваквото однесување е огледало на нашата фрустрација, на нашата демолирачка анксиозност и токму тука се поставува прашањето „па знаеме ли ние подобро да живееме, да го откриеме делот од нас што гради и поместува планини, а не делот што разградува“?
Пред нас се предизвици каде што можеме да почнеме од темел да ги градиме институциите според Уставот и според законите. Период во кој ќе имаме шанса да ги покажеме градителските способности, а не уривачките, кои ја ништат Македонија.

[email protected]