ОДБОЈКА – ЗЛАТНА И СРЕБРЕНА ЕВРОПСКА ЛИГА

Во третото коло, машката селекција во Скопје во неизвесен меч ја совлада Хрватска со 3-2, а женската го доживеа и третиот пораз со 0-3, овој пат од Естонија. „Победивме две силни репрезентации, кои ќе бидат и учеснички на Европското првенство годинава, а и од кои губевме во минатото. Победите и поразите се составен дел, но за нас е многу побитно она за што се подготвуваме, а тоа е Европското првенство“, вели селекторот на машката одбојкарска репрезентација, Јошко Миленкоски

Машката одбојкарска репрезентација на Македонија со две победи и еден пораз против квалитетни селекции ја заврши првата фаза од настапите во годинашната Златна европска лига, во групата Б, во која е всушност и дебитант.

Во третото коло, во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, во крајно неизвесен и драматичен меч ја победи Хрватска со 3-2 (25-17, 25-22, 22-25, 29-31, 16-14), по 131 минута игра. Оваа победа им донесе два бода на македонските одбојкари, иако водеа со 2-0, па моментно се втори на табелата, на која води Украина, која единствена оствари три убедливи победи.

Хрватска годинава е и домаќин на фајналфор-турнирот, на кој ќе се пласираат првопласираните три селекции од секоја од трите групи. Ако Хрватска биде прва во својата група, каде што игра и Македонија, тогаш и второпласираниот ќе игра на тој турнир.
– Против Хрватска одигравме драматичен натпревар, но, добро е, оти вакви дуели ќе имаме и на претстојното Европско првенство во Скопје. Нема да биде лесно и, секако, треба да бидеме подготвени за вакви тешки мечеви. Имавме и добри и лоши страни во третиот меч, но овој спорт е таков кога играат две рамноправни репрезентации. На крајот, сепак, покажавме карактер и смиреност, се фокусиравме во петтиот сет, што особено радува. Бидејќи немавме пријателски натпревар, токму овие натпревари во Златната европска лига треба да ни бидат како контролни, кои од своја страна, пак, ќе ни покажат како може да играме и да ја градиме таа игра против одреден противник, а особено во вакви тешки моменти кога резултатот е неизвесен до самиот крај – вели селекторот Јошко Миленкоски.

Миленкоски е свесен за квалитетот на селекциите со кои Македонија играше во годинашната Златна европска лига, но и тоа дека претстојат три тешки возвратни дуели.
– Победивме две силни репрезентации, кои ќе бидат и учеснички на Европското првенство годинава, а од кои губевме во минатото. Белгија првпат ја победивме, а со Хрватите имавме негативен резултат претходните неколку средби. Следните натпревари на гости ќе бидат тешки. За мене е доволно и ова што досега го покажавме, оти видовме дека можеме да играме рамноправно. Победите и поразите се составен дел, но за нас е многу побитно она за што се подготвуваме, а тоа е Европското првенство. Ако сакаме вакви натпревари и ако ги добиваме со ваква игра, тогаш ќе кажеме дека имаме квалитет, карактер и дека заслужено ќе го играме претстојното Европско првенство, а, секако, дај боже, да постигнеме и добар резултат – вели Миленкоски.
Македонија во август и во септември ќе биде домаќин на групата Ц на Европското првенство (ЕП) за одбојкари, во која црвено-жолтите во Скопје ќе се сретнат со селекциите на Данска, Црна Гора, Полска, Холандија и на Чешка. Првопласираните четири репрезентации од секоја од четирите групи на ова 34-то европско првенство (натпревари ќе се играат и во Италија, Бугарија и во Израел) ќе се пласираат во осминафиналето (групата Ц вкрстува со селекциите од групата А, во која се Италија, Белгија, Германија, Естонија, Србија и Швајцарија). За репрезентацијата на Македонија тоа ќе биде трето учество на континенталните одбојкарски шампионати, по настапите во 2019 и во 2021 година.

Женската одбојкарска репрезентација на Македонија, пак, која по подолго време повторно е присутна на европската сцена, го претрпи и третиот пораз во Сребрената европска лига, загубувајќи од фаворитот Естонија со 0-3 (10-25, 14-15, 20-25). Македонките сите три меча ги одиграа во Скопје, па сега реваншите ќе ги играат на гостински терени, а прв ќе биде мечот в сабота, и тоа токму кај Естонија.
– Го немаме тоа искуство за да може да одиграме квалитетно на секој меч. Ние и понатаму ќе осцилираме во играта. За да стекнеме сѐ, потребно ни е време. Во третиот сет против Естонија покажавме дека можеме да играме со посилни противници, додека во претходните два сета, имаше многу страв, грч… Но сето тоа е ново за девојките и психолошки влијае кај нив. Сега го поставуваме темелот, имаме уште три меча до крајот и мислам дека по нив ќе знаеме по кој пат ќе тргнеме – вели селекторот Стефан Пауновиќ.


Капитенот Ѓоргиев – капитенски

Капитенот на македонската одбојкарска репрезентација Никола Ѓоргиев одигра капитенски на сите три меча во Златната европска лига, беше најефикасен и вистински предводник во црвено-жолтите редови. На мечот со Хрватска беше најефикасен со дури 30 поени. На дуелот со Белгија постигна 20, а против Украина 12 поени. Веднаш до него одличен на мрежата беше и Александар Љафтов со 18 поени против Хрватите, 16 против Белгијците и 12 против Украинците. Г.И.