Генералниот впечаток за првиот круг на претседателските избори е дека помина мирно и без инциденти. Сепак, јасно е дека ова е само првото изборно полувреме, а демократските и фер капацитети на политичките и општествените чинители во Македонија ќе треба целосно да се докажат и по две недели, на вториот круг претседателски избори, заедно со парламентарните. А вистинскиот предизвик за оние што ќе ја добијат довербата на граѓаните ќе биде како да бидат ставени на иста демократска фреквенција македонските национални интереси и условените очекувања на меѓународната заедница. Но ако по утрото денот се познава, тогаш јасно е во која насока тргнуваат работите
Неусогласеноста на Владата и едно нејзино министерство (за образование и наука) околу одработувањето на неработните изборни денови среде работна недела, сепак, заврши со хепиенд. Малолетните ученици, кои сѐ уште немаат право на глас, но и нивните наставници, нема да мораат да ги одработуваат во наредните саботи овие „подарени“ неработни денови од Владата, туку пропуштените часови ќе ги дополнуваат со зголемен интензитет, некако, во текот на наставата во редовните работни денови. Таа извесна предизборна „тензија“ со доза на сомнеж за селективност во доделувањето на правата за одредена категорија граѓани беше надмината уште во денот на изборниот молк пред првиот круг на претседателските избори. Така, изборниот ден формалноправно ги имаше сите предуслови за фер, демократски и мирни избори. Колку и да се подразбира дека изборите треба да ја одразат волјата на граѓаните искажана во процес на мирен, демократски и фер амбиент, оцената дека тоа навистина се случило така, за Македонија е еднакво важна како и резултатите од изборите. Всушност, можеби и поважна, зашто веќе трет циклус изборите се спроведуваат со техничка влада во која учествува и опозицијата, токму поради недовербата во одреден политички период од опозицискиот фактор за постоење на таков демократски и фер амбиент. А одлуката на граѓаните во Македонија, како на претседателските, така и на претстојните парламентарни избори, се чини дека со интерес се следи од меѓународните релевантни фактори, но од сопствени причини, и во земјите од регионалното соседство. Не остана незабележано дека изборите во Македонија беа споменати и во дебата во Обединетите нации, меѓу лидерите на две соседски земји. Одреден аргумент во тој контекст за меѓународниот интерес за нашиот изборен процес се и податоците од Државната изборна комисија дека првиот круг на претседателските избори во Македонија го надгледуваа 950 домашни и 540 меѓународни набљудувачи, како и 58 странски новинари.
Иако во македонскиот устав е оставена опцијата претседателот да биде избран и во првиот изборен круг, високо поставените критериуми да се случи тоа ги прават политичките очекувања во рамките на реалноста дека одлуката на граѓаните нема да се случи во таква теоретска можност. Но се верува дека резултатите од првиот круг се важен показател за расположението на граѓаните спрема политиките за иднината на државата и општеството што им ги нудат претседателските кандидати и политичките опции што стојат зад нив, а кои директно ќе се соочат на парламентарните избори, истовремено со вториот изборен круг.
Некако сигнификативно е што пред македонските граѓаните да ја донесат одлуката на националните избори кому ќе му ја дадат довербата да ја води државата во наредните пет, односно четири години, е објавувањето на годишниот извештај на Стејт департментот на САД за состојбата на човековите права во светот. Првата и очигледно најголема забелешка за Македонија во тој извештај е сериозната висока корупција, како и недовербата во судството.
Според едно искуствено психолошко правило, наречено „крај/врв“ (pick-end rule), извештајот на Стејт департментот може да се чита како последна порака до македонските граѓани пред да одлучат кому ќе му ја дадат својата доверба, како потсетување за она од што биле незадоволни во својата држава. Но и порака од меѓународната заедница, до оние политички опции што ќе ја добијат довербата на македонските граѓани, на кои цели да ги фокусираат своите политики, а тоа се очигледно: борба против корупцијата, создавање услови за владеење на правото, враќање на довербата во правната држава (судството)…
Правилото „врв/крај“ (pick-end rule), произлезено од социопсихолошката практика, вели дека луѓето го оценуваат искуството главно врз основа на тоа како се чувствувале на неговиот врв (на крајот од процесот т.е. најинтензивната точка), наместо врз основа на целокупноста или просекот на секој момент од времетраењето на тоа искуство. Ефектот се јавува без разлика дали искуството е пријатно или непријатно.
Врвот и крајот на секој изборен процес е да биде испочитувана волјата на гласачите! Нивната волја не смее да биде политички манипулирана заради какви било „повисоки цели“ и чии било интереси.
Генералниот впечаток за првиот круг на претседателските избори е дека помина мирно и без инциденти. И со јасно изразена волја! Ова е само првото изборно полувреме, а демократските и фер капацитети на политичките и општествените чинители во Македонија ќе треба целосно да се докажат и по две недели, на вториот круг претседателски избори, заедно со парламентарните. А вистинскиот предизвик за оние што ќе ја добијат довербата на граѓаните ќе биде како да бидат ставени на иста демократска фреквенција македонските национални интереси и условените очекувања на меѓународната заедница. Но ако по утрото денот се познава, тогаш јасно е во која насока тргнуваат работите…