- Со ваквото селективно толкување на човековите права во Софија и замижување на Брисел се доведува во прашање самиот концепт на универзалноста на правата. Се девалвираат конвенциите, декларациите, резолуциите и стандардите што Европа ги градела со децении како цивилизациска придобивка. Се создава впечаток дека нивната примена не зависи од правото, туку од политичката моќ
- Најголемата штета, сепак, не ја трпи Македонија. Најголемата штета ја трпи самата Европска Унија. Зашто секојпат кога ќе дозволи двојните стандарди да надвладеат над правото, таа го губи моралниот авторитет врз кој ја темели својата политика. А без морален авторитет, европските вредности остануваат само декларативна фраза
Постои еден темелен принцип без кој не може да опстане ниту една правна држава, ниту една демократска заедница, а најмалку Европската Унија: Исти правила за сите. Во моментот кога тој принцип ќе биде заменет со политичка погодност, тесен интерес, политикантство и конјунктура во истиот контекст, тогаш европските вредности престануваат да бидат вредности и се претвораат во инструмент на моќта.
Токму затоа последните пораки што доаѓаат од официјална Софија отвораат едно многу подлабоко прашање од македонско-бугарските односи. Не станува збор само за уште една дипломатска расправија. Станува збор за кредибилитетот на европскиот правен поредок.
Со години Бугарија инсистира правата на Бугарите во Македонија да бидат третирани како врвна европска вредност, како фундаментално човеково право и како услов без кој Македонија не смее да продолжи кон Европската Унија. Но кога предмет на разговор се пресудите на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) што се однесуваат на правото на здружување лица што се изјаснуваат како Македонци во Бугарија, тогаш истото прашање одеднаш се сведува на „техничка тема“, административна постапка и институционален дијалог.
Ако тоа не е двоен стандард, тогаш што е?
Најпрвин неколку реченици за човековите права. Имено, човековите права не можат да имаат националност. Тие не смеат да зависат од тоа на која страна од границата живее некој човек. Или се универзални или воопшто не се права. Особено загрижува тоа што ваквата политика не претставува само политичка реторика. Таа директно ја релативизира обврзувачката сила на пресудите на Европскиот суд за човекови права. А токму тие пресуди се столбот врз кој почива европскиот систем за заштита на човековите права. Не може една земја членка истовремено да бара бескомпромисно почитување на европските стандарди од своите соседи, а сопствените обврски што произлегуваат од пресуди на меѓународен суд да ги минимизира како административна формалност. Таквиот пристап не ја компромитира само таа држава. Тој го компромитира целиот систем.
Второ, уште позагрижувачки е молкот на европските институции.
Брисел со години уверува дека Европската Унија е заедница изградена врз владеење на правото, еднаквост пред законите и почитување на човековите права. Но кога една земја членка успешно ги претвора билатералните историски и идентитетски спорови во критериуми за пристапување, а истовремено не се соочува со истата политичка тежина за сопствените обврски што произлегуваат од пресудите на Европскиот суд за човекови права, тогаш неизбежно се поставува прашањето дали европските принципи важат еднакво за сите или зависат од политичката тежина на оној што располага со правото на вето. Со премолчување на ваквите противречности, европските институции испраќаат опасна порака дека правото е предмет на политичко толкување. А правото што се применува селективно престанува да биде право и се претвора во средство за политички притисок.
Последиците од таквата практика се далекосежни. Не се поткопува само довербата во процесот на проширување. Еродира целиот европски правен систем изграден врз Европската конвенција за човекови права, врз пресудите на Европскиот суд за човекови права и врз обврската сите земји членки еднакво да ги почитуваат преземените меѓународноправни обврски. Со ваквото селективно толкување на човековите права се доведува во прашање самиот концепт на универзалноста на правата. Се девалвираат конвенциите, декларациите, резолуциите и стандардите што Европа ги градела со децении како цивилизациска придобивка. Се создава впечаток дека нивната примена не зависи од правото, туку од политичката моќ. Тоа е опасен преседан. Затоа што денес се релативизира едно право, утре може да биде релативизирано кое било друго.
Денес се игнорира една пресуда, утре може да биде игнорирана која било пресуда. Ако тоа стане прифатлива практика, тогаш повеќе нема европски правен поредок, туку Европа на политички исклучоци.
Најголемата штета, сепак, не ја трпи Македонија. Најголемата штета ја трпи самата Европска Унија. Зашто секојпат кога ќе дозволи двојните стандарди да надвладеат над правото, таа го губи моралниот авторитет врз кој ја темели својата политика. А без морален авторитет, европските вредности остануваат само декларативна фраза. Европа ќе остане веродостојна само ако важи истото правило за сите: пресудите на Европскиот суд за човекови права не се препораки, туку обврска; човековите права не се политичка алатка, туку универзален принцип; а малцинските права не можат да бидат европска вредност во една држава и „техничко прашање“ во друга. Во спротивно, нема да биде компромитирана само политиката на една земја членка. Ќе биде компромитирана самата идеја за Европа како заедница на право, еднаквост и принципи.

































