Дали со лага се станува ага?

Изборот на новиот шеф на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Ислам Абази, уште еднаш на отворена сцена ја потенцира линијата на помал отпор во Македонија, според која функционираат правните институции пред влијанието и моќта на политиката и политичките партии. Таквиот однос на квазидемократско поврзување на политиката и правдата во изборот на првиот човек на институција за борба против токсичните коруптивни слабости на општеството произлезен и од дејства на политичката елита, дополнително е ставен под сомнеж на јавноста со вербалниот „танц“ на обвинителот Абази по работ на сечилото меѓу вистината и лагата за неговите релации со лидери и членови на политички партии

Некако премолчено, во политичката практика како да стана „политички некоректно“ да се оперира со зборот „лага“ како целосен опозит, односно антоним на вистината. Споменувањето на лагата во политички контекст (т.е. наведувањето дека некој лаже) сѐ почесто се смета за обвинување, што е доволно сериозно да предизвика правен заплет за актерите во комуникацијата со вистини и лаги. Како прагматично решение за коректност во политичката комуникација сѐ почесто се практикува лагата да се дефинира како „повеќеслојни нијанси на вистината“.
Додека ценета „алхемиска“ вештина на политичката пропаганда е „сто пати повторената лага да стане вистина“, правдата, правичноста и праведноста се базичните вредности на државите и општествата што се нарекуваат демократски. А правдата, правичноста и праведноста не толерираат нијансирање на вистината, па дури и нејзиното премолчување не е оправдување за нејзиното избегнување.
Изборот на новиот шеф на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Ислам Абази, уште еднаш на отворена сцена ја потенцира линијата на помал отпор во Македонија, според која функционираат правните институции пред влијанието и моќта на политиката и политичките партии. Таквиот однос на квазидемократско поврзување на политиката и правдата во изборот на првиот човек на институција за борба против токсичните коруптивни слабости на општеството произлезен од дејства на политичката елита, дополнително е ставен под сомнеж на јавноста со вербалниот „танц“ на обвинителот Абази по работ на сечилото меѓу вистината и лагата за неговите релации со лидери и членови на политички партии. Изјавувајќи дека не е, ниту бил член на политичка партија, ниту имал директни контакти со лидерот на политичката партија за која јавноста препознава дека влијаела за неговиот избор на новата функција, новиот шеф на ЈО ГОКК, можеби не ја кажа целата вистина, ама загази длабоко во нијансите на лагата. Зашто набрзо по оваа негова изјава, во медиумите се појавија заеднички фотографии на Абази со високи функционери и блиски луѓе на лидерот од партијата за која се шпекулира дека инструирала за неговиот избор. Поткрепа на ваквите сомнежи дава и нетранспарентно мистериозното однесување на Абази во предизборниот период за прв човек на ЈО ГОКК, кога беше единствениот кандидат што остана непознат, како за стручната така и за општата јавност, а не учествуваше и на јавната медиумска дебата со другите тројца противкандидати.

Изборот на обвинителот што ќе го води Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција првпат беше спроведен со гласање на сите обвинители, што требаше да претставува своевиден демократски исчекор и доверба во компетентноста и професионалноста на обвинителите при носењето одлуки. Но претходното нетранспарентно однесување во постапката на избраниот Абази, како и неверодостојноста на неговите први изјави пред медиумите за неговите (навистина неформални) политички релации, остава простор за голема резервираност во однос на компетенциите, капацитетите и (не)селективноста во пристапот при справувањето со организираниот криминал и корупцијата. Дотолку повеќе што избраниот кандидат нема доставено ниту подготвено програма според која ќе работи, што само по себе е парадокс од невидени размери.
Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, како релативно независен оддел на Основното јавно обвинителство, има исклучително важна улога за процесот на евроинтеграции на Македонија, во смисла на постигнување задоволителни стандарди за владеење на правото правната држава.

Обвинителствата од овој вид имаат специјален третман и од претставниците на меѓународната заедница, кои гласно инсистираат и го ставаат како примарна цел на своите активности искоренувањето на корупцијата и (политички) организираниот криминал. Тоа го нагласи и новата американска амбасадорка во Македонија, Анџела Агелар, уште пред да му го предаде акредитивното писмо на македонскиот претседател Пендаровски, истиот ден кога Абази стапи на должност во ЈО ГОКК. Со оглед на претходните неуспешни искуства до степен со СЈО во борбата против корупцијата и организираниот криминал, како и контроверзните процеси поврзани со дејствувањето на претходничката на Абази, Вилма Рускоска, одговорноста на „подновеното“ ЈО ГОКК е многу поголема, во смисла дека треба засилено, поажурно и поефикасно да ги реши заостанатите предмети од претходниците. Секако, очекувањата се да се работи законито, неселективно, со особена „недопирливост“ од партиски влијанија. Почетокот на новиот прв човек во борбата со „елитните“ општествени девијации предизвикува скептицизам и резервираност на јавноста, интерпретирани во по малку фолклорното прашање – дали и понатаму во Македонија со лага се станува ага?