Нови ветришта од Вашингтон

Што се однесува до состојбите во Македонија, со нетрпение се очекува доаѓањето на новата американска амбасадорка Анџела Прајс Агелер во Скопје. Имено, таа пред сенатската комисија за надворешни работи во Вашингтон порача дека во Македонија ќе развива национална стратегија што ефективно ќе се справува со корупцијата. Агелер исто така нагласи дека Вашингтон и Скопје имаат многу заеднички приоритети и освен борбата против корупцијата, ќе се интензивира подобрувањето на владеењето на правото и зајакнување на доброто владеење. Според неа, во својот мандат ќе ги охрабрува судските реформи и ќе ги повика македонските институции да промовираат транспарентност во истрагата на наводите за злоупотреба и одлучно да се спротивстават на корупцијата за да зајакне довербата во владеењето на правото

Политиката на Соединетите Американски Држави кон земјите од Балканот отсекогаш се следела со големо внимание, затоа што одлуките на Вашингтон имале силно влијание не само на меѓусебните односи на земјите во регионот туку и на внатрешната политика во секоја држава поединечно. Од тој аспект, фокусот на регионалната јавност е насочен кон низата најнови чекори на американската администрација што се реперкуираат на тукашната политичка сцена или, пак, резултатите допрва се очекуваат, но очигледно е дека ќе бидат под силен мониторинг и импулс на Вашингтон.

Притоа треба да се потенцира зголемената активност на специјалниот претставник на американскиот Стејт департмент за Западен Балкан, Габриел Ескобар, а секако и поставувањето за амбасадор во Србија на искусниот дипломат од кариера Кристофер Хил, инаку одличен познавач на регионот, патем, поранешен американски амбасадор во Скопје. Како уште едно камче во мозаикот е информацијата од САД дека Анџела Прајс Агелер и официјално е назначена за нова американска амбасадорка во Скопје. И таа доаѓа со соодветно искуство од теренот, бидејќи веќе беше ангажирана извесен период во амбасадата, па се очекува да донесе нов импулс во американско-македонските односи.

Токму поради новите ветришта што доаѓаат од Вашингтон, аналитичарите проценуваат дека доаѓа до позитивни придвижувања, до засилена активност на Стејт департментот во решавањето на проблемите помеѓу Белград и Приштина, на состојбите во Босна и Херцеговина, а многумина се подготвени да очекуваат и американско вклучување во решавањето на „историскиот“ проблем помеѓу Скопје и Софија. За овие прашања може да се очекува дека Вашингтон ќе биде во координација со европските сојузници, пред сѐ со Германија и со Франција, но во секој случај одлуките ќе се носат самостојно, во согласност со планираните американски концепти за просперитет на регионот.

Деновиве, повторно се испратени јасни сигнали во таа насока. Во рамките на проектот „Следење на националните активности во борбата против корупцијата“, во организација на Институтот за човекови права од Скопје и американската амбасада, беше искажана една гласна и решителна порака за македонската јавност. Вршителот на должноста амбасадор на САД во земјата, Ерик Мејер, го пренесе впечатокот на Вашингтон дека недостига огромно парче во антикорупциската сложувалка во земјава.

Пораката беше дека Македонија мора да најде начин да ги разбие заднинските политички мрежи што овозможуваат цветање на корупцијата и мора да постои вистинска политичка волја да се запрат овие мрежи, а дека досега напредокот на овој фронт сериозно недостигаше… За тоа, САД недвосмислено ќе се вклучат со ефикасни форми и методи во координација со домашните институции што паралелно ќе ги билдаат својата форма и капацитети.

Речиси истовремено, откако САД ја ставиле и државната обвинителка на Босна и Херцеговина, Диана Кајмаковиќ, на листата на санкционирани функционери, портпаролот на Стејт департментот, Нед Прајс, најави дека наскоро може да се очекуваат уште слични зафати во регионот. Според него, кога станува збор за Западен Балкан, „една од нивните цели е со тамошните власти и граѓани да работат на елиминирање на корупцијата. Санкциите се една од важните алатки во борбата против корупцијата на Западен Балкан“.

Американскиот амбасадор во Белград, Кристофер Хил, кој е особено активен во напорите за решавање на „косовскиот јазол“, неодамна го привлече вниманието на јавноста кога изјави дека очекува од Србија да објасни каков документ за соработка потпишала со Русија, по разговорите во ОН во Њујорк. Тој посочи дека не е потполно јасно што содржи тој документ, но „во овој момент никој не треба да потпишува ништо со Русија“. Притоа, Хил додаде дека САД ја поддржуваат Србија во нејзиниот пат за членство во ЕУ, како и во ослободување од енергетската зависност од Русија, која се заснова на уцени. Но помошта од САД во овој сегмент ќе зависи од барањето на Србија.

А, она што е уште посликовито за неговата улога, но и генерално за политиката што ја претставува, е фактот дека изјавата ја даде на прес-конференција по отворањето на регионалниот форум „Добро управување и антикорупциски политики во време на геополитичка неизвесност“.

Што се однесува до состојбите во Македонија, со нетрпение се очекува доаѓањето на новата американска амбасадорка Анџела Прајс Агелер во Скопје. Имено, таа пред сенатската комисија за надворешни работи во Вашингтон порача дека во Македонија ќе развива национална стратегија што ефективно ќе бара одговорност за корупцијата. Агелер исто така нагласи дека Вашингтон и Скопје имаат многу заеднички приоритети, вклучувајќи ги борбата против корупцијата, подобрувањето на владеењето на правото и зајакнувањето на доброто владеење. Според неа, во својот мандат ќе ги охрабрува судските реформи и ќе ги повика македонските институции да промовираат транспарентност во истрагата на наводите за злоупотреба и одлучно да се спротивстават на корупцијата, за да зајакне довербата во владеењето на правото. Таа пред сенатската комисија исто така рече дека ќе работи на економската иднина на Македонија.

Ако внимателно се анализираат искажувањата на Анџела Прајс Агелер, очигледно е што можеме да очекуваме од новата американска амбасадорка. Стејт департментот ги нотирал главните проблеми со кои се соочува македонското општество, а тоа се корупцијата, невладеењето на правото и недостигот од вистински реформи, особено во судскиот систем. Забелешките на Вашингтон во однос на македонските проблеми се резултат на длабока анализа, а тоа е очигледно од долгогодишната кореспонденцијата помеѓу американската амбасада во Скопје и Стејт департментот, која беше објавена од „Викиликс“. Во мејловите што се испратени од страна на американската амбасада постојано се нагласуваат корупцијата, делумните реформи и невладеењето на правото, како и злоупотребата на државните институции за партиските потреби во Македонија.

Доколку внимателно се земат предвид искажувањата на новата американска амбасадорка, тогаш е неизбежен заклучокот дека Вашингтон ќе се стреми кон зајакнување на државните институции во Македонија преку борбата против корупцијата и владеењето на правото. Овие активности се поврзани со стратегискиот договор на Соединетите Американски Држави со Македонија. Јавноста со нетрпение очекува новите ветришта да ги оддуваат корупцијата, криминалот и невладеењето на правото и да помогнат Македонија да исплива од спиралата што силно вшмукува кон општественото дно.