Излитени фрази во тажното секојдневие

Тоа што водачите на политичките кланови и некои „успешни“ луѓе од земјава уредно ѝ ги презентираат на јавноста своите фотографии од разни настани од регионален или од глобален карактер, обидувајќи се да создадат илузија оти, ете, и ние можеме да го држиме нивото, не ја намалува болката предизвикана веќе и од самата глетка на тажното секојдневие што упорно се повторува. Исто како што упорно се повторуваат и бесконечните меѓупартиски и внатрепартиски игри, кои, според некои, сега веќе докажано погрешни замисли, би требало да ја разбудат надежта кај граѓаните дека некој нов ќе дојде за да им ги понуди старите ветувања за „обемни мерки“, „коренити реформи“, „решителни борби“, „искрени заложби“… Тие фрази се потрошени, излитени, како долната облека на повеќето граѓани на оваа земја

Во недостиг од визија за управување со државата дури и во мирновременски услови, а камоли во сложените кризни времиња какви што се сегашните, политичките елити во земјава, овие денови, месеци, години…, наместо сиот свој, вистина, мошне скромен потенцијал да го насочат кон барање и нудење конструктивни решенија за излез од неосветлениот тунел во кој, што по сопствената вина што поради објективните околности, сите заедно се најдовме и на чиј крај светлината е сѐ попридушена, упорно се натпреваруваат во себичноста, до неподносливост за општеството и за државата. Ги стеснуваат сферите на сопствените интереси, си ги утврдуваат одбранбените позиции дотолку што веќе не се ни трудат да ги прикажат нештата поинаку.

Имено, од политичките партии, барем од оние најдоминантните, деновиве се испраќаат силни сигнали дека работата е врвка. Затоа, внатрепартиските пресметки во СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ… за пошироката јавност не би требало да претставуваат само, сега веќе неопходната, како кај зависниците од разни опијати, доза дневнополитичка забава, туку силен сигнал дека нештата не чинат, дека веќе нема простор за сите, дека има сѐ помалку „плен“ за распределба.

И додека светот забрзано се распаѓа на сѐ помали парчиња, додека на оние што се обидуваат само да преживеат од сопствениот труд, граѓаните и компаниите што не се во директна спрега со партиските структури, водата веќе им е дојдена до носот, таканаречените лидери, упорно сметајќи со кусото паметење на народот, си ги туркаат своите лични агенди како дека, само за нив, животот е една неограничена права линија, а не циклично движење што, само навидум, постојано се повторува, но во реалноста, сепак, некаде мора да биде прекинато. За да се започне одново.

Познато е дека сѐ има свој рок на траење, како и тоа дека трајноста го одредува квалитетот. А квалитетот на овдешните политички елити, особено сега, во услови на сѐ посложена криза, се покажа како исклучително лош. И додека на опозициските партии, на некој начин, и би можело да им се прогледа низ прсти, партиите што ја држат власта, независно дали тоа е на централно или на ниво на градот Скопје и на општините, сега веќе би требало добро да си ги премерат чергичињата. По долгогодишното занемарување на сето она што се наоѓа надвор од главниот град, сега веќе и на Скопје, во кое живее повеќе од една третина од населението на Македонија и кое би требало да ја репрезентира државата во секоја смисла, му се случува распад на системот, од комуналниот до моралниот. Сликите што ја илустрираат таквата состојба сѐ позабрзано се менуваат.

Хендикепираното здравство очигледно нема време и средства да се занимава со тоа, но згрчените фацијални мускули кај луѓето што сѐ почесто можат да се сретнат на улиците доволно зборуваат за состојбата на општеството и на државата. Не е претерано ако се каже дека такви изрази на лица можат да се забележат уште само во средините што минале низа повеќегодишни оружени војни. А граѓаните на Македонија војуваат веќе со децении, тивко и ненасилно, со надворешните и со внатрешните непријатели. И додека надворешните непријатели, низ годините се менуваа, истиот, внатрешен непријател, константно им ги поткопува животите на луѓето на разни, за современи држави, недозволиви начини. Тоа што водачите на политичките кланови и некои „успешни“ луѓе од земјава уредно ѝ ги презентираат на јавноста своите фотографии од разни настани од регионален или од глобален карактер, обидувајќи се да создадат илузија оти, ете, и ние можеме да го држиме нивото, не ја намалува болката предизвикана веќе и од самата глетка на тажното секојдневие што упорно се повторува.

Исто како што упорно се повторуваат и бесконечните меѓупартиски и внатрепартиски игри, кои, според некои, сега веќе докажано погрешни замисли, би требало да ја разбудат надежта кај граѓаните дека некој нов ќе дојде за да им ги понуди старите ветувања на „обемни мерки“, „коренити реформи“, „решителни борби“, „искрени заложби“… Тие фрази се потрошени, излитени, како долната облека на повеќето граѓани на оваа земја.

Што уште може и треба да се направи за „политичарите“ да сфатат оти веќе го потрошија сиот простор за манипулации со јавното мислење, за неприлични натпревари со народот, и дека уште вчера беше крајниот рок меѓусебно да си ги израмнат сметките и, конечно, да се зафатат со работата за која ја добиле довербата од своите гласачи и за која се добро платени, а и самите, како што веќе е општо познато, дополнително си наплатуваат?