фото: Маја јаневска-Илиева

Одбраната започнува со изнесување на свои сведоци и вештаци во судскиот процес за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, но тоа нема да ги промени утврдените факти за објектот, порача Александар Наунов, кој говореше во име на семејствата на загинатите млади лица, пред денешното рочиште, пренесе МИА.

Наунов праша кој сведок или вештак би можел да докаже дека дискотеката имала законска пренамена, сопствен паркинг и исполнети минимално-технички услови, како и кој би можел да го оправда непостапувањето на Општината и другите надлежни институции.

Според него, обвинетите од обезбедувањето не се на обвинителна клупа поради нивната реакција во моментот на пожарот, туку поради сомнеж дека не ги исполниле своите обврски пред трагедијата.

-Херојство откако сè било во пламен не ја брише одговорноста за она што не било направено претходно – истакна Наунов.

Тој додаде дека одбраната има право да предлага сведоци и докази, но оти со сведочење не може да се промени пренамената на објектот, со вештачење да се создаде паркинг, ниту со адвокатски говор лиценцата за салон за теписи да се претвори во дозвола за дискотека.

-Се обидуваат да го бранат неодбранливото. Правдата можат да ја одолжуваат. Вистината не – нагласи Наунов.

На денешното рочиште, одбраната изнесе забелешки за работата на вештаците, особено во однос на градежното вештачење. Дел од забелешките, како што беше посочено, веќе биле доставени и во писмена форма.

Обвинителот Дарко Јакимовски, пак, побара од судот да ѝ наложи на одбраната да достави прочистена и веродостојна листа на докази што има намера да ги изведува во постапката.

Јакимовски посочи дека на речиси секое рочиште се надополнува, дополнува или предлага нов доказ, што, според него, создава процесна неконтролираност и ја отежнува работата на судот.

-После година и половина од настанот и речиси една година од почетокот на расправата, уште не видовме единствена листа на докази од одбраната – истакна обвинителот.

Тој побара судот да ги задолжи сите бранители веднаш да достават единствена листа на докази, за обвинителството да може да се произнесе по неа без дополнително одлагање.