Македонците во дијаспората – нераскинлив дел од македонскиот национален супстрат

Секојдневно добиваме голем број информации за богатите активности и манифестации на Македонците, насекаде каде што живеат низ светот. Одговорот зошто е тоа така, е многу едноставен. Ако внимателно ги проследиме историските сведоштва, можеме да согледаме дека низ вековите Македонците се иселувале во околните држави, но и низ Европа и светот. Меѓутоа споменатата историска документација и литература потврдуваат и уште еден непобитен факт, без разлика на причините за емигрирање Македонците никогаш не ги заборавиле својата татковина, јазик, култура, обичаи итн.

Со терминот дијаспора се означува дел од еден народ или нација што живее надвор од татковината или матичната држава. Во минато под овој термин се подразбираше принудно протерување, но во современоста зборот се употребува за популација што поради одредени економски или општествени причини доброволно заминала да живее во далечна туѓина. Како и многу други народи и нации низ светот, Македонија има своја сопствена дијаспора. Доколку се земат предвид многубројните околности, Македонците се иселувале и сѐ уште се иселуваат од својата земја, најчесто во потрага по подобар живот.

Ако внимателно ги проследиме историските сведоштва, можеме да согледаме дека низ вековите Македонците се иселувале во околните држави, но и низ Европа и светот. Меѓутоа споменатата историска документација и литература потврдуваат и уште еден непобитен факт, без разлика на причините за емигрирање Македонците никогаш не ги заборавиле својата татковина, јазик, култура, обичаи итн. Затоа, не попусто се користи фразата дека Македонија била жива насекаде каде што живееле Македонците. Ова е особено видливо во дејноста на австрискиот барон од македонско потекло Константин Бели – Македонецот роден во средината на 18 век, кој во своето „Завештание“ при баварската влада посочил да им се дава „стипендија на двајца Македонци“ во Минхен, под услов „да ја сакаат и да ја почитуваат нашата драга некогаш славна татковина – Македонија.“ Дејноста на Македонците низ светот не била ограничена само со помагање на сонародниците и афирмирање на љубов кон татковината туку и со конкретни чекори кон создавањето на македонската држава и кодификација на македонската нација. Во оваа конотација треба да се спомене и Македонското научно-литературно другарство во Санкт Петербург, во чие гласило „Македонски глас“, поточно под насловот на корицата на првиот број, стоеле зборовите на македонскиот револуционер Борис Сарафов: „Ние Македонците не сме ни Срби ни Бугари, туку просто Македонци. Македонскиот народ постои независно од бугарскиот и српскиот. Ние им сочувствуваме и на едните и на другите, и на Бугарите и на Србите: кој ќе го помогне нашето ослободување, нему ќе му речеме благодарам, но Бугарите и Србите нека не забораваат дека Македонија е само за Македонците“. Во овој дух се и активностите на Анастас Коцарев, кој ја обедини македонската емиграција во Швајцарија и во судбоносните историски моменти се залагаше „за единствена и независна Македонија“.

Доколку внимателно анализираме, постојат уште стотина вакви примери, но посуштински е фактот дека Македонците низ светот никогаш не ги заборавиле својата татковина и сонародници. Оваа љубов кон Македонија, како и љубовта кон македонските особености – јазик, култура, обичаи итн., продолжуваат и денес. Бројката на денешната македонска дијаспора тешко може да се процени затоа што многумина иселеници со македонско потекло се родени во странство, голем број се од второ, трето или четврто колено. Според еден статистички податок, вкупната бројка на македонската дијаспора низ светот е околу милион луѓе, а најмногу од нив живеат во прекуокеанските земји, Австралија, САД, Канада, како и во Европа. Иако познавачите на состојбите укажуваат дека станува збор за многу поголема бројка, но тоа е веќе прашање што дополнително треба да се апсолвира.

Но доколку внимателно се проследат активностите и дејностите на многубројната македонска дијаспора во изминатиов период, очигледно е дека Македонците не ги заборавиле своите корени и слично како баронот Константин Бели, Македонското научно-литературно другарство или, пак, Анастас Коцарев ги афирмираат македонските национални интереси. Споменатите имаат свои наследници во ликот и делото на Македонскиот национален совет од Швајцарија или Централниот совет на Македонците во Германија, но и на голем број други македонски здруженија и организации низ светот. Ако внимателно ја проследиме активноста на македонската дијаспора од Европа, Канада, САД или Австралија, очигледно е дека тие постојано ги афирмираат македонските национални, културни, јазични и историски особености, а во оваа конотација не треба да се заборави и нивната помош за македонските малцинства во околните држави – Бугарија, Грција, Албанија и Србија. Дека Македонците не ги заборавиле своите корени, својата татковина и своите сонародници потврдува и потпишувањето на меморандумот за соработка помеѓу Централниот совет на Македонците во Германија и македонското друштво „Илинден“ – Тирана, претставени од Роберт Кленкоски и Никола Ѓурѓај.

Како илустрација за богатите активности овој пат би ги издвоиле нашинците во Швајцарија, од каде што доаѓа најавата за манифестацијата „Македонски ден“ во организација на македонското друштво „Македонија“ од Ешалан, но и за активностите на фудбалскиот клуб Македонија од Локарно или за Ане Тимовска-Митрева, која е наставничка по македонски јазик во пет училишта во Локарно, Муралто и околните места во кантонот Тичино во Швајцарија. Тука треба да се споменат и идните проекти на Македонскиот национален совет од Швајцарија, како што е организирањето гала-прием во палатата на ООН во Женева, во соработка со Теута Агаи-Демјаха, амбасадорка и шефица на Постојаната мисија при ООН во Женева, на која ќе биде претставена Македонија пред амбасадори од целиот свет.

Доволно е да се види само овој пример од Швајцарија за да се заклучи дека е очигледно дека македонската дијаспора не ја заборавила својата татковина. Но ваквиот пример треба да биде уште едно камче во мозаикот на добро познатата вистина дека македонското општество мора да преземе сериозни активности што ќе доведат до продлабочување на врските со Македонците што живеат надвор од Македонија, затоа што македонската дијаспора е нераскинлив дел од македонскиот национален супстрат.