Деновиве планинарката Маријана Ѓорѓиевска се врати од уште една планинарска експедиција, овојпат освојувајќи го врвот Ут Кангри, висок 6.070 метри, кој се наоѓа во регионот Ладах во Индија. Ако се земе предвид дека Ѓорѓиевска е втората жена во Македонија што искачила три од седумте врвови од проектот „Севен самитс“ (Seven Summits), а во 2019 година стана четвртата Македонка што го искачила Аконкагва, највисокиот врв во светот надвор од Азија, висок 6.962 метри, станува јасно дека последниот предизвик е лесно совладлива височина за неа. Меѓутоа, искачувањето на Ут Кангри има една длабоко хумана мисија, за која, меѓу другото, разговаравме при средбата со неа.
Можете ли да го опишете чувството во мигот кога стигнавте на врвот Ут Кангри?
– Како што и претходно имам изјавувано, секоја планина си има своја тежина и своја убавина, а секое стигнување на врвот носи различни чувства. Конкретно за Ут Кангри можам да кажам дека ова искачување беше многу емотивно за мене. Од една страна поради лични причини, а од друга страна поради самата цел на искачувањето. Кога стигнав на врвот, имаше огромна радост, но и некоја тишина во мене. Си помислив: „Успеав. Успеав за себе, но и за децата“. А можеби најзначајно беше тоа што таму бевме тим составен од жени што никогаш не морале да го направат ова, а некои од нив никогаш не ни помислувале дека ќе се искачуваат на 6.000 метри, но сепак го направија тоа за деца кои можеби никогаш во животот нема ни да ги сретнат. Ако можеме да се искачиме толку високо за една цел, можеме да направиме многу повеќе и долу, во нашите заедници, за нашите деца и за луѓето на кои им е потребна поддршка.

Но како се одвиваше искачувањето?
– Искачувањето се одвиваше малку позабрзано од вообичаеното за искачување на високи планини над 3.000 метри. Тоа предизвика дополнителни проблеми кај учесничките, а не бев исклучок ни јас, особено ако се земе предвид мојата голема пауза од спортувањето. Петдневниот престој на планината започна со лет од Делхи, кој е на околу 300 метри надморска височина, до Лех, град на 3.500 метри. Наредниот ден со комби стигнавме до 4.300 метри, а денот потоа пеш се искачивме до базниот камп на 5.200 метри. Четвртиот ден имавме аклиматизациско искачување и вежби на 5.600 метри, каде што оставивме дел од техничката опрема, за петтиот ден да тргнеме кон врвот, на 6.070 метри. Големите висински разлики и брзото искачување си го направија своето. Повеќе од половина од тимот мораше да се откаже и да се врати во градот. Физички, на врвот стигнавме само десетмина. Но јас искрено чувствувам дека на врвот бевме сите: сите членови на нашиот тим, сите поддржувачи и донатори, а пред сѐ, сите деца на кои преку организацијата „Кили фор кидс“ (Kili4Kids) им обезбедуваме подобар пристап до образование и оние на кои допрва ќе им го обезбедиме.
Имаше ли миг во кој помисливте да се откажете?
– За жал, ова е моето прво искачување за кое не планирав да одам до крај. Целта ми беше да стигнам до базниот камп на 5.200 метри и првпат во животот сериозно помислив да се откажам. Преминот од 300 на 3.500 метри за мене беше исклучително тежок. Добив стомачен вирус, имав проблеми со храната, а тоа доведе и до тешкотии со пиењето вода, нешто што е многу важно за адаптацијата на телото и за намалување на ризикот од висинска болест. Но Бог очигледно имал друг план за мене. А јас, со текот на времето, научив да му се препуштам нему. Некако, постепено, работите почнаа да се средуваат. Ми се враќаше силата и повторно почнав да верувам дека можам. И така, нешто што започна со мислата „ќе стигнам само до базниот камп“, на крајот ме однесе до 6.070 метри.

По што е карактеристичен овој врв?
– Она што за мене го прави особено интересен е неговата приказна. Врвот првпат е искачен во септември 2019 година, непосредно пред светот да влезе во периодот на пандемијата. Првото искачување го направил токму нашиот водич, заедно со членовите на неговата компанија „Чо експедишн“ (Cho Expedition). Една вечер тој ни ја раскажа приказната за првото искачување и за тоа како врвот го добил своето име. Ладах е посебен регион во северна Индија, сместен во близина на границите со Кина и Пакистан. Поради својата географска положба, низ историјата бил изложен на различни територијални и политички притисоци. И покрај тоа, народот на Ладах успеал да го зачува својот специфичен културен, јазичен, гастрономски и традиционален идентитет. Токму во чест на таа посебност, нашиот водич и неговиот тим одлучиле врвот да го наречат „Ут Кангри“ (Ut Kangri). „Кангри“ во локалниот контекст означува врв, додека „УТ“ (UT) е кратенка од „јунион територи“ (Union Territory), односно сојузна територија.
Како дојде до можноста токму вие, како единствена претставничка на Македонија, да бидете дел од оваа експедиција?
– Како членка на „Лајонс клуб Прилеп“ (Lions Club Prilep), благодарение на моите колеги од клубот, се запознав со меѓународната хуманитарна иницијатива „Кили фор кидс“ (Kili4Kids). По доставувањето на мојата планинарска биографија, добив покана да бидам дел од ова големо светско хумано семејство. „Кили фор кидс“ е иницијатива создадена преку „Лајонс интернешнл“ (Lions International). Целта е преку искачување на десет врвови низ светот да се соберат еден милион долари за изградба на десет училишта во средини каде што пристапот до образование не е еднаков. Досега се реализирани четири експедиции, изградени се две училишта, во Танзанија и во Кенија, а третото е во изградба во Непал. Во секоја експедиција учествува по една жена како претставничка на својата држава, а можат да учествуваат и амбасадори. За мене беше особена чест да ја претставувам Македонија. Но, пред сѐ, го доживеав како одговорност, да ја претставувам мојата земја и да помогнам пораката дека секое дете заслужува еднаква можност за образование да стигне што подалеку.
Што е она што ви остави најсилен впечаток и ќе го понесете како животна трага?
– Мислам дека најсилно ќе ми остане сознанието дека понекогаш не мора да направите нешто огромно за да направите разлика, доволно е она што го правите да има смисла. Јас се искачив на 6.070 метри. Но таму, на врвот, размислував за деца што можеби се борат со многу поинаков предизвик: да стигнат до училиште, да имаат услови да учат и да имаат можност да го изберат својот пат. И тогаш височината добива друго значење. Овој врв не беше само за мене. Беше за децата.
Раскажете ни за Њу Делхи, за Таџ Махал, за Лех…
– Ова патување беше неверојатен контраст. Од една страна го имате Њу Делхи, град на огромни контрасти. Имате делови каде што луксузот е присутен насекаде, но и делови каде што се соочувате со голема сиромаштија и отпад. Искрено, не е место каде што би посакала да живеам. Но Делхи има и прекрасни знаменитости: „Лотус темпл“ (Lotus Temple), „Ред форт“ (Red Fort), „Индија гејт“ (India Gate)… а секако и задолжителната посета на светски познатиот Таџ Махал, кој навистина треба да се види во живо. Од друга страна е Лех, најголемиот град во Ладах, сосема друг свет. Таму веќе го чувствувате планинскиот воздух, тишината и еден многу поспокоен ритам на живот. Мене особено ме освоија планинските пејзажи, манастирите, духовноста и чувството дека природата и човекот живеат во некаква посебна хармонија. Делхи беше интересно искуство, но Лех е место на кое со задоволство би се вратила.

Но ова не е прво ваше значајно искачување…
– Така е, Ут Кангри не е првата голема планина на која сум се искачила. Можам да се пофалам со богата планинарска кариера. Јас сум втората жена од Македонија што има искачено три од седумте врвови од проектот „Севен самитс“ (Seven Summits), а во 2019 година станав и четвртата Македонка што го искачила Аконкагва, највисокиот врв во светот надвор од Азија, висок 6.962 метри. Во изминатите години сум се искачувала на четири континенти, во речиси 20 земји во Европа, на десетици врвови во светот над 5.000 метри, на три врвови над 6.000 метри, на технички и помалку технички врвови… Планината е долгогодишен дел од мојот живот, еден вид партнер што не го експонирам многу во јавноста, бидејќи, пред сѐ, го правам тоа за свое лично задоволство. Порано врвот беше предизвик што сакав да го совладам јас. Денес сѐ повеќе размислувам што можам да понесам од тој врв назад со себе и за кого можам да ја искористам таа приказна.
Вистина ли е дека на врвот има место само за еден?
– Физички, можеби некогаш чувството е такво. Понекогаш на врвот има многу малку простор. Но јас би рекла дека на врвот никогаш не стигнувате сами. Со вас се луѓето што ве поддржувале, семејството, пријателите, тимот, водичите, сите оние што верувале во вас. А во мојот случај, со мене беа и децата за кои се искачував. Затоа за мене на врвот имаше место за многу повеќе од еден.
Кој врв полесно се искачува, планинскиот или оној во себеси?
– Многу тешко прашање. Понекогаш, додека се искачувам, размислувам дали решението доаѓа поради големиот физички напор или концентрацијата на физичкиот напор едноставно ни го разбиструва умот за полесно да го видиме врвот во себе. Нешто како приказната со кокошката и јајцето, не знаеш што било прво. Планината има јасна патека. Може да биде стрмна, тешка, да има снег и ветер, но знаете каде одите. Во себе немате секогаш толку јасна патека. И затоа мислам дека најголемите врвови што ги искачуваме не се секогаш оние над 6.000 метри. Понекогаш најголемиот врв е да поверувате дека можете. А уште поголем е кога ќе сфатите дека вашата сила можете да ја искористите за некој друг. Не е важно само колку високо ќе стигнете. Важно е кого ќе поведете со себе и што ќе оставите зад себе.
































